Меѓународна летна школа за архитектура
21.07.2023 • Информации
Архитектонски факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје,
32-ра сесија, Лазарополе, 2023
Архитектонски алатки за рурално живеење
Архитектонска работилница со Манфредо ди Робилант
Овогодинешната меѓународна Летна школа за архитектура која по 32-ри пат ја организира Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје се одржа од 01-08 јули 2023 година во хотелот „Калин“ во селото Лазарополе. Гостин тутор и раководител на архитектонската работилница насловена „Архитектонски алатки за рурално живеење“ беше доц. д-р Манфредо Ди Робилант (Manfredo Di Robilant) од Политехничкиот Универзитет во Торино, Италија.
Темата на годинешната Летна Школа воспоставува релација со истражувачкиот проект „Глобални Алатки“ (Global Tools) на нео-авангардната група Суперстудио (Superstudio) кој претставува обид за справување со кризата на модерната архитектура во седумдесетите години на минатиот век. Целта на „Глобални Алатки“ беше навраќање кон корените на архитектонскиот проект преку проучување на основните работни алатки на руралните традиции.
Потпирајќи се на искуството на „Глобални Алатки“ (Global Tools), работилницата имаше за цел да го прошири и реконструира нивното значење преку прагматичен пристап кон Лазарополе, место кое претставува полунапуштено, изолирано село сместено на надморска височина од 1.350 метри, на сеуште малку антропизираната пошумена јужна граница на националниот парк Маврово. Денес, Лазарополе кое е посетувано исклучиво во текот на пролетните и летните месеци се соочува со проблеми поврзани со јавните простори како не доволно опремени за вдомување на локалните активности и динамики.
Работилницата се поставува наспроти современите тенденции за присвојување на интернационални практики за тоа како треба да се интервенира во локален контекст и се оттргнува од дискурсите за зачувување и повторна употреба на објектите кои верно ја одразуваат традиционалната локална типологија на селската куќа. Работилницата предлага учење од алатките за населување што локалната заедница ги развила низ вековите и како истите можат да се приспособат/трансформираат за моменталните потреби на сезонскиот туризам. Работилницата не претставува носталгичен поглед, туку прагматичен пристап за современата состојба на Лазарополе, проектирање на неговата иднина како природно климатско прибежиште во периодот на зголемените летни температури.
Во оваа насока, 18 локални и интернационални студенти работеа на проектирање „архитектонски алатки“ за јавните простори на селото со цел да ја подобрат нивната способност да бидат домаќини на веќе постојните и да поттикнат нови настани и содржини за привремените жители. Kрајниот резултат од работлницата е дестилиран преку 6 архитектонско-рурални интервенции од мал размер, како:
- (1) Storyweaving -павиљон за перформативно перење теписи и различни ткаенини каде посетителот преку плетење на разбој-фасадата учествува во постепеното обликување на обвивката на павиљонот.
Филип Зафировски, Димитар Милев, Фросина Станковска
- (2) Stable but mobile -замисла за подвижна трансформабилна привремена штала за коњите на посетителите од блиските села, туристите или за потребите на заедницата.
Салих Зеќири, Димитрис Когкалидис, Лирик Шабани
- (3) The Skycatcher -мини опсерваторија која се развива на платформи поставени на различна висина преку кои може да се набљудуваат ѕвездите или да се согледа селото со околниот планински пејзаж.
Теодора Кабоури, Милица Сретенович, Ана Марија Теодороглу
- (4) Rurban Chardak -интервенција во облик на урбан тепих кој е обликуван во вид на трага на плочникот и го дефинира јавниот простор средсело како сврзно ткиво помеѓу различни ентитети (маркет, хотел, селска куќа).
Бојана Вуковојац, Бојана Станковска, Ања Тодоровска
- (5) Kalina Kula -интервенција поставена помеѓу две планински патеки кои водат до пештерата Калина Дупка и врвот Соколица, замислена како вертикална структура во вид на кула наменета за подготовка на посетители за планинарење или прошетка.
Бојана Исијанин, Марија Милошеска, Марија Тасеска
- (6) Zoom Rooms -експеримент за работниот простор како соби со минимална димензија наменети за работа на далечина и подготовка на чај од локални тревки дисперзирани низ селскиот пејзаж.
Ангела Десаноска, Љупка Коцева, Мартин Пулески
Автор на текстот Благоја Бајковски
Меѓународна летна школа за архитектура
Архитектонски факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје,
32-ра сесија, Лазарополе, 2023
Гостин тутор и раководител на архитектонската работилница:
Доц. д-р Манфредо Ди Робилант
Секретар:
Асист. д-р Благоја Бајковски
Тутори:
Асист. д-р Благоја Бајковски, Асист. м-р Теа Дамјановска, асист. м-р Ана Рафаиловска
Организација:
Проф. д-р Бојан Каранаков
Учесници:
Бојана Вуковојац, Ангела Десаноска, Филип Зафировски, Салих Зеќири, Бојана Исијанин, Теодора Кабоури, Љупка Коцева, Димитрис Когкалидис, Димитар Милев, Марија Милошеска, Мартин Пулески, Милица Сретенович, Фросина Станковска, Бојана Станковска, Марија Тасеска, Ања Тодоровска, Ана Марија Теодороглу, Лирик Шабани
Автор на фотографиите:
Бојана Исијанин, Мила Гавриловска
Автор на статија: Ноеми Чаусидис
2023 / 32-ра сесија / Архитектонски факултет / Лазарополе / Меѓународна летна школа за архитектура / УКИМ