Изложбата на МСУ „No feeling is final – The Skopje solidarity collection“ предизвика голем интерес во Виена

Музејот на современата уметност Скопје, го претстави својот избор на највредни дела од солидарната колекција во галерискиот простор на Кунстхале во Виена.

На околу 1000 m2, покрај овој избор од 94 дела, беа вклучени и 50тина дела на шест современи уметници, документарна секција за Скопје и неговата архитектонско-урбанистичка приказна вклучувајќи ја макетата на Кензо Танге и дел на макети од позначајните градби од обновата на градот од архивите на Ана Ивановска, Јован Ивановски и Владимир Десков. За заинтересираните беше оддржано и предавање на оваа тема.

 

Kunsthalle Wien: No Feeling is Final. The Skopje Solidarity Collection (20.4.2023 – 28.1.2024) Foto: eSeL.at – Lorenz Seidler

 

На официјалното отворање присуствуваа повеќе од 1000 посетители, што укажува на голем интерес и „голема победа“ како пренесоа дел од македонските медиуми за настанот.

Изложбата како резултат на соработката меѓу МСУ – Скопје и Кунстхале Виена беше образложнеа од  Мира Гаќина, директорка на МСУ и уметничкиот директор на Кунстхале, Сабина Саболовиќ, додека во кураторскиот тим беа вклучени и What, How & for Who/WHW (Ивет Ќурлин, Наташа Илиќ и Сабина Саболовиќ). На нивна покана уметниците Синиша Илиќ (Белград), Иман Иса (Берлин), Брук Ендру (Мелбурн), Ѓулсун Карамустафа (Истанбул) и уметничкото дуо Јане Чаловски и Христина Иваноска (Скопје) имаа задача да направат своја селекција од колекцијата на МСУ која брои преку 5500 дела, осмислувајќи поставка во која ќе имаат слобода да создадат дијалог помеѓу оригиналните дела и нивниот авторски пристап. Со ова се овозможи презентација на сопствените впечатоци за оваа збирка.

 

 

Kunsthalle Wien: No Feeling is Final. The Skopje Solidarity Collection (20.4.2023 – 28.1.2024) Foto: eSeL.at – Lorenz Seidler

 

Инспирацијата за солидарноста ја носи Скопје како еден редок и специфичен пример. Се смета дека е првата посериозна природна катастрофа што била визуелно пренесена во светот со развојот на телевизијата. Од тука и големото влијание на медиумот за брзата реакција на тогаш биполарниот свет. За првпат во еден град се пресретнаа војските на истокот и западот, во солидарната мисија за Скопје.

 

 

При основањето на МСУ, на тогаш светскиот повик за донација на дела, се пријавила светската елита, од кои се издвојуваат дела на  Пикасо, Дејвид Хокни, Виктор Вазарели, Александар Калдер, Кристо и Жана-Клод, Јаспер Џонс, Алекс Кац, Алберто Бури и многу други од целиот свет.

Изложбата во Виена ќе биде изложена до 28.01.2024 година.

 

 

Фотографии: eSeL.at – Lorenz Seidler /

Извори: Музеј на современа уметност, Nezavisen.mk