Современа куќа во околината на Скопје / GVRL

Година: 2022

Локација: Бардовци, Скопје

Автор: Гаврил Бошкоски

Студио: GVRL

 

Ситуација

 

 

 

Авторско образложение:

Барањата на инвеститорот за оваа резиденција беа концизни, едноставни и директни – елегантна и современа куќа.

Резиденцијата се наоѓа на многу впечатлива локација во Бардовци, поставена е со грб кон пристапната улица на северната страна, кон која има минимални отвори, што е сосема спротивно кон јужната и источната страна. Врамените погледи кон исток и југ се вперени кон планината Водно и интимниот двор што се формира на локацијата.

 

 

Програмата на приземје се состои од елегантна прозрачна дневна соба, која е во медитерански јазик надополнета со кујна со остров и голема трпезариска маса. Покрај влезниот хол, како плагин се додадени гостинската соба и машинската просторија, а од десната страна преку стаклен ѕид е поврзана гаражата, која претставува многу битен сегмент, поради страста кон луксузните автомобили на инвеститорот.

 

 

На горното ниво, спалните соби се структурално постави како би се формирале посебни ,,апартмани”, со максимална интимност на истите. Помеѓу двата простори, минува ходник кој е двострано осветлен и преплавен со светлина, со идеја да создадеме чувство на синергија меѓу внатрешното и надворешното – улица помеѓу двата ,,апартмани”. Горното ниво е надополнето со простор за релаксирање, во кој се поставени сауната и џакузито.

 

 

Дизајнот го отелотворува спојот на функционалноста и естетиката, хармонично мешајќи се со околниот пејзаж. Употребата на чисти линии, современи материјали и внимателна просторна поставеност го дефинира модерниот карактер на куќата. Комбинацијата на приватност во спалните соби и отвореност во заедничките области создава урамнотежена животна средина.

 

 

Секој детал е прецизно разгледан, од изборот на висококвалитетни материјали до интегрирање на одржливи елементи. Резиденцијата Бардовци е доказ за нашата посветеност да креираме безвременски архитектонски решенија кои ги надминуваат очекувањата на нашите инвеститори.