Свети „Кирил и Методиј“ Струмица / 1905

Автор: Атанас (Тане) Митровски

Година: 1905

Локација: ул. Кирил и Методиј , Струмица

Извори: Wikipedia  / Моја Струмица

Фотографии: Wikipedia (Van100j ), macedonia.for91days.com , Google Maps

Иконостас: Нестор Алексиев 1935 година

Фрески: Григориј Пецанов од Струмица, Гаврил Атанасов од Берово и Д.А. Папрадишки

 

 

Во стариот дел на Струмица се наоѓа извонреден пример на православен храм подигнат во зачетокот на XX век, во прочистен неоготски архитектонски јазик. Таа е подигната од Атанас Митровски во 1905 година, во залезот на Османлиската империја, и успева да се спаси од разорниот пожар од 1913 година. Егзархиската струмичка општина успеала да издејствува султански ферман за изградба на своја црква околу 1905 година.

За градењето на оваа црква била најмена тајфата на браќата Митровски, меѓу кои Атанас (Тане) Митровски се истакнува како градител и архитект од крајот на XIX и почетокот на XX век. Митровски е роден во 1873 година во дебарското село Себишта (денешна Албанија) и своето искуство го стекнува во Солун, каде што емигрира неговото семејство. Браќата Митровски станале градежни претприемачи, градејќи бројни приватни и јавни згради во околината на Солун. Нивното искуство ја вбројува и соработката со италијанскиот архитект Виталијано Позели при градењето на Османлиската гимназија (сега Филозофски факултет на Универзитетот во Солун). Нивното искуство потоа е применето во градењето на многу објекти низ Солун и Егејска Македонија, како и на црквата „Свети Кирил и Методиј“ во Струмица, која ја подигнуваат во 1905 година.

 

 

Црквата е посветена на браќата Свети Кирил и Медодиј. За изградбата  биле донирани средства од руските мисионери од манастирот Свети Пантелејмон на Света Гора кој е руски манастир. Изградбата на оваа црква започнала во 1905 година, а била завршена во 1911 година.  Црквата има крстовидна основа со нартекс и камбанарија на западната страна, додека на источната страна содржи развиен олтар.

 

фото: Филип Конески

 

Објектот е подигнат во масивен систем со полна тула. Црквата е поставена на камено цокле, преку кое се пристапува со монументални скали и отворена влезна галерија. Фасадата е малтерисана со варов малтер во кремаста боја, со изведена плиткорелјефна декорација која е со геометриски форми. На делови од фасадата има обработка од штокуван вештачки камен. Венецот е декориран и крунисан со пијети /пиедестали кои ја истакнуваат вертикалноста на објектот. Околусите се присутни на сите фасади, но се особено истакнати на јужната и северната фасада. Куполата над нартексот и камбанаријата се завршени со полни керамички тули лепени во малтер.

 

@ДАРМ 1932

 

Иконостасот во овој дел е изработен од липа од страна на мајсторот на дебарската школа Нестор Алексиев во 1935 година. Иконописот го изработиле зографите Григориј Пецанов од Струмица, Гаврил Атанасов од Берово и Д.А. Папрадишки, а имало и други анонимни автори.

Во вториот дел од 20тиот век на северната страна на црквата е подигната модерна крстилница која успешно се вклопува во околината на постоечкиот објект.

 

фото: Филип Конески

 

Црквата „Свети Ѓорѓи“ во Солун, проектирана во 1907 година, содржи многу елементи од архитектонскиот јазик на црквата во Струмица. Во 2025 година започната е темелна реставрација на црквата која е во тек.