Првиот театар на Скопје „Ада Кафе“ / 1906

Автори:  Непознат, под наредба на скопскиот валија Маџмуд Шефкет-паша

Година: 1906

Локација: Еврејско маало, центар на Скопје

Извори: Н.У. Турски Театар и Македонски народен театар МНТ.

Можеби еден од најпознатите објекти на Скопје е „Стариот народен театар“ завршен во 1927 година на кејот на реката Вардар. Локацијата на која тој е подигнат има постара традиција на театарската уметност. Во 1906 година токму тука е подигнат првиот Скопски театар познат како „Ада Кафе“ кој функционира до 1914 година кога гори во пожар.

Идејата за театарска зграда во Скопје доаѓа со навлегувањето на европската културна традиција и театар во Турската Империја во средината на 19 век и обидите на тогашната интелигенција за создавање на театар од европски тип. Првиот театар од ваков „европски тип“ е отворен во 1848 година во Истанбул, од каде подоцна се шират и во другите краишта на Империјата. Првите театари на територијата на Македонија се оформени во Битола и Скопје.

План на Скопје од 1899 година

Скопје на крајот на 19 век е сѐ уште ориентален град со органска структура. На планот на Скопје од 1899 година јасно се гледа неговата структура и позиција. Првите чекори кон планска урбанизација на Скопје се преземени во времето на скопскиот валија Хафиз Мехмед-паша, кој го уредува дотогаш „природното“ корито на Вардар и го оформува градскиот парк.

Локацијата на театарот пред уредување на коритото на Вардар. Околу 1900 година.

Со уредувањето на коритото на Вардар веднаш од Камени мост се формира еден нов простор кон реката Вардар каде првиот театар во Скопје ќе биде подигнат во 1906 година под налог на наследникот на Хафиз Мехмед-паша валијата Маџмуд Шефкет-паша. Театарот брзо постанува централна точка на културните случувања во Скопје.

Театарот набрзо по неговата градба

Архитектонското обликување на објектот е јасно произлезено од неговата функција и конструкција. Функцијата е јасно читлива преку обликувањето на волумените кои го сочинуваат објектот. Кровот е решен во две површини каде се одделуваат галерискиот простор од централниот брод. Постои одредено академско влијание во фасадното обликување во пропорцијата и повторување на прозорските отвори кои се протегаат низ целата височина на објектот.

Фасадата на театарот кон Вардар

На истите се забележува и меѓукатната конструкција на галериите која е вметната со дизајнот на прозорите. Конструкцијата е дрвена поставена на камени темели. Ваквата „лесна“ конструкција ќе биде и причината за целосното горење на објектот во 1914 година.

Ретка снимка од градењето на театарот ~ 1905

Влезот на театарот се наоѓал на северната страна кон Еврејско маало и со градењето на „дрвениот мост“ на Вардар, театарот се поврзува директно со брзорастечката „градска“ населба на јужната страна на Вардар. Во периодот на 1906 – 1914 во театарот се изведуваат голем број на претстави за  локалната популација.

По Балканските војни во „Ада Кафе“ е основан Првиот професионален/институционален театар на територијата на Македонија наречено Нaродно позориште – Скопје во 1913 година од страна на српскиот комедиограф Бранислав Нушиќ. Нушиќ прави промени и адаптации во веќе постоечката зграда и Народното позориште -Скопје е официјално отворено на 27 декември 1913 година. По само четириесеттина дена, театарот гори до темел.

До градењето на „Стариот народен театар“ во Скопје во периодот од 1921-1927, театарската уметност во Скопје функционирала во привремени Театарски објекти кој воедно се наоѓале на истата локација.

Можен привремен објект.

Театарот „Ада Кафе“ е од особено значење за историјата на Скопје со неговата општествено културна дејност. Претставува дел од брзо растечкиот број на образовно-културни објекти кој се градени при крајот на Турската Империја во рапидната европеизација на градовите. Денес сѐ уште локацијата на „Ада Кафе“ ја живее својата културна дејност преку „реконструкцијата “ на Стариот Народен театар во Скопје.