Училиште во парк / Митева, Галазова, Ѓоргиева

Предмет: Интегративно студио 9.2
Автори: Маја Митева, Симона Галазова, Ивана Ѓоргиева
Семестар: IX
Тема: Училиште во парк
Предметен професор: проф. д-р. Михајло Зиноски
Педагошки тим: Игор Котларовски, Александра Марсениќ Крајчески, Оливера Ќоќоровска Митиќ, Наташа Тодоровска Пренк, Марија Џидрова
Година: 2019/2020
Универзитет: “Кирил и Методиј”, архитектонски факултет, Скопје
Локација: Скопје – градски парк

 

 

Задачата на интегративното студио 9.2 е проектирање на училиште и градинка, на карактеристична локација, во близина на градски парк, кај спортската сала “Партизан”. Од локацијата се отстрануваат веќе постоечките објекти, при што се задржува салата, која има симболично значење за градот, и околу неа се интерполира објектот на училиштето. Градинката се поставува на соседната парцела, на местото на отстранетите објекти, како самостоен слободостоечки објект.

 

 

Самата поставеност и геометрија на локацијата, веќе постоечкиот објект, како и потребата од поголема осончаност се клучни фактори при добивањето на концептот на објектите. За таа цел, од габаритите на објектите се длабат волумени, со чие отстранување се овозможува осветлување на длабокиот внатрешен простор, истовремено поврзувајќи се со околината, односно со паркот. Поврзаноста на двата објекта се остварува на подземно ниво, со подземен паркинг, кој се протега под двата објекта, обезбедувајќи капацитет за 40 паркинг места, истовремено нудејќи површина за поставување на остави, магацини, перални и други пратечки содржини.

 

 

Училиштето е наменето за одржување на настава на ученици од I do V одделение. Тоа содржи десет училници, кабинети по музичка уметност, ликовна уметност и информатика, кои се сместени на југоисточниот и југозападниот дел, со цел добивање на максимална осветленост, и се обединети со централниот атриум кој јасно го дефинира просторот.

 

 

Поврзувањето со спортската сала се остварува преку внатрешна – топла врска, и надворешна – ладна врска. Економските простории, санитариите и мензата се сместени на северната страна на приземјето, а над нив на катот се нижат административните канцеларии.

 

 

 

Градинката опфаќа девет простории наменети за деца, т.е. шест занимални и три јасли. Занималните се поставени на приземје, ориентирани на југоисточната страна. Тие се соединети по иста возрасна група, со што се добиваат групации од две занимални меѓусебно поврзани со еден тоалет, низ кој се излегува во заеднички двор.

 

 

Jаслите се поставени на катот, на југоисточната страна, секоја со своја индивидуална тераса. На југозападната и северната страна се нижат санитариите, администрацијата, дистрибутивните кујни, како и лекарот, дефектологот и логопедот. Централниот галериски простор овозможува соединување на катовите и постигнување на една целина, истовремено додавајќи дополнителна светлина на длабокиот хол, добиена преку кровната лантерна.

 

Разиграната форма на објектите е соодветно манифестирана и во партерното решение, односно во патеките и во игралиштата за децата, како и во разделниот дрворед помеѓу двата објекта.