Прогласени победничките решенија за #ВелоПаркинг

На финалната презентација на решенијата за прототип велосипедски паркинг, која се одржа на 18.05.2020, беа одбрани три решенија кои освоија награди во вредност од 700, 500 и 300 евра.

Решението „Велоштад“ на младите Михајло Стојановски и Теа Дамјановска е победник на повикот за прототип на вело паркинг, и нивното решение ќе се постави на локација во склоп на Транспортниот центар.

 

Прво место – Тим 7

„Како страсни возачи на велосипед, знаеме што е она што им треба и што сакаат велосипедистите и тоа знаење некако го преточивме во идеја. Целиот процес на создавање беше интересен и возбудлив“, изјави Михајло Стојановски по прогласувањето за најкреативно решение.

Целта на „Велоштад“ е создавање нова вело локација во градот, а со проектот покрај паркирање, предвидено е овој плоштад да нуди простор за основен сервис на велосипедот, гардероби за брза промена на облеката, кабини за долговремено стационирање на велосипеди и урбана опрема. Со „Велоштад“ ќе се овозможат 12 држачи за 24 велосипеди, како и шест кабини за заклучување на велосипеди за подолг временски период.

Креаторите на „Велоштад“ се наградени со ваучер од 700 евра и нивното решение ќе помине во фаза на изведба. Вкупниот буџет предвиден за реализација на првонаграденото решение е 11.500 евра, со дополнителна поддршка од 3.000 евра кои се обезбедени за реализација и уредување на локацијата каде ќе биде поставен велосипедскиот паркинг – модул.

 

 

Принципот при создавање на овој простор предвиден за стационирање на велосипеди започнува со хумана идеја за решавање на тој проблем. Генерално гледано, кражбите на велосипеди се честа појава во Скопје и тие се случуваат на јавни места обезбедени со камери и кафези, па се до приватни домови и станови. Токму поради тоа, при размислување за заштита на велосипедите, таа улога во ова решение падна на најголемите „градски“ чувари, уличните печаци. Низ релативно едноставен процес на ревитализација со лесно преземливи чекори, овој простор станува мешавина на возобновени стари вредности и квалитативни новитети. Од обична минувачка точка, избраната локација станува градски велосипедски акцент!

Погледнете ја нивната презентација тука, додека целосното решение можете да го погледнете тука.

 

 

Второ место – Тим 5

Второто место го освоија Тамара Џерков и Анастасија Ристеска кои со нивното решение понудија поиновативен пристап на вело паркинг, односно држачи за велосипеди со соларни панели и место за одмор.

Ова решение нуди:

  • Можност велосипедот да се заклучува на повеќе места​
  • Заштита од временски услови при подолго паркирање​
  • Воспоставување контакт со зеленило​
  • Создавање на простор за социјализација и одмор​
  • Користење на обновнливи извори на енергија и поставување на првата charging station во Скопје​.

 

 

Со овие панели се поврзани кабли кои завршуваат со USB приклучок и излегуваат на задната страна, над клупата на бетонскиот елемент, при што ќе можат да бидат искористени како полначи за телефон. Исто така на горната површина од бетононскиот елемент се појавува вдлабнатина во која ќе биде поставена жардињера во која ќе има посадено сезонско цвеќе и ќе му даде живост на просторот.

Погледнете ја нивната презентација тука, додека целосното решение можете да го погледнете тука.

 

Трето место – Тим 10

Третата награда ја освои тимот Владимир Ристовски и Елена Пазарџиевска Ристовска со нивниот дизајн за вело паркинг.

Дизајнот на самата пјацета е направен преку надоврзување на постоечката естетика. Како подлога за дизајнот се користи постоечката мрежа на елементи – подови и плафон-упи, држачи за велосипеди, светилки, корпи за отпадоци и зеленило. Имено, проектот предвидува задржување на постојниот мермерен под (со претходна замена на оштетените плочи, отстранување на дамките и брусење на целата површина како заштита од лизгање).

 

 

Со дополнување од истиот материјал на местото на сегашниот земјен појас се проширува контактната зона меѓу паркингот и зградата на Автобуската станица и се овозможува и дополнителен простор за движење и чекање пред објекот. Во новиот и во постоечкиот под се вметнуваат траголни парчиња од полиран мермер кој прави рефлексија при сонце или дожд. Дел од триаголните парчиња се употребени и како подни светла. Во истата таа мрежа од плочки се вметнуваат бетонски клупи. Во зоната кон паркингот се засадени и неколку дрва од типот на јапонска цреша (Prunus serrulata) кои сосема би го смениле изгледот на пјацетата во периодот на цветање. Дрвјата се соодветни за нашето поднебје, а се симболичко поврзани со потеклото на објектот.

Погледнете ја нивната презентација тука, додека целосното решение можете да го погледнете тука.

 

Целосниот пренос од презентациите можете да го погледнете тука

Сите решенија кои учествуваа во повикот ќе ги најдете тука.

 

Проектот се реализира со финансиска и техничка поддршка од Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ North Macedonia) преку компонентата за спроведување на активна мерка за развој на велосипедската инфраструктура, проектот Градови на иднината на Југо-источна Европа кој го спроведува СмартАп – Лабораторијата за социјални иновации, организација која истовремено го води Центарот за иновации на Град Скопје – Скопје Лаб, и Град Скопје.

____________________________________________________________________

Објавата е превземена во целост од изворот >>>