Мородвис

Селото Мородвис се наоѓа во кочанската котлина на 7 километри јужно од Кочани, во подножјето на планината Плачковица. Во централниот дел од селото на едно извишено плато, на површина од околу 1000 метри квадратни, се наоѓа локалитетот познат меѓу жителите како Црквиште или Гумно. Овој локалитет бил активно истражуван во 1980тите при што се пронајдени остатоци од три цркви и една некропола. Според истражувачите, јужно од селото биле забележливи остатоци од бедем, кој заедно со локалитетот Црквиште формираат еден археолошки комплекс. Името на населбата за прв пат се сретнува во средновековни историски извори и претставува уникатен пример за населба која го носи истото име повеќе од еден милениум. Најстар извор е од византискиот хроничар Јован Скилица, кој запишал дека по падот на Самуиловото кралство, претставници од Моробиздон го посетиле царот Василиј II за да го предадат градот на византиска власт. Мородвис се спомнува и во 1019 година во свечената повелба на царот Василиј II кога станува епископски центар во рамки на Охридската епархија. Во XII век името на населбата е забележано како Furmisdos во патеписите на познатиот арапски географ Мухамед ел-Идриси, додека во наредните векови името на населбата е забележано во разни српски пишани извори како Мородвижд.

 

 

Локалитетот Црквиште е единствената истражена локација во рамки на археолошкиот комплекс и се смета за централно јадро на средновековниот град каде и што се наоѓала епископијата. Археолозите сметаат дека бедемите кои се наоѓаат на падините од планината биле изградени во шестиот век и биле користени за одбрана од наездата на словенските племиња во тој период, кои со текот на времето станале жители на Мородвис. Западно од црквите, на локалитетот познат како Градиште, биле пронајдени бакарни монети кои се типични за петиот и шестиот век и ги сочинуваат најраните движни наоди од овој археолошки комплекс. Во рамки на локалитетот Црквиште, стратиграфијата на археолошките слоеви е комплицирана и самите објекти се датирани врз база на аналогни примери во архитектурата и мал број на движни наоди.

 

Основа на истражените објекти во 1980. Извор: Трајковски 1983.

 

Археолошките слоеви на локалитетот Црквиште достигнуваат длабочина до четири метри каде што се најдени остатоците од три цркви, една врз друга, како и некрополата во најрецентните слоеви. Најстарите остатоци, датирани во петиот век, претставуваат едноброден објект кој го сочинуваат два паралелни ѕидови кои се протегаат исток-запад. На источниот крај од северниот ѕид е видлив почеток на апсида, додека од надворешната страна на јужниот ѕид е пронајдена засводена гробница. Теоријата на археолозите е дека станува збор за црква – најраниот примерок на овој локалитет.

Врз овој објект биле пронајдени две цркви како и некропола која била користена се до првата деценија на XX век. Црква 1 е првата градба која била откриена и претставува градба од централен тип со основа во облик на „впишан крст“. Овој објект има тространа апсида на исток која од внатрешната страна е полукружна, додека на запад е видлива уште една просторија чии ѕидови не се симетрални на оние од наосот. Во наосот постојат два влеза, на западниот ѕид кој комуницира со оваа просторија на запад, како и на југ. Објектот е граден во клеточен опус (opus cloisonné), што значи дека големи и делумно обработени камења се врамени со тули. Подот во овој објект е од квадратни керамички плочи положени со малтер. Откриени се два столбови во западниот простор од објектот, како и два столпци во источниот дел лево и десно пред апсидата. Се смета дека овие имале конструктивна функција и ја носеле куполата. Аналогни објекти на Црква 1 во Мородвис се појавуваат на неколку места во Грција, како и Св. Атанас во Варош кај Прилеп. Според анализа на архитектонските одлики, истражувачите овој објект го датираат во XIII век.

 

Апсида во Црква 1. Извор: zkn.mk

 

Столб во Црква 1 по реставрација. Извор: zkn.mk

 

Постарата градба, Црква 2, е од базиликален тип чиј источен простор е расчленет во три дела со пиластри и столпци. Во средина се наоѓа централна апсида на источниот крај на објектот, додека на север и југ се поставени уште две помали апсиди исто така на источниот крај. Апсидите на север и југ веројатно биле пастофории. На југоисточниот агол од објектот делумно е откриен ѕид на можен параклис, чија комуникација со црквата се одвивала преку еден соѕидан проод на јужниот ѕид од пастофоријата. Црквата е ѕидана од делкан камен, додека јадрото на ѕидовите е изведено во opus caementicum. Подот е изработен од правоаголни камени плочи, а наместа има и зачувани делови од opus sectile. На некои делови од ѕидовите е забележан фреско-живопис, кој според истражувачите бил обновуван неколку пати. Од црковниот мебел е пронајден постаментот од чесната трпеза in situ. Движниот материјал е содржан во многубројни керамички фрагменти, како и метален црковен инвентар, накит и монети. Накитот во најголема мера потекнува од гробовите кои биле лоцирани над овој објект. Од црковениот инвентар кој директно се поврзува со овој објект се пронајдени една бакарна кадилница, дел од свеќник, оков на дршка, како и една железна „ѕвездичка“ чија намена не е објаснета. Од монетите застапени се византиските, венецијански и турски. Според анализа на стратиграфијата на локалитетот, како и анализа на движните наоди и архитектурата, овој објект бил користен пред втората половина на XII век, додека истражувачите веруваат дека некоја фаза од оваа црква постоела во XI или X век.

Архитектонските остатоци биле конзервирани и делумно реставрирани по истражувањата.

 

Поглед од исток кон локалитетот. Јасно се гледаат Црква 1 и Црква 2, додека дел од апсидата на најстариот објект се забележува лево од апсидата на Црква 2. Извор: zkn.mk

 

Поглед од запад. Извор

 

 

Главна апсида на Црква 2, кратко по откривањето. Извор: Трајковски 1983.

 

Основа со детален приказ на источниот дел Црква 2, како и детален приказ на цел објект Црква 1. Извор: Trajkovski 1986.

 

Основа на сите објекти заедно. Извор: zkn.mk

 

Кристијан Тошески

Извори:

Трајковски, К. (1980). Истражувања во Мородвис, 1980. Зборник на Археолошкиот музеј на Македонија, X-XI, 133-142. Скопје

Trajkovski, K. (1986). Morobisdon. Crkovni kompleks za nekropolom. Arheološki pregled 26, p.176. Ljubljana

zkn.mk