Архитект Лудјек Кубеш (1913 – 1996)
11.10.2016 • Автори
Извори: Архитектурата на почвата на Македонија, од средината на XIX до крајот на ХХ век – Книга 14 , МАНУ. Wikipedia.
Фотографии: Declampe.net, Борис Јурмовски
Роден на 13-ти Ноември 1913 година во Чешки Брод – Чешка. По завршувањето на студиите на Високата техничка школа во Прага, работи како асистент по предметот урбанизам, како самостоен архитект-проектант, дизајнер како и сценограф во Народниот театар во Прага. По ослободувањето на Чешка по втората светска војна, тој е директор на издавачката куќа ,, Свјет в образех” и главен уредник на истоимениот орган на чешката влада. Учествува на конкурси и објавува написи во стручниот, периодичниот и дневниот печат.
Во 1945 година, во времето кога Кубеш е главен уредник на весникот што го издава министерството за информации, на Првиот сесловенски конгрес во Братислава присуствува и југословенската делегација предводена од Димитар Влахов. Како главен уредник на споменатиот весник Кубеш разговара со Влахов и Анте Чадиковски – македонец кој живеел во Прага. Разговорите се однесуваат на Македонија, за која во тоа време во Чешка не се знаело многу. Неговото запознавање со Македонија и нејзината традиција и култура продолжува преку информации собрани од многубројни енциклопедии, туристички водичи, билтени на југословенската амбасада,забелешките на Јарослав Хашек за состојбите на Балканот од 1903та ,серијата написи на чехот Јан Климнеш, што под наслов “Kaко се организирани и како живеат македонските востаници” излегува во списанието “Свјетозoр” .
Најсериозното запознавање на Кубеш со Македонија се случило преку книгата “Непозната Македонија”, напишана во 1924 та, во која познатиот сликар и етнолог Лудвиг Куба, ја прикажува Македонија.
Во тој период Кубеш ја напушта новинарската и издавачката работа поради боледување и целосно се пренасочува на проектанската дејност.
Во 1946 година Анте Чадиковски ќе му ја донесе на Кубеш поканата од владата да ги посети Македонија и Скопје, по која во Јуни 1947 тој пристига во Скопје, со цел да изврши одредени подготовки и да направи одредени студии за својот иден престој и работа. По предлог на владата на НР Македонија и со препорака на југословенската амбасада во Прага, тогашната влада на НФРЈ ќе одобри Кубеш да биде ангажиран како проектант во Македонија. Истата година тој ги почнува подготовките за изработка на првиот урбанистички план на Скопје. Овој план е завршен и одобрен од владата на НР Македонија во 1949 година. Според овој план, се одвиваат различните активности, урбанистичките студии и интервенции според кои се гради Скопје се до земјотресот 1963 та и урбанистичките решенија изработени подоцна, пост земјотресот.
Како еден од основачите и воедно сопственик на Републичкиот завод за урбанизам на СРМ, тој долго време ќе работи на проблемот на регионалното планирање, а истовремено самиот лично ќе изработи, и ќе помага во изработка на урбанистичките планови за речиси сите македонски градови: Ресен, Кочани, Струга, Кратово, Титов Велес, Дојран, Берово и др. Во оваа институција ќе работи во периодот од 1956-1957, како самостоен проектант, а истовремено е шеф на проектанското биро на ГП “Цревена Ѕвезда” oд Гостивар и на ДЗ “Градба Проект” oд Скопје.
Во својата работа активно учевствува во формирањето на урбанистичката теорија и практика на СР Македонија, залагајќи се притоа за оспособување на младите урбанистички кадри.
Покрај урбанистичката дејност, се занимава самостојно или тимски со архитектонско проектирање и изградба на колективни и индивидуални станбени згради, хотели, јавни објекти и цели комплекси.
@delcampe.net
Во областа на внатрешното уредување Кубеш неговото аналитичко искуство, познавањето на модерната логика на дизајнот и новите дефиниции на функцијата на внатрешната опрема, ќе ги употреби преку примена на соодветна систематизација на просторот и во оригинални решенија за комплетна опрема и мебел, како и за одредени технолошки аспекти и специфичности на неговата изработка. Тој го работи внатрешното уредување на вилите на високите државни гости во Скопје и Дојран, како и уредувањето на салите и канцелариите на Народното собрание и извршниот совет на СРМ.
Тој интезивно се занимава и со публицистичка и литературна дејност, со изработка на идејни решенија за плакати и графичка опрема, соработувал со ликовните уметници и младите архитектонски кадри. Во подоцнежните години, во периодот 1973-1984 година, Кубеш работи и делува како самостоен проектант во “Енергопроект” при ГП “29ти Ноември” – Скопје.
Позначајни реализации од неговиот творечки опус претставуваат: Идеен урбанистички план на Скопје (1947), Генерален регулационен план на Скопје (1948), Детални урбанистички планови за: Скопје,Кочани, Кичево ( со арх. Љ. Маленкова), Стар Дојран ( со арх. Душан Пецовски и арх. Јумни Зекир) ( 1948-1955), Осум станбени блокови во населбата Мичурин (1948-49), Детално урбанистичко решение на туристичко- рекреативниот центар “Сарај” во Скопје ( 1959-50), Летно кино со сцена во градскиот парк во Скопје (1949-50), Станбени објекти на ул. Орце Николов во Скопје (1952-54), Станбени објекти – вили на Водно (1964), Туристичко- рекреативен центар ,,Македонија Белви” (1970), Осумгодишни училишта во Пехчево, Св. Николе и Неготино (1971-74) др.
“Станбен објект на Ул. Орце Николов. @МАРХ
“Станбен објект на Ул. Орце Николов. @МАРХ
“Станбен објект на Ул. „Орце Николов“. @МАРХ
“Семејна куќа на Ул. „Орце Николов“- 1952. @МАРХ
Станбен објект на Ул. Иво Рибар Лола. @МАРХ
@build.mk
За неговиот придонес во доменот на архитектонското и урбанистичкото планрање и проектирање, како и за неговиот придонес во развојот на архитектонската мисла, тој е добитник на: наградата ” Андреја Дамјанов” за животно дело, доделена од сојузот на архитектите на Македонија, 1992 година и “13ти Ноември”, награда на град Скопје за придонес во развојот на урбанистичката мисла. Во пошироки размери како еден од првите повоени урбанисти, тој во 1957 година ќе ја добие “Златна значка” на сојузот на урбанистите на Југославија.
Материјалот го приложи и обработи: Софија Стојаноска
Автор на статија: Стојаноска Софија