Мајстор и Сочи / Радован Раѓеновиќ

Мајстор и Сочи

Музика, Чајковски. Лебеди во архитектурата на крајбрежјето и планините – Сочи, Кавказ. Е, да знаеш море мајсторе од Крива Паланка што се создаваше. Да, тогаш кога играше валцер, па наклон и бацување рака во “Жемчужина“. Паметиш?

Почна 1974 година во Дагомис, дел на олимписко Сочи. Хотелски комплекс од 100.000 м2 со сите содржини, соодветно немените за меѓународен туризам.

Kompleks Soci

Го градат здружените градежници наречени “Југословенски стројитељи“, меѓу нив ГП “Маврово“. Ама потоа некои објекти се нарекуваа и “Македонски дом“, што означувало висок стандард на градбите. Ништо случајно, го граделе и олимпиското село во Минхен.

“Маврово“ 1980 г. започнува со проектирање и изградба на хотелски комплекс “Запољрије“ на бреговите на Сочи. Над 100.000 м2, вредност на работите 102.000.000 долари, проектната документација 6.000.0000 долари – во она време. Проектирано и изградено во целост во период од 3.5 години – партер, паркови, спортски терени, крајбрежни објекти (пристаништа), затворени базени, лечилишта, ресторани, хотели и реконструкција на летниковецот на Берија. Ентериери и опрема – “Треска“, Скопје.

Kompleks Soci 2

Изградениот комплекс се покажуваше на светот, да види што има Сочи. Рускиот академик Пољански во својата книга “Комплекси одиха“ од 1985 г. го презентираше “Запољарије“ како најдобар комплекс во СССР.

Проектантите на “Мавровопроект“ го презентираа проектот на Меѓународниот конгрес на архитекти во Софија, проследено со посебно внимание, аплауз.

На Биеналето на македонската архитектура БИМАС, се здобија со признание за афирмација на македонската архитектура во светот.

Со изградбата на овој комплекс раководеше градежниот инженер Миле Кастратовиќ. Беше прогласен за почесен граѓанин на Сочи.

Да продолжиме уште малку. На пример до 1985 г. кога е усвоен проектот на “Маврово“ за изградба на аеродромот во Адлер. На основ на проектот е договорена изградба на аеродромот кој го изгради “Маврово“.

adler airport

3973525

Македонските проектанти и градители – “Бетон“, “Гранит“, “Македонијапроект“, “Маврово“, “Треска“, “Пелагонија“, ЕМО работеа и продолжија да работат во Сочи, Москва, Тула, Алтај, Урал, па стигнаа и до Камчатка. Мајсторот проектираше и градеше на три континенти. Стигна подалеку од Александар. На овие мајстори, воини да им поставиме барем една спомен плоча, некаде на сокакот.

Во градежништвото на Македонија некогаш работеа над 50.000. Своето умеење го покажуваа воглавном вон Македонија – 78%. Работите ги добиваа како афирмирани проектанти и градители, а во рамки на пазарните критериуми.

Проектирањето е извоз на интелектуални услуги. Не се извезуваше работна рака на саат. Се превземаше градба од проект до целосна изградба на објектот, по Европа, Азија и Африка.

Каде сме денес, мајстори! Старата слава е како ехо. Сочи? Па пред две години руски инвеститор, кој гради во Скопје и Битола, побара да проектираме и изградиме хотел во Сочи за Олимпијадата – 40.000 м2.

Можеме ли денес да превземеме таква обврска? Одговорот го знаете.

Зошто, кога во почетокот на девеесетите години само во Русија и Украина, во Запорожје, Ново Кузњецк, Тула, Москава, Киев итн., градевме објекти со договори вредни над 600.000.000 долари. Замислете денес таков извоз на интелектуални услуги и градителска умеаност, а увоз на пари.

Kompleks Soci 4

Нашиот мајстор тогаш работеше за месечна плата од над 1.000 долари. Тогаш научи да игра валцер, облечен во тегет одело со лептир машна. Во ресторан одеше со такси. Но започна да пее “Зајди, зајди“….

Отпочна “мајсторијата“ на организираните тајкуни. Мајсторот изгради, инвеститорот плати, парите отишле до западните претставништва, ама не стигнале до Скопје. Нема плата, ниту на работниците, ниту на семејствата дома. Работниците штрајкуваат на градилиштата, фамилиите пред дирекциите. Инветиторот прашува – платив, што значи ова? – Зајди, зајди…

Значи залезот е на Исток, бидејќи Големиот Брат е на Запад, ама залезот е дома. Дома нема ни месечина, ја помрачуваат миленичињата на Големиот Брат. Мајсторе, од сега ќе носиш тарги и ќе удираш печати на источните или далекуисточните проекти, за 200 долари на месец. Па што сакаш, колку е кило патлиџани. И тоа “македонски дом“ да го прекрстиш во “БЈРМ – дом“. И запомни, парите од Исток или Далекиот Исток одат на Запад, до Берлин, Лондон, Кипар дури до Сејшелските острова или Флорида.

Тоа мајсторе се нарекува транзиција, се што беше наше сега е негово. Граматика мајсторе, од множина во еднина.

Па тоа значи дека ќе ги приватизиравме фирмите. Како, па тие не беа нивни. Да, ама имаа сериозни недвижности. Административни објекти во центрите на градовите, одмаралишта покрај езерата, механизација. Чии се тие денес или што е со нив?

Претставништвата на Запад беа приватни фирми, сметките на личен потпис. Е па затоа штрајкуваа мајсторите на градилиштата. Нив не ги интересираше продолжување на афирмираните способности.

Шарни го зидот на плачот за да ти ги избрише солзите. Плачи сакана земјо, мајсторите си одат. Останавме без работа – зајде, зајде.., а месечина нема. Разбуди се.

Еден мудар американец, Чомски вели дека “агендата ја диктираат интересите на моќните групи. Една од нивните главни цели е деструкција на државата. Бизнисот никогаш не бил во љубов со демократијата.“

Во градењето на олимпиското Сочи работеле 100.000 градители. Каде е нашиот мајстор? Па за транзиција додава – “деструкцијата на демократијата е најеклектантен пример на уништување на социјалната држава“.

Музика, лебеди во архитектурата на олимписко Сочи. Нема ни врапче од Македонија. Плачи вреден мајсторе, ако те има. Солзите ќе ти ги избрише Големиот Брат.

 

Радован Раѓеновиќ

(авторот е архитект)

Автор на статија: