Свети Константин и Елена / Скопје 1909 – 1963
12.03.2022 • Информации Истражување
Година: 1909 – 1963
Локација: Централното градско подрачје, Скопје, денешен ГТЦ
Црквата Св. Константин и Елена предизвика големо внимание и интерес во 2010 година кога беше објавено нејзиното возобновување на градскиот плоштад но во сосема поинаков лик и форма од нејзината оригиналната архитектура. Прашањето за каде точно се наоѓала првобитната црква и во каков лик беше тема на бројните дебати кои се водеа во текот на реализацијата на проектот Скопје 2014. Денеска истата само по име е „возобновена“ на друга локација, имено на улица Македонија до Домот на Армијата на Македонија.
Историјата на настанувањето на оваа црква не води во сосема друго време и контекст на градот Скопје. Изградена на десниот брег на реката Вардар во почетокот на 20 век претставува еден од првите христијански објекти на десната страна од градот. Овој дел од градот постанува „централно градско подрачје“ само во почетокот на 20 век. Се до средината на 19 век непосредната близина на Црквата Св. Константин и Елена е периферијата на градот, периферија која почнува да се шири и развива со поврзувањето на Скопје со железнички сообраќај во 1873 година и градењето на главната станица на десната страна на градот.
Црквата се наоѓала во централното градско подрачје, во некогашното Влашко Маало, како дел од поширокиот простор на познатото скопско Ново Маало е осветена во 1926 година. Нејзината изградба започнува во 1909 но сепак, заради турбулентните години кои следуваат на Балканскиот период истата е завршена само во 1919 година, а осветена во 1926 година.
Основата на црквата е со форма на впишан крст над која се издава и централната купола. На западната страна од црквата, се наоѓа отворена галерија со пет апсиди каде над средишното поле е поставена кула-камбанарија. Забележливо е дека ширината на црквата е помала и ги завзема само трите апсиди на галеријата. Црквата била опкружена со убаво уреден двор особено на самиот влез кон црквата.
Во третманот на декорацијата се чувствуваат ренесанси и романски елементи. Фасадната површина е расчленета со пиластри, кордон венци и низови од слепи аркади. Фасадната обработка е со глаток малтер додека кај галеријата како цокле се појаввува фино обработен камен. На централните столбови на галеријата камената обработка оди се до капителите, каде се наоѓа и фреска од нејзините заштитници Констатин и Елена.
Во врска со внатрешната декорација немаме многу информации. Според неколку извори се наведува дека „Нестор Алексиев го изработил еднокрилниот, одмерено расчленет и обликуван иконостас, висок неколку метри, а широк околу 10 метри. Денес делови од овој иконостас се наоѓаат во црквата „Св. Петар и Павле“ во Јурумлери, и во „Св. Никола“ во Куманово.“
За време на земјотресот во 1963 година црквата претрпува големи штети. На авионската сника веднаш по земјотресот можеме да забележиме дека кулата-камбанарија над галеријата е срушена. Истата е урната по земјотресот и над нејзината локација во 1971 година се гради новиот Градски Трговски Центар.
Сепак и пред земјотресот од 1963 година црквата го губи својот контекст во која била изградена. Најголемиот градежен потфат се станбени кули ГТЦ проектирани од Александар Серафимовски кои се изведени во 1959 година. Со нивната изградба црквата останува осамена изолирана во брзо растечкиот контекст и урбанизацијата Скопје во периодот после Втората светска војна.
По идејата за нејзиното возобновување на градскиот плоштад истата денес е подигната на ул. Македонија но во сосема друга форма по проектот на архитектите Искра и Лековска и Владимир Лековски од студиото „Лелелеле“ од Скопје. Оргиналната црква останува само во меморијата на старите скопјани и на фотографската иконографија за развојот на градот.
Автор на статија: Мартин Ефремовски
#скопје #1963 #Постземјотрес / 1963 / Константин и Елена / Скопје