Временската машина на Општина Чаир
17.12.2023 • Информации Урбанизам
Деновиве се акуелизираа дивоградбите и нивната легализација, со посебно внимание на Општина Чаир. Медиумите известуваат за лажираните документи и манипулацијата што се случува со датата за нивната изградба што е сериозен криминален акт.
Законот за легализација, за кој професијата беше отворено против, особено за постапката која ја одзема архитектурата од процесот, има конкретни дати до кои за изградените објекти може да се поднесат документи за легализација. Тоа значи конкретна година до кога еден објект треба да е целосно изграден, за да се исполни условот за легализација. Со постоењето на широко употребената алатка Google earth, многу лесно може да се увидат и утврдат објектите од кога постојат или не постојат, користејќи ја архивата на сателитски снимки.
Општината секако се брани на секој можен начин, дека нема како истото да го провери и да увиди, но реалноста секако е поинаква. За случаеви во оваа општина, од многу кругови, потенцијални клиенти или луѓе кои се обратиле до локалната власт неофицијално известуваат дека потикнувањето на ваквото дејствие, одредени вработени во општината сами го предложуваат како начин на кој може да делуваат. Овие луѓе кои сакаат да останат анонимни, велат дека за одредена сума на пари, се прогледува низ прсти и се стимулира дивото градење, кое потоа се претставува како објект изграден деценија наназад со цел да се изигра законот за легализација.
Таканаречената „Пластичарска улица“ во центарот на нелегалните делувања
Примамливоста кај инвеститорите да ја прифатат оваа „понуда на ѓаволот“ доаѓа од големата заштеда на средства која се случува преку неплаќањето на комуналиите. Потоа за симболична сума, и до 10 пати помала од онаа која би ја платиле по легалната постапка за одобрение за градба, објектите ги легализираат. Истовремено е оштетена и професијата, бидејќи овие проекти не се регуларно контролирани, не знаеме дали ги имаат сите проектантски фази, дали објектот сеизмолошки е издржлив итн.
Оние кои го менаџираат овој процес, ја оштетуваат државата и општината за илјадници евра, несомнено правејќи криминал и урбанистички хаос, додека луѓето – инвеститори ги прават соучесници со тоа што им се нудат вавките предлози, а во некои случаи може да станува збор и за уценување. Овие кажувања се усни, до некаде шпекулативни, но со оглед на ситуацијата на терен и тековните медиумски покривања, тие се се поблиску до вистината.
Меѓувремено се отворија судски постапки за истото, медиумите се повеќе притискаат за разрешување на ова незаконско делување. Останува да видиме како ќе се одвиваат понатаму работите и какви крајни резултати ќе дадат отворените случаи.
Автор на статија: Filip Koneski