И З В Е Ш Т А Ј на УО на ААМ за активностите во период 2013 – 2016
19.10.2016 • Информации
УО на ААМ е избран на 18.09.2013 г., а званично отпочна со работа (по регистрација во Централен Регистар) на 22.10.2013 г.
УО се грижеше за функционирање на канцеларијата, обезбедување материјални средства, организирање и одржување на манифестации на ААМ, промоција на архитектурата, заштита на квалитетното архитектонско творештво и партиципирање во сите сфери на архитектонското делување. Следење на состојбите и случувањата во архитектурата и активно учество во случувањата секаде каде што тоа беше можно.
2013
Консолидирање на состојбите во канцеларијата на ААМ. Поради наталожени наследени проблеми и неработење на тогашниот секретар на ААМ Лазар Димов во функционирањето на канцеларијата имаше многу заостанати работи.
Воспотавување ред и континуитет во дневното функционирање на ААМ.
УО донесе одлука за престанок со работа на поранешниот секретар на ААМ Лазар Димов, кој воедно имал и функција на Генерален секретар. Оваа одлука е едногласно донесена од УО на ААМ и е во писмена форма дел од архивата на ААМ, врз основа на барање на Собранието на ААМ. Лазар Димов не ја извршуваше работата во канцеларијата во ААМ, не доаѓаше на работа и активното учествува во работа на “Скопје 2014“. На Лазар Димов му се исплаќала плата и во период кога не одел на работа. Последните три плати кои му се должеле и не му се исплатени со одлука на УО, која е во писмена форма дел од документација во ААМ. При одјавување на Лазар Димов од Завод за вработување констатирано е дека тој бил пријавен со Договор за определено време, што воедно значи дека неговиот работен однос не бил ни продолжен со месеци предходно, а се водел како вработен во ААМ.
На место технички секретар е ангажирана Оливера Блажевска, која ги извршува тековните работи во канцеларијат и работи со договор на дело преку авторска агенција за истата финансиската надокнада колку изнесувал буџетот за плата во ААМ.
Во канцеларијата на ААМ обезбеден е нов компјутер кој е донација на фирмата “Елита Инвест Трејд“
Доделена е награда за животно дело “Андреја Дамјанов“ на Проф. Михаил Токарев.
Доделена е Голема годишна награда на деловниот објект “Сектрон“.
2014
УО сметаше дека е потребно стариот Статут на ААМ да се измени и преработи. Изработен е нов нацрт Статут на ААМ со помош на Проф. Михаил Токарев. Нацрт Статутот е неколку пати испратен до членовите на ААМ на разгледување. Посечено е да се дадат мислења, предлози и забелешки кои соодветно би се вградиле во нацрт Статутот и би се свикало Собрание на кое би се разгледувало неговото донесување. Но, за жал и после неколку обиди до ААМ не пристигна ниту еден коментар за нацрт Статутот. Предвидено е составен дел од Статутот да бидат и Правилници за награди и конкурси. Нацрт Статутот ќе биде доставен до новото раководство на ААМ заради негова доработка и донесување.
Во овој период е изготвена web страна на ААМ и FB страна која има голема посетеност.
Изработено е и ново лого на ААМ бидејќи УО сметаше дека логото е застарено и е неопходно ААМ да има современо лого, согласно дејноста со која се занимава. Изработени се и членски карти на ААМ на сите оние кои по објавата доставија податоци и фотографија до канцеларијата.
УО на ААМ достави два пати барање до КОАИ за поведување дисциплинска постапка – одземање овластувања за проектирање на архитектите Жарко Чаушевски и Филип Богатинов на основ непочитување на авторските права согласно чл. 45 од Статутот на Комората на овластени архитекти и инженери и согласно чл.11 и чл. 14 од Кодексот на професионална етика на КОАИ, за објектите: Влада на РМ и ГТЦ. На ова Барање никогаш не добивме одговор, ниту во неформална усмена комуникација со Претседателот на КОАИ. Барањата се во архивата на ААМ.
Потпишан е Меморандум за соработка со Општина Центар – Скопје со што ААМ се вклучува, известува навремено и зема активно учство во сите случувања и активности на општината поврзани со урбанизмот и архитектурата.
Организиран е БИМАС 2014 под името “Паралелни светови“ со набиена програма. Организирани беа настани, изложби и дискусии секој ден за време на двонеделното траење на манифестацијата. Гостуваа предавачи и од странство Франциско Дијаз – Чиле, Петар Арсиќ – Србија, Томаш Канцлер и Урош Лобник – Словенија. Се организираа дебати за авторски права во архитектурата, релациите со КОАИ и цената на проектантските услуги. На овој БИМАС со одлука на Комисијата “Гран при“ не се додели.
ААМ свика прес конференција на која ги објави активностите кои се планираат за заштита на ГТЦ. На прес конференцијата беа писмено, уредно поканети архитектонските факултети и КОАИ, да застанат рамо до рамо со ААМ, но никој не се одзва на поканата. По завршување на прес конференцијата ААМ достави барање до Општина Центар за организирање референдум за заштита на автентичноста на ГТЦ. Барањето е дел од архивата на ААМ.
Доделена е награда за животно дело “Андреја Дамјанов“ на архитект Вера Ќосевска.
Доделена е Голема годишна награда на објект, спортска сала “Јане Сандански“ во Скопје.
Организиран и подржан е масовен настан за подршка на автентичноста на ГТЦ “Во новата година со стариот ГТЦ“.
2015
Воспоставена е соработка со АСА – Асоцијација на српски архитекти. Во рамки на соработката во нивното списание “Архитектура“ излегуваат текстови на архитекти од Македонија.
АСА традиционално во февруари организира меѓународна изложба “Уметност на архитектурата“ каде учествуваат земји од регионот, а членови на жири се Претседателите на асоцијациите на земјите учеснички. ААМ во 2015 г. го испрати на изложба во галерија “Атријум“ во Белград објектот, Музеј на Тоше Проески во Крушево кој ја доби наградата “Милан Злоковиќ“ за најдобро архитектонско остварување во балканскиот регион. За време на престојот во Белград ААМ се состана со АСА, Претседател Милош Станковиќ, застапник Зоран Маневиќ и член проф. Петар Арсиќ. Нивната предлог идеја е да се формира регионален, балкански сојуз на архитекти со што би се подобрила соработката, размената на искуства, заеднички изложби и предавања на земјите во регионот. Претседател на тој сојуз би се менувал секоја година од различна земја членка и седиштето на организацијата би се ротирало секоја година зависно од претседателот. Ова е сеуште на ниво на разговарање и размислување.
Организирано е предавње на архитект Зоран Бошевски од Загреб (по потекло од Македонија) “Концепти и проекти во архитектурата“. Во соработка и со подршка на Скопски саем.
Во рамки на соработката со Општина Центар – Скопје ААМ активно го подржа референдумот за задржување на автентичноста на ГТЦ.
Одржан е состанок со министерката за култура Елизабета Канчевска Милеска на кој е разговарано за финансиска помош за проекти кои министерството ги доделува и за проблемот за чланарината за УИА која до 2013 г. се подмирувала со пари дадени од министерството, но пота министерството не одби за тие средства со образложение дека во 2013 г. не сме поднеле апликација за сретствата и не сме повеќе во меѓународната програмата за чланарини (таа апликација не била поднесена од предходното раководство).
Доделени се средства на ААМ покрај стандардните награда “Андреја Дамјанов“ и БИМАС, за две изложби. “25 години Андреја Дамјанов“, изложба во Културно – информативниот центар на РМ во Софија и за прв пат и за Голема годишна награда.
Разгледувано е на состанок на УО и разговарано е со членови на Архитектонската академија – АА да се откажеме од покровителството на Претседателот на РМ на Големата годишната награда поради неговото непочитување на архитектонското творештво огледано во односот кон проектот “Скопје2014“, референдумот за ГТЦ. Заклучено е дека институцијата Претседател мора да се почитува и дека евентуална таква одлука може да донесе само Собранието на ААМ со гласање.
Организирање и одржување јубилејна изложба на “25 години награда за животно дело Андреја Дамјанов“ во Музејот на град Скопје со помош на Министерството за култура на РМ. На изложбата беа претставени 25 лауреати на наградата презентирани секој со свое пано и со каталог.
ААМ јавно ги повика своите членови да ја бојкотираат манифестацијата “Архитектура на град Скопје“ АСК која ја организира градот. Мотивот за повик на бојкот се согледувањата на ААМ дека е неодговорно и нестручно е да се учествува на манифестација која ја организираат истите оние кои ја потценуваат архитектонската професија и покажуваат непочитување кон архитектонското творештво. Исто така, ААМ смета дека Градот Скопје нема ниту стручност да процени, ниту мудрост да препознае, ниту, пак став и храброст да вреднува квалитетна архитектура. Членовите го испочитуваа повикот за бојкот на ААМ.
Доделена е награда за животно дело “Андреја Дамјанов“ на Проф. Мартин Гулески.
Доделена е Голема годишна награда на објект, куќа на Водно во Скопје.
Изложбата “25 добитници на наградата Андреја Дамјанов“ гостуваше во Културно – информативниот центар на РМ во Софија, Бугарија. Изложбата е организирана со подршка од Министерството за култура под име “Современа македонска архитектура 1950 – 1995“.
За време на престојот во Софија ААМ оствари средба со Претседателот на Сојузот на архитекти на Бугарија Георги Бакалов, со заменикот Претседател Светлозара Шаханова и Генералниот секретар Вања Фурнаџиева. На средбата е потпишан меморандум за соработка.
2016
ААМ ја подржа изложбата посветена на творештвото на архитект Билјана Филиповска “40 години траги во просторот“ одржана во Музеј на град Скопје.
ААМ на изложбата “Уметност на архитектурата“ која се одржува во галерија “Атријум“ во Белград оваа година испрати четири објекта како претставници на ААМ. Катна гаража во Скопје, Тренинг центар на ФК Вардар – Скопје, Куќа на Водно, Куќа К – Скопје. Некои од објектите добија пофалници.
Во рамки на Саемот за градежништво и со подршка на Скопски саем одржана е дебата “Урбанистички план – просторот како ресурс или роба за продавање“. На дебатата говереа урбанисти и архитекти. Беа поканети просторни планери и урбанисти кои ги изработуваат актуелните урбанистички планови, но ниту еден не се одзва на поканата.
Се одржа БИМАС 2016 под име “Рециклирана архитектура“. Организирани беа настани, изложби и предавања. Гостуваа предавачи од странство Мароје Мрдуљаш – Хрватска, Аристид Антонас – Грција, предавачи од РМ, Горан Мицковски и Ана Ивановска Дескова. Се организираше автобуска тура низ Скопје “Рециклиран град “. Се додели “Гран при“ на Тренинг центар на ФК Вардар со многу контраверзи.
Се организираше и свеченост во Музеј на град Скопје по повод примање во МАНУ за почесен член на Проф. Георги Константиновски.
ААМ, граѓанската иницијативата „Го сакам ГТЦ“, Цивил – Центар за слобода и „Плоштад Слобода“ до Уставен суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот чл. 50 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, и истиот да се поништи како противуставен. Сметаме дека е несериозно и неодговорно да се прават толку чести измени и законски дополнувања, особено со Законот за просторно и урбанистичко планирање. Спорен е членот 50 од овој Закон, со кој е пропишана постапка за разработка на документација за градби коишто Владата со своја одлука ќе ги определи како градби од „посебен интерес“.
ААМ повторно ги повика своите членови на бојкот. Овој пат да не учествуваат на тендерот за изработка на Оснвен проект за промена на фасадата на зградата “Ибни Пајко“ во “барок“ кој треба да се изработи врз основа на идеен проект на архитектите Лазар Димов (поранешен Генерален секретар на ААМ) и Никола Стакинов. Бојкот е засега успешен, бидејќи на три расписа досега никој не се јавил.
Остварена е средба со амбасадорот на ЕУ во Македонија Самуел Жбогар. На средбата е говорено за состојбите во архитектурата, особено со проектот “Скопје 2014“.
Подготовка на изборно Собрание на ААМ.
Останати активности и согледувања на состојбите
Претседателот на ААМ и КОАИ повеќе пати се состаанаа и воглавном се разговараше за воведување на загарантирана минимална цена за проектантските услуги и за честите измени во Законот за градење и Законот за просторно и урбанистичко планирање.
ААМ континуирано бараше од КОАИ да земе активно учество и да интервенира на пречестите измени на Законот за градење. Особено со најновите измени донесени во февруари 2014 г. на Законот за градење се додава чл: 67-а во кој се предвидува “советот на општината, советот на општината во градот Скопје, односно Советот на градот Скопје со одлука можат да го утврдат изгледот на фасадата на еден или повеќе објекти“. Ова значи дека советот на градот има законски право да ги менува фасадите, дури и на бесправно изградени објекти. “Доколку надградбата и доградбата претставува функционална целина и се на објект со јавна или деловна намена, право на сопственост на објектите стекнува советот кој ја донел одлуката за изгледот на фасадите. На измената се предвидува советот на општините и советот на град Скопје со одлука да го утврдат изгледот на фасадите на објектите кои се во употреба и кои се наоѓаат во централното градско подрачје, доколку сметаат дека истите се од значење за општината или главниот град“.
Скандалозноста на Законот за легализација на бесправно изградени објекти.
Или измената во закон каде се дозволува без промена на ДУП да се надградуваат куќи до висина 10. 20 м, доколку постојниот објект има дозвола за градење или е легализиран.
Во мандатот на овој УО законот за градење е променет 18 пати.
Сите овие барања и дописи се дел од архивата на ААМ.
БИМАС секако е најголемата манифестација која ја организира ААМ. БИМАС ја отсликува состојбата на нашата архитектура, за која знаеме сите дека е не е на завидно ниво.
Ние повторно покажавме дека знаеме да говориме за архитектура, дека убаво ги пакуваме приказните за објектите, дека знаеме да правиме убави плакати, перформанси, дека знаеме да ја запазиме формата, но проблем ни претставува содржината, творештвото, т.е. реализираните урбанистички планови и објекти. Урбанистички планови веќе со години не ни се пријавуваат на БИМАС.
Ова се должи на општата состојба во државата, на односот на инвеститорите, на ниските цени на услугите, на непостоењето на големи, квалитетни проектантски бироа, но и на нашето поимање на квалитена архитектура, ниво на изработка на проектна документација и намален квалитет на архитектонското образование. Општ е впечатокот дека архитектите потклекнаа пред налетот на деградација, омаловажување и маргинализирање на сите сфери во општеството. Потклекнаа во смисол што не успеавме да го задrжиме квалитетот на нашето творештво и нивото на изработка на проктната документација. Прифативме намалување на квалитетот на образовниот процес, прифативме поедноставување на проeктирањето, создавање архитектонски слики, на сметка на неквалитетни проекти, прифативме бегање од одговорност да го изработиме проектот до крај и манипулации со прикаски и перформанси за архитектура во недостаток на проекти.
Посетеноста на манифестациите не е многу масовна, просечната старост на посетителите е повозрасна. Тоа само уште повеќе го покажува нашиот однос кон професијата, особено на помладите. Голема почит кон повозрасните кои умеат да ценат и да го негуваат својот однос кон професијата. Можеби некои сметаат дека нивото на манифестациите не е многу високо. Но ние не можеме да ја измислиме архитектура која ја немаме.
ААМ се занимаваше и со актуелни проблеми кои не засегаат сите и директно нашата егзистенција и одзивот повторно не е голем. Со години се провлекува проблемот со ниските цени на проектантските услуги. На БИМАС 2014 беше одвоен термин за дискусија за овој проблем, со единствена цел, да се состанат повеќе архитекти и разговараат за актуелниот проблем барајќи начин тој да се реши, но за жал постеноста беше мала, а староста возрасна, да не речам пензионери кои е пологично да се помалку засегнати со проблемот.
Искуството на овој УО со случувањата и “чудните“ критериуми околу доделување на наградите на манифестациите покажа дека е неопходно ААМ да има Правилник и Критериум за доделување на награди.
УО состави и изгласа Правилник за доделување на награди на ГГН и БИМАС и Критериум за доделување на награди кои се дел од архивските документи на ААМ. Предлог на УО е овие правилници да се користат во иднина со што ААМ ќе доделува награди по универзален архитектонски критериум, а не критериумот да биде личен. На овој начин доделата на наградите би се извршувала стручно, чесно и рамноправно.
Веќе напоменав дека техничкиот секретар Оливера Блажевска работи во ААМ со договор на дело. Заклучно со декември 2015 работното време беше осум часовно од 8 – 16 h, за полна плата во истиот износ кој ААМ со години го двоел за плата. Поради финасиски потешкотии и заклучокот на УО дека четири часовно работно време е сосема доволно за тековното работење на канцеларијата, од 1 јануари 2016 г. канцеларијата работи од 9 – 13h, а техничкиот секретар за половина месечен надоместок.
Во последните три години канцеларијата на ААМ плаќа и комуналии по барање на ИМИ (Инженерска институција на Македонија) која е воедно и сопственик на просторот каде е сместена нашата канцеларија.
Најосновните трошоци за функционирањето на ААМ измесуваат ~20.000 ден. месечно или 240.000 годишно. Деталните сметки за трошоците можат да се видат во финансискиот извештај и сите фактури и сметки се дел од архивата на ААМ.
Ова раководтво на ААМ отпочна да работи со УО во состав Искра Ефремова, Даница Павловска, Дејан Ивановски, Дејан Секуловски, Ангел Ситновски и Филип Дубровски. Составот набрзо се измени. По барање на Претседателот на УО направена е анализа на работењето на Даница Павловска и по неколку разговори и опомени заеднички е заклучокот и се донесе Одлука таа да не биде повеќе член на УО поради незавршување на нејзините заостанати обврски затекнати од нејзиното раководење со ААМ и превземање самостојни и некоординирани иницијативи. Одлуката на УО е составен дел од архивата на ААМ. На место на Даница Павловска член на УО е Ана Радоњиќ. Филип Дубровски по извесен период отиде да живее и работи во странство на негово место член на УО е Дејан Спасеновски.
ААМ последните години функционира во најделикатни и најтешки околности од нејзиното постоење. Соочена е со апсолутно игнорирање од институциите, непочитување на архитектонската професија и недостаток на спонзори и финансиски сретства. ААМ се обидува и во јавноста медиумски да биде присутна и да одговори стручно на актуелните случувања со урбанизмот и архитектурата. Најголем дел од случувањата се производ на политичко делување, искуството покажува дека и медиумската присутност на ААМ се става во политички контекст, дека медиумите пројавуваат интерес кон ААМ само кога е политика во прашање, но не и стручност и независно архитектонско творење. ААМ се обидува да делува во овие околности и да говори исклучиво од стручен акспект колку е тоа можно во дадените ситуации. Жално е што ААМ повеќе има работа да се занимава со она лошото во архитектурата отколку со квалитетно архитектонско творештво.
Се заблагодарувам на членовите на УО и техничкиот секретар без кои функционирањето на ААМ ќе беше невозможно и на сите оние кои се одзиваа на нашите покани за изложби, предавања, дискусии и на оние кои несебично се ангажираа во работењето на ААМ. Се заблагодарувам и на Претседателот на АА Вера Ќосевска која со стручност и неверојатна енергија и прецизност делува во областа на архитектурата и се ангажира во ААМ.
Едно е сигурно за да се постават на здрави основи ААМ и архитектонската професија воопшто, неопходно е несебично и чесно ангажирање и најдиректно стручно вклучување во сите сфери на архитектурата. Ангажманот во ААМ е исклучиво на волентерска основа и со ентизујазам и верба дека состјбите во архитектурата никој не може да ги подобри сем ние архитектите.
Му посакувам на новото раководство да има успешна работа и да оствари напредок во борбата за квалитетно архитектонско творештво и во влијанието на ААМ во општеството.
Претседател на УО на ААМ,
Сања Раѓеновиќ Јовановиќ
Октомври 2016
Автор на статија: Filip Koneski