ВЕЧЕРВА ОДБЕЛЕЖУВАМЕ 10 ГОДИНИ МАРХ МАКЕДОНСКА АРХИТЕКТУРА
23.11.2024 • Информации
МАРХ слави 10 години!
За да го одбележиме нашиот 10-годишен јубилеј, со задоволство најавуваме прослава исполнета со настани кои го слават минатото, сегашноста и иднината на архитектурата во Македонија. Овој јубилеј има за цел да ја обедини архитектонската заедница во еднодневен настан кој ќе се одржи во просториите на Public Room на 23-ти ноември со почеток во 18:00 часот. Настанот е отворен за секој заинтересиран посетител.
Програма:
18:00 – 19:00 : Изложба „Македонска архитектура 1974-2024“
18:00 – 00:00 : МАРХ Базар
19:00 – 19:45 : Промоција на книгата „Артемушкин и Скопје“
19:45 – 20:15 : Пауза
20:15 – 21:30 : Панел дискусија „10 години подоцна, како понатаму?“
21:30 – 22:00 : Пауза
22:00 – 00:30 : Коктел забава со DJ Drazi Drags и Game Over
Изложба „Македонска архитектура 1974-2024“
Настанот започнува со отворање на изложбата „Македонска архитектура 1974-2024“. Истата претставува продолжение на истоимената изложба „Македонска Архитектура“, отворена во 1974 година и организирана од Сојузот на архитекти на Македонија во Музејот на современа уметност. Изложбата ја обработува историската граѓа од која потоа произлегува современата македонска архитектура меѓу 1944 и 1974 година.
Нашата изложба има за цел да го поврзе минатото и сегашноста преку повторно изложување на 63 фотографии од првичната изложба (до 1974 год.) и презентирање на 64 нови фотографии, кои го опфаќаат периодот од последните 50 години, до денес (1974-2024). На отворањето ќе биде достапен и каталогот од изложбата за купување.
Изложбата ќе ја отвори основачот и уредник на МАРХ, Филип Конески, во 18:00 часот на првиот кат во Public Room, Скопје.
Како и на секој роденден, така и овој пат ќе доделиме признание за особен придонес кон афирмацијата на македонската архитектура. Оваа година, решивме ова специјално признание да го доделиме на списанието Порта 3, кое со децении е присутно на нашата сцена.
МАРХ Базар
Паралелно со изложбата, на првиот кат организираме „МАРХ Базар“ со изданија и производи од домашни издавачи и одбрани архитектонски студија, уметници и занаетчии. Од уникатни принтови и книги до функционални дизајнерски предмети, пазарот овозможува дел од архитектонската креативност да го понесете дома и да ги поддржите креаторите во нашата заедница.
Базарот ќе биде отворен во 18:00 часот, а на истиот ќе изложуваат:
5 do 12
Anngo
Akrea
Тијана Стојковска
Studio Dana Ando
Ars Lamina
Издавачки агол*
*Издавачкиот агол е место каде што ќе можете да погледнете литературни изданија од професори на архитектонските факултети, меѓу кои се проф. Ана Ивановска-Дескова, проф. Јован Ивановски, проф. Владимир Десков и други. како и монографија за животот и делото на архитект Ѓоко Радовановиќ.
На првиот кат од Public Room ќе биде присутен и МАРХ, со изданија на разгледници, како што се Бетонско Скопје 1/2/3, Дебармаалска еклектика 1, Македонска споменична архитектура 1, како и каталогот Македонска архитектура 1974-2024 и книгата Артемушкин и Скопје.
Промоција на книгата „Артемушкин и Скопје“
Со чест ја најавуваме книгата Артемушкин и Скопје, авторско дело на Ноеми Чаусидис и Мартин Ефремовски. Публикацијата ја истражува плодната работа на архитектот Иван Артемушкин во Скопје меѓу 1920 и 1940 година. Преку неговите проекти, таа го анализира и неговото творештво во урбаниот контекст низ историска и современа димензија.
Истражувањето обединува архивски цртежи, фотографии, мапи и каталогизација на постоечки и исчезнати објекти, преку кои се согледуваат техничките карактеристики, архитектонските стилови и актуелната состојба на овие објекти.
Книгата ќе биде промовирана во поткровјето на Public Room од страна на авторите со почеток во 19:00 часот. Истата ќе може да се купи на самиот настан на штандот на МАРХ на првиот кат.
Панел дискусија
По паузата, во поткровјето на Public Room следи панел дискусија на тема „10 години подоцна, како понатаму?“ Темата го отвора прашањето на проектот Скопје 2014, променетата урбана матрица на Скопје и предизвиците што произлегуваат од тоа, како што се дисконтинуитетот, деградацијата на јавниот простор, уништувањето на зеленилото и наследството од постземјотресниот период. Како понатаму?
Панелисти:
Мишко Ралев
Дејан Ивановски
Иван Арсовски
Модератор: Мартин Ефремовски
Почеток: 20:15
Коктел
За крај, со почеток во 22:00 часот, придружете ни се на коктел забава, каде што ќе можете да се поврзете со колеги, да споделите идеи и да уживате во селекцијата на диџеите Drazi Drags и Game Over.
Со оваа објава упатуваме искрена покана до сите студенти по архитектура, уметници, професори, професионалци и соработници. Се надеваме на ваше присуство. Придружете ни се за незаборавен ден!
Автор на статија: Filip Koneski