Скопје 1913 / Musée Albert-Kahn

Тема: The Archives of the Planet

Автор: Albert Kahn

Сниматели: Jean Brunhes; Auguste Léon

Година: Maj 1913

Извор: http://collections.albert-kahn.hauts-de-seine.fr/

 

Како резултат на својата поволна географска позиција, Скопје под 520-годишна османлиска власт, се развивал во значаен воен, занаетчиски и трговски центар со строго препознатлива ориентална архитектура.

 

 

По бројните предизвици низ вековите и првата Балканска војна во 1912-та година, градот бил анексиран од Кралството Србија, а замената на една уставна монархија со друга, драстично го променила културолошкиот идентитет на Скопје.

Новите трансформации во голем број ги минимизирале фрагментите и симболите на Отоманско Царство.

 

Денес, истите се делумно зачувани во границите на Старата скопска чаршија, а се во постојана опасност од штетното делување на урбаната мафија.

Благодарение на првите фотографии во боја од Скопје, кои биле реализирани во Мај 1913-та година, парцијално може да се долови загубената силуета на градот, заедно со ориенталниот ентитет на просторот.

Историски контекст

Победата на српските воени сили и македонските доброволни чети во Битката кај Куманово во 1912-та година, резултирала со офанзивно повлекување на Отоманската армија од северните делови на Македонија.

При повлекувањето, седмиот корпус на армијата, предводен од командантот Зеки паша се стационирал пред влезот на Скопје, со цел да ја организира неговата одбрана.

 

 

Но, согледувајќи ја ризичната положба на градот, како и потребата истиот да се спаси од повторно разурнување, странските конзулати извршиле притисок врз османлиските сили, да го напуштат Скопје, отстапуваќи ја локалната власт на Кралството Србија без никаква борба и оштетувања.

 

Црква „Св. Спас“

 

Честа прв да ја извршува функцијата градоначалник во српскиот административен систем, ја имал познатиот трговец и политичар, Спиро Хаџи Ристиќ. Се забележува дека по неговото назначување, отоманската физиономија на Скопје, засекогаш се променила.

Aрхитектонско-урбанистички контекст (Скопје)

Првата балканска војна нанела големи штети во Македонија. Голем број на жени, старци и деца останале без заштита, а дел од нив побегнале кон градовите. Сите поголеми места во „новоослободените“ краишта биле полни со просјаци и сираци.

 

 

Етнологот Jean Brunhes и фотографот Auguste Léon го посетиле Скопје, седум месеци по српската окупација, во Мај 1913-та година.

За разлика од жителите на соседните градови, скопјани биле во далеку покомотна позиција. Кралството вложувало големи ресурси за обнова и развој на економијата и трговијата, која функционирала со намален интензитет.

 

Тесна улица во близина на влезот на Куршумли ан

 

  • Голем дел од дуќаните и работилниците биле напуштени, а во преградието на градот бил воспоставен камп за снабдување со роба.

 

 

  • Скопје во минатото бил препознатлив по производството на кордованот (жолт сафтијан) за кои патеписците имале големи комплименти. Во градот имало седумстотини кожари, кои ги обработувале кожите во големи камени корита на реката Вардар.

 

Влезот на Куршумли ан со околните дуќани

 

  • Од 1904-та година до 1914-та година, Куршумли ан, повторно служел како караван-сарај. По својот надворешен и внатрешен изглед, се оделувал од останатите објекти во чаршијата. Се забележува син и црвен колорит во неговата внатрешност, а фасадата му била обложена со бела вар.

 

Ѓулчилер амам (од лево)

 

  • Ѓулчилер амам, (познат и како Шенѓул амам или Кури амам) бил некогашен амам кој се наоѓал во непсоредна близина на Куршумли ан. Функционирал сé до пожарот од 1689-та година, а подоцна бил разрушен од земјотресот во 1963-та. Бил изграден од Мула Муследин Оџа во втората половина на XV век. Познато е дека објектот спаѓал во групата на единечни амами, при што неговите димензии биле со складна големина. Имал живописна фасада, изработена од камен и тула. Во амамот се влегувало од јужната страна, а влезната порта била богато украсена. Од неговите остатоци, денес може да се забележи дека бил сталактитно украсен.

 

Казанџилер џамија

 

  • Казанџилер џамија, била скромна религиозна градба, изградена од страна на казанџискиот еснаф во чаршијата, а разрушена е во земјотресот од 1963-та година. Точната дата на изградбата не е позната, но според вакфнамето на Дуќанџик џамија и Куршумли ан, се тврди дека потекнува од пред 1550-та година. Во минатото, џамијата и амамот, образувале една целина, од која денес е преостанат само Куршумли ан, кој бил обновен по делумното разрушување во земјотресот.

Од 1986-та година, фотографиите од колекцијата на Алберт Кан се чуваат во францускиот национален музеј во Париз, кој го носи името Musée Albert-Kahn. Истите се преработени од страна на МАРХ. Оригиналните можете да ги погледнете на линкот во горниот дел од објавата.

 

Турбето во Алаџи-џамија