THE GIFT: STORIES OF GENEROSITY AND VIOLENCE IN ARCHITECTURE
07.03.2024 • Изложби
Во Минхен, Германија на 28ми февруари се отвори изложбата „Подарокот: приказни за великодушност и насилство во архитектурата“ под кураторство на Дамјан Кокалевски, научен соработник на Катедрата за историја на архитектура и кураторска пракса при Техничкиот универзитет во Минхен, и Лукаш Станек, професор по архитектура, Таубман колеџ за архитектура и урбанистичко планирање, Универзитет од Мичиген во Ен Арбор, САД.
За делот од изложбата кој беше поврзан со Скопје, како дел од тимот се јавува и Ана Ивановска Дескова, професор на катедрата за Историја на архитектура на Архитектонскиот Факултет Скопје, при Уким, специјализирана во делот на модерната архитектура.
Архитектонски подароци има насекаде: библиотеки финансирани од богати филантропи, засолништа донирани од хуманитарни организации, фарми платени со развојни грантови, џамии финансирани од исламски фондации или стадиони подигнати од дипломатските офанзиви.
Вградени во религиозните и царските традиции на давање подароци, архитектонските подароци го обликуваат процесот на урбанизација низ целиот свет. Хуманитарните, развојните и дипломатските дарови за градење станаа сеприсутни во брзорастечките африкански, азиски и јужноамерикански метрополи и нивните провинции. Во северноамериканските и европските градови, филантрокапиталистите инвестираат во културни, социјални и образовни установи .
Оваа изложба прикажува подарени градби – од спектакуларни до секојдневни, од екстравагантни до вистински корисни – кои покажуваат како нееднаквиот однос помеѓу давателот и примателот резултира и во великодушноста и во насилството спроведено преку архитектурата.
Кои се придобивките од архитектонскиот подарок и како може да предизвика штета? Изложбата го документира давањето и добивањето архитектура и како тоа влијае на производството на овие згради, вклучувајќи ја нивната програма, дизајнот и материјалноста, како и работните односи на градилиштето. Земени се в предвид економските придобивки и политичкото влијание на донаторите. Истражувањето се занимава со тоа дали архитектонските подароци бараат реципроцитет, и ако е така, што претставува контра-подарок?! Се отвора прашањето дали обврските на примачот и давателот опстојуваат по завршувањето на зградата?! Каков е „задгробниот живот“ на подарените објекти и како се перцепира, одржува и користи од локалните заедници?!
Работејќи со локални истражувачи и заедници и користејќи го раскажувањето на приказни како метод, се презентираат студии за случаи на четири континенти со цел за да се истражи великодушноста и насилството на динамиката на давање подароци на различните простори.
Тие вклучуваат приказни за хуманитарни подароци во Скопје, Македонија, дарувањето на земја во Кумаси, Гана, дипломатски подароци за Улан Батор, Монголија, и филантропски подароци во Источен Пало Алто, Калифорнија, САД.
На крајот од изложбата, се презентира и осврт кон Германија, покажувајќи како филантропијата продолжува да го обликува Минхен и другите германски градови денес.
Изложбата ќе биде отворена во Architekturmuseum der TUM in the Pinakothek der Moderne до 8ми септември, 2024 година.
Фотографии: Ulrike Myrzik