Семејна куќа на улица „Букурешка“ во Скопје / Модус Вивенди инженеринг

Година на проектирање : 2011

Локација : Скопје, ул. Букурешка бр.7

Автори : Александар Кочевски, Росица Минчева

Проектантско биро : Модус Вивенди инженеринг

Површина на објект: 268 м²

 

Авторско образложение :

 

Локацијата на овој индивидуален објект е во јадрото на Карпош, во населбата Тафталиџе, делот којшто веќе речиси целосно ги заменува карактеристичните двокатни бараки, направени после земјотресот – со нови индивидуални и колективни објекти.

Инвеститорот на објектот, и самиот корисник на една од тие бараки, беше еден од ретките во нашата пракса, којшто немаше желба максимално да ги искористи параметрите зададени со соодветниот урбанистички план. Тој точно ги имаше одмерено своите потреби, а нашата задача беше да ги преточиме во проект за куќа на две нивоа, со две станбени единици.

 

 

 

 

Покрај јасните насоки за функционално решавање на просторот, низ редовните консултации со инвеститорот, можевме да ги насетиме и неговите естетски приоритети, кои на крајот донесоа до резултат со кој беа исполнети заедничките стремежи за функционален и допадлив објект, кој ненаметливо го оплеменува својот дел од просторот.

Фактот што раководевме и со изведбата на објектот, ни овозможи максимално да се посветиме на доследно спроведување на проектираните содржини и детали, од почеток до финален изглед.

Објектот се наоѓа на агол помеѓу две улици, од кои едната завршува со проширување со места за паркирање. Тоа ја прави локацијата помирна и со можност за активно користење на дворната површина.

 

 

 

 

Во приземјето се сместени дневните содржини на поголемата станбена единица – дневен боравок, кујна и пратечки комуникации и санитарни простории. Дел од приземјето е одделен за втората станбена единица – гарсониера за престој на повозрасно лице, со свој посебен влез.

Со вертикална комуникација се доаѓа до катот, на кој се сместени собите за одмор – родителска спална соба со свој гардеробен и санитарен дел, две детски соби со заеднички санитарен дел, како и една соба со комбинирана функција – дневен и работен простор.

 

 

 

Можеби најатрактивниот простор во објектот е големата отворена кровна тераса изведена на поголемиот дел од кровната површина, до која се доаѓа со истото скалишно јадро, преку дел со затворен поткровен простор со намена на помошна бар-кујна.

Терасата е изведена со почитување на сите технички правила и со изведба на потребните детали за солидна хидроизолација на рамни проодни тераси, што е особено важно во нашево поднебје со големи температурни разлики.

 

 

 

 

Надворешниот изглед на објектот се потпира на нашиот исконски порив за употреба на природни материјали – дрво и камен во комбинација со светли фасадни површини,  секако, трансформирани во современ естетски израз.

Убаво уредениот двор од страна на грижливите сопственици, дополнително придонесува за финалниот впечаток на овој непретенциозен објект којшто сепак го привлекува вниманието на минувачите, можеби токму поради смирениот и елегантен израз, наспроти се’ што придонесува за немирната слика на нашиот град во времето во кое живееме.