Во тек е надградување на зградата во која пред 15тина години починаа 4 лица во пожар

Пред 15тина години, во една од долгите црни згради  во населбата 11 Октомври – згради во Кисела Вода, се случи пожар во кој загинаа 4лица, додека на повеќемина им се укажуваше медицинска помош по вдишаниот чад.

По големата трагедија, се отворија повеќе прашања во јавноста меѓу кои беше употребата на пластифицираните елементи во архитектурата на објектот како и  узурпирањето на кровните проодни тераси.

 

 

 

Принципот на колективните станбени објекти или големите блокови, во добата на поствоената и постземјотресната архитектура во Македонија, скоро секогаш  предвидуваше рамни кровни тераси. Истите имаа повеќе функции и вредности:

 

  • Евакуација во случај на пожар – Доколку некој од влезовите се зафатени од голем пламен, евакуирањето оди преку кровната тераса од каде имате пристап до сите останати влезови. Во случај сите влезови да се зафатени, евакуацијата се случува повторно од терасата по воздушен пат;
  • Заеднички простории – Во некои од зградите беа предвидени перални, сушални, простории за куќен совет или мултифункционални простории;
  • Социјализација – Оние во погорните катови, кровните тераси ги користеа како простор за дружење, во есенските денови како простор за подготовка на зимница, перење на теписи, додека најмладите за игра и рекреација. Она што во становите го немате, а во куќите го имате, беше компензирано со големите слободни тераси;
  • Естетика –  Скопје беше град на рамните кровови, естетика која овоможува функција и авторски повпечатлива архитектура;
  • итн.

 

 

Сето ова во изминатите 20 – 30 години, целосно исчезна поради отсуството на професијата во носењето на законите и урбанистичките планови (кои очигледно се кројат за богатење на поединци на штета на сите).

Бидејќи се докажавме како народ со кратко паметење, по 15тина години од трагедијата која требаше да биде освестување и во корен да го сосече овој тренд, се соочуваме повторно со парадоксот на нашиот архитектонско урбанистички свет.

 

 

На зградата веќе се надѕираат тарабите, рачната дигалка и пробивањето на кровното цокле, што е вовед во дејствијата кои не прават сите соучесници. Ваквите интервенции се невозможни без да имате согласност од сите станари или доминантниот број. Се на се уште еден пораз.