Реконструкција и проширување на аеродром „Св. Апостол Павле “– Охрид / ХРИСТОВИ ИНЖЕНЕРИНГ

Година на проектирање: 2025г.
Изведба: 2026г.
Автор: ХРИСТОВИ ИНЖИНЕРИНГ & КОНСАЛТИНГ ДОО СКОПЈЕ
Соработници: Jaна Димовска, Славица Гудева, Иван Христов, Златко Стојановски, Иван Дуковски
Локација: Аеродром “Св. Апостол Павле” – Охрид

 

ОПШТО
Проектот се фокусира на реконструкција и проширување на постојните објекти, со цел унапредување на нивната функционалност, условите за работа, просторната организација и капацитетот за прифаќање и опслужување на патници. Со предвидените интервенции се подобри оперативната ефикасност, се оптимизира движењето на патниците и се создаде пофункционална и покомфорна аеродромска средина. Проектот истовремено воспоставува подобра поврзаност меѓу постојните и новите содржини, овозможувајќи појасна организација на просторот и подобро прилагодување на објектот кон современите потреби и идниот развој на аеродромот.

 

ТЕРМИНАЛНА ЗГРАДА

Терминалната зграда е реконструирана и проширена со цел да одговори на зголемените потреби на патниците и современиот аеродромски сообраќај. Со интервенциите се зголемени капацитетите и површините на клучните простори, воведена е нова порта и е подобрена целокупната организација на терминалот.
Посебен фокус е ставен на полесното движење на патниците, подобрата функционалност и создавањето покомфорна и попријатна средина. Истовремено, проектот ги подобрува енергетската ефикасност и оперативноста на објектот, но и создава можност терминалот полесно да одговори на идниот раст на патничкиот сообраќај.

 

 

ПРИКАЗНАТА НА ПРОСТОРОТ

Аеродромот е специфичен тип на јавен простор. За голем број патници, тој е првата точка на контакт со градот и земјата што ја посетуваат, но истовремено и последниот простор со кој се среќаваат пред да заминат. Токму затоа, ентериерот беше третиран како можност за создавање прв визуелен и просторен впечаток за Охрид — не преку буквално реплицирање на неговата архитектура, туку преку внимателно избрани елементи кои го носат неговиот културен и локален идентитет.

Вратен симбол

 

Фризот на ангели од црквата „Св. Софија“ повторно е интегриран во просторот на поаѓања, како дел од визуелната меморија и културниот идентитет на Охрид.

Станува збор за верна репродукција на оригиналната фреска во размер 1:1, изведена во 1970 година од Спасе Спировски во техника темпера на платно.

Нејзиното повторно поставување воспоставува континуитет меѓу наследството и современиот аеродромски простор, претворајќи го познатиот мотив во дел од првиот визуелен контакт на патникот со Охрид.

 

Културно наследство, современ израз


Како дел од авторскиот пристап кон ентериерот, тимот на Христови го разви визуелниот концепт инспириран од ранохристијанските мозаици на Плаошник. Во текот на посетата на локалитетот, во соработка со Наум, вработен во истиот, мозаиците беа директно фотографирани и документирани, со фокус на нивните автентични фигури, симболи, шари и текстури.
Од оригиналниот фотографски материјал беше создаден панорамски колаж за ѕидот зад шалтерите за пријавување. Фрагментите се компонирани и визуелно обработени без прецртување или реплицирање, со што самиот мозаичен материјал станува основа на современиот графички израз.

Со овој пристап, културното наследство на Плаошник не е претставено како декоративна референца, туку е директно внесено во современиот јавен простор на аеродромот.

 

 

Вкоренети во традицијата


Графичките елементи на подот внесуваат уште еден слој на локален идентитет, инспириран од македонската народна уметност и традиционалните орнаменти. Преку нивна современа графичка интерпретација, дизајнот создава суптилна визуелна поврзаност со македонското културно наследство, истовремено насочувајќи го движењето на патниците низ аеродромскиот простор.

 

 

Локална перспектива

 

Ентериерот на аеродромот станува и платформа за современото локално творештво. Дизајниран од локалната дизајнерка Ивана Горичан, графичкиот тапет обединува препознатливи елементи на Охрид — „Билјана платно белеше“, Канео, охридската пастрмка, златната маска, како и други карактеристични симболи на градот. Преку нивна современа графичка интерпретација, овие елементи се обединуваат во единствена визуелна композиција која раскажува приказна за Охрид и неговиот локален идентитет го внесува во ентериерот на аеродромот.

 

ДОГРАДБА НА АДМИНИСТРАТИВНА ЗГРАДА

НАДГРАДБА НА ОПЕРАТИВНИ КАНЦЕЛАРИИ

Секое патување започнува со првиот впечаток.
За Охрид, тој впечаток се создава на местото каде што се среќаваат културното наследство, уникатниот пејзаж и современиот живот. Овој проект го обликува аеродромот не само како место на пристигнување и заминување, туку како прва средба на намерникот со духот на Охрид –  приближувајќи го неговиот идентитет и архитектура преку светлината, материјалите, едноставноста и силното чувство на припадност кон местото, со искрена надеж за повторна средба.