Предлог за ревитализација на Спортската сала „Партизан“ / Tomás Romero Talley, Mateus Sartori

Автори: Tomás Romero Talley (Шпанија); Mateus Sartori (Бразил)

Соработници: Office AAR+T (Шпанија); Софија Цветковиќ (графички дизајн)

Организација: „Културно ехо“ – Скопје / во соработка со Општина Карпош

Година: 2019

Извор: https://tomasromerot.com/ ; https://culturalechoes.home.blog/

 

На 169-та седница на Владата на Македонија се донесе одлука спортската сала „Партизан“ да се врати во сопственост на Општина Карпош. Градоначалникот, Стефан Богоев, најави дека култниот објект конечно ќе биде обновен врз база на две идејни решенија, донирани од невладината организација „Културно ехо“. Во план е да се организира јавна анкета на интернет страницата на Општина Карпош, каде што граѓаните ќе можат да изберат кој проект повеќе им се допаѓа. Победничкото решение ќе биде основа за главен проект, а потоа Агенцијата за млади и спорт ќе распише тендер за реконструкција, која се очекува да започне во 2020-та година.

Денес ви го претставуваме првиот од двата предлог идејни проекти, изработен од архитектите Tomás Romero Talley од Шпанија и Mateus Sartori од Бразил.

 

Историски контекст

Спортскиот објект e донација од француската влада за обнова на Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963-та година. Во 1969-та година спортската сала „Наум Наумовски-Борче“ (попозната како „Партизан“) е изградена, според проектот на истакнатиот архитект Трајко Димитров. Салата и нејзиниот двор одиграле важна улога во животот на многу жители на Скопје, за стотици спортисти кои се натпреварувале во Југославија, како и за континентални и меѓународни натпревари во гимнастика, трчање, стрелаштво и други спортови. Денес, 50 години подоцна, култната сала е во состојба на тотална напуштеност. Во моментов, таа е темна точка лоцирана веднаш до атрактивниот простор на Скопје Сити мол, кој привлекува илјадници купувачи секој ден. Со реновирањето на спортската сала „Партизан“ во модерен и мултифункционален центар за спорт и рекреација ќе се одржи во функција објект кој има историска и репрезентативна вредност. Ако парцелата остане цел на профитабилни интереси, таа ќе се користи за изградба на станбено-деловна зграда, или ќе остане темно место во урбаната населба.

Програмско-содржински концепт

Историското и културното значење на делото, како и важноста на архитектот Трајко Димитров во македонското архитектонско творештво воспоставува ограничувања чија примарна цел е зачувување на оригиналниот програм и постоечката карактеристика на конструкцијата.

Секундарната цел е додавање на нови содржини во согласност со новата спортска стандардизација, функционалност и економска одржливост, како што се: конференциска сала, кино проекција, работни простории за спортските работници.

Минимална промена се случува на источната и западната фасада од салата. Се додаваат прозорци како одговор на рационалниот дизајн, односно се овозможува еден пооргански спој со надворешноста на објектот.

Фокусирајќи се на екстериерот, главна цел на парцелата е да сведочи за некогашните зелени квадрати од урбаната мрежа на Скопје, односно да пркоси на урбаната мафија и лошото урбанистичко планирање.

На источната страна поради масивноста на Скопје Сити мол се додава зелен ѕид кој ќе го заштити просторот акустички, но пред се визуелно, минимизирајќи го доминантниот објект (Сити мол) и истакнувајќи го изолираниот (Партизан). Овде се додаваат и детските содржини.

На западната страна се формира една современа интерпретација на локалниот пазар или маркет, односно повторно се користи K67 киоск-от, како контраст на Скопје Сити мол. Поставувајќи го индивидуално, на еден органски начин, со цел да се врати изгубеното чуство карактеристично за Општина Карпош и Скопје.