Финална презентација на студентските проекти работени под менторство на арх. Симон Хартман

 На почетокот на месец Февруари, во Концепт 37 во Скопје, студентите од Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот Американ колеџ Скопје, јавно ги презентираа проектите работени во рамки на предметот Студио 1 во есенскиот семестар од академската 2016/2017 година. На дводневниот настан, студентите имаа можност да ги презентираат своите проекти, како и да добијат мислење за нив од гостите критичари Боштјан Вуга, партнер во студиото Садар+Вуга од Љубљана, Словенија и Тило Херлах, партнер во студиото ХХФ архитекти од Базел, Швајцарија.

Раководител на предметот Студио 1 беше визитинг професорот на Факултетот за архитектура и дизајн при УАКС, архитект Симон Хартман, партнер во студиото ХХФ архитекти од Базел, Швајцарија. Покрај архитект Хартман, во педагошкиот тим беа и Владимир Десков, Виолета Бакалчев и Силвија Шалева.

Оваа година темата на која што работеа студентите од 4-та година беше насловена “Grand XYZ”. Зададената локација се однесува на поренешната фабрика Треска, простор во градот Скопје кој многу пати бил тема на разговор, критика, но и инспирација на студентски проекти. Целта на задачата беше да се проектира објект со комплексна просторна конфигурација во која се испреплетува  архитектонското и урбанистичкото размислување.

Цртежи: Елена Спасеска, Костадинка Соларова, Стефани Крстева, Мартин Марковски

Материјалот го приложи и обработи: Стојаноска Софија