Радост со шамар вратена во реалноста на општествeниот пораз

Вчера Македонија прославуваше 30 години независност. Свечен ден на кој одбележуваме историска победа на македонскиот народ и остварување на  вековниот стремеж за своја државност.  Несомнено значаен датум, за кој генерациски не сме свесни како македонци дека сме привилегирани да ги береме плодовите на нашите предци.

Но сепак сме свесни и за големите порази на оваа држава која постојано ги менува официјалните погледи кон патриотизмот, внимава колку се слави себе си за да не ги разгневи балканските шовинистички и империјалистички апетити кон себе  кои постојано и ставаат сопски на било кој пат кон било која насока. Тоа е токму поради сервилноста и не извлекувањето на историската поука дека треба, пред се да сме свртени кон себе, а потоа кон другите.

Токму од овој поглед на мрзеливо живуркање без поставување на стандарди за сопствено добро, туку чекање на другите да ни кажат како треба, во вечерта од радосниот ден добивме општествен шамар кој одзеде 14 животи ( до сега изброени ) во тетовската болница. Изгоре COVID – центарот во пламена наезда.

Оваа возможна ситуација имаше предупредувачки настан пред повеќе од 10тина дена, кога се случи инцидент токму со доводот на кислород. Не сакајќи да критикуваме во празно,  вчера се случи трагедија.  Изразуваме сочувство до семејствата на жртвите!

Како и секоја пора од ова општество, така и во нашата професија може да се увиди грешката која фатила корен исто колку и независноста. Како повеќе да ни одговараше да сме полузависни и како да не знаеме да се сакаме доволно себе си ( бидејќи не мрзи да работиме на случајот). Архитектурата и урбанизмот ги масакрираа градовите до степен на непрепознатливост, рушејќи ги постигнатите стандарди за пристојно домување и работење.

Вчерашната ситуација повторно не предупредува на ППЗ стандардите, не алудирајќи на тоа што конкретно вчера се случило и каде е вината конкретно за тој настан. Сведоци сме во професијата како оваа фаза од проектите е целосно влезена во некој формален дел. Немаме конкретни стандарди ниту контрола на проектите, а уште помалку имаме контрола на како се изведени објектите.

Сите вие денес кој ќе критикувате лесно и нафрлајќи од ракав, проверете си ги хидрантите во зградите колку ви се исправни,  колкумина не знаат каде се ниту клучевите од истите и дали воопшто цревата преживеале ( некој сосед веројатно го понел во викендицата). Потоа спомнете си за сопствените дадени потписи за надрадба на кровните проодни тераси на инвеститор (исклучително важни за евакуација), во замена за реновирање на влезот, бидејќи не го чувствувате како свој и за неговото оддржување не ви се дели од буџетот. Доколку сте сопственици на фирми, проверете дали имате воопшто ППЗ протокол и дали ги сервисирате ПП апаратот!

Пред да се посегнете во лесна критика, размислете во кој дел од оваа 30 годишна транзициска бескрајност придонесувате во крајните резултати на општествениот пораз!