За пропаднатите индустриски објекти
22.06.2017 • Информации Став
На 17ти јуни, во рамки на дискурзивно -едукативната програма „Совршениот уметник“, во киното Култура се случуваше дискусија на тема „Инвестирање во уметноста/ културата или можности за демаскирање“. Истата беше водена од Милан Живковиќ, а учество земаа новиот министер за култура Робер Алаѓозовски, основачот на Интернационалното биенале во Тирана, Еди Мука, како и Ивана Васева, социолог и куратор во полето на уметноста.
Во дискусијата се зборуваше за се она што значи јавна култура и уметност, простори и инвестиција во културните објекти и проекти од страна на властите. Како да се внесе независната културна сцена во процесот и како да се врати достоинството на независните уметници.
Од дискусијата го издвојуваме ставот на новиот министер за Култура, Алаѓозовски, кој ја истакна потребата од културната инфраструктура и иницијативата да се размисли за реупотреба на пропаднататите индустриски објекти во овој контекст.
За оваа тема многупати говоревме тука, а особено се работеше на генијални предлози низ студентските проекти на Архитектонскиот факултет при АФС.
Имаме неколку успешни примери за пренамени на овие објекти и за жал многу повеќе негативни во Скопје. Од позитивните мора да се спомене Националната галерија на Македонија- објектот Мала Станица, и од поскоро време на истата улица, концесијата за објектот на Public Room.
Реагиравме на рушењето на „Сапунарата“ која беше одличен потенцијал за кутурен центар, а срушен без никаква дискусија и јавен конкурс за тој простор.
Сега веќе со лошите урбанистички планови се заканува уништување и на комплексот објекти од претпријатието „Славија“ во Кисела Вода, кој е уште еден простор со невиден потенцијал, пандан на она што го знаеме за Љубљана и нивната „Метелкова“. Филмски град, студија, ателјеа, концертен плоштад, факултетски работилници, продавници и занатечиски дуќани за креативните струки се само дел од можностите, но повторно предвидени се станбени блкови со неразумна висина на венец.
@МАРХ
@МАРХ
@МАРХ
@МАРХ
@МАРХ
Го објавивме и одличниот дипломски труд на Рената Томовска за скопската пропадната фабрика „Стаклара“, кој интегрира културно-балетски центар:
Се надеваме дека Министерството за култура, доколку започнува со сериозна иницијатива на ова поле, ќе ги земе в предвид архитектите и фелата како стручни во полето и низ низа на конкурси отворени за сите, ќе ги пронајде и евалуира потенцијалните индустриски објекти. Следната етапа е особено значајна, каде треба да се ургира во урбанистичките планови, кои апсолутно го дозволуваат нивното рушење и девастирање.
Посакуваме успех на иницијативата и се надеваме на реален бенефит за македонската култура.
Ф.К
Автор на статија: Filip Koneski