Побеничкото идејно решение за повеќенаменска сала – Градски парк

Автори: Стефани Соларска, Игор Медарски

Година:2017

Награда: 1 место

_______________________________________________________________________________________

На дадената градежна парцела предвиден е единствен габарит, поставен долж оската југоисток-северозапад, со вкупни димензии 78.20м / 44.20м во основа, додека на горните нивоа објектот конзолно се испушта во рамки на максималните урбанистички пречекорувања. Формата на објектот има елипсоиден облик, при што приземјето е ослободено од главната содржина, со цел да се добие проодна површина на кота на терен, со што се овозможува добра врска на објектот со околниот контекст.

Сообраќајниот притап во објектот се предвидува од улицата „Аминта Трети“ на југозапад, која претставува директна врска со централното градско подрачје.

Влезот во подземниот паркинг на истата страна на објектот е предвиден со двонасочна рампа. Подземното паркирање се развива на две нива, на кота -2.80 и -5.60. На секое од двете нивоа се обезбедени по 75 паркинг места + 3 за лица со посебни потреби, односно вкупно 156 паркинг места. На кота на терен се предвидени 30 ВИП паркинг места + 5 места за ТВ екипи и амбулантно возило, со што вкупната бројка на обезбедени паркинг места за возила/корисници од различен карактер изнесува 191.

Дополнително е предвиден и економски пристап и паралелно паркирање на улица за возило за снабдување на северозападната страна од Новопроектираната улица.

Просторната и програмска концепција на повеќенаменската спортска сала се состои од единствен волумен со елипсоидна форма, расчленет по вертикала, што е јасно изразено на југозапдната фасада, која впрочем претставува главна врска со градскиот парк.

Карактерот на објектот е изразен преку неговиот пресек, каде се гледаат врските по вертикала помеѓу содржините, додека пак на минувачите тоа сценарио им е овозможено токму преку предната фасада, која е целосно застаклена. Сите „јавни“ функции се одвиваат на оваа страна, додека останатите содржини се развиваат на североисточната и југоисточната страна.

На ниво ±0,00 од јужната и југозападната страна се наоѓаат влезовите за публиката во салата, Фан шоп на К.К. Работнички кој е пристапен од Новопроектирана улица, како и од внатрешноста на објектот, билетари кои се надоврзуват на јужниот влез и кафе бар / игротека која се развива на 2 нивоа со галериски простор. На северозападната страна е предвиден економски и влез за вработени во администрација. На северната страна предвидено е влезно лоби, пристапно од ВИП паркингот како и од северната фасада. На ова влезно лоби се надоврзува музеј / простор за изложување на трофеи, медали, дресови на КК Работнички. На северната страна исто така се предвидени простории за администрација и простории на спортски федерации. На источната страна се предвидени клупски простории и простории за гости, конференциска/Press сала со капацитет од 120 места со дополнителен кетеринг простор, кој е директно поврзан со паркингот.

На ниво +5.00 се предвидени 2 повеќенаменски сали. Помошната сала се состои од еден терен за кошарка, кој може да се користи за загревање пред натпревари или за дополнителни спортски активности кои не се поврзани со главната сала. Главната сала е со капацитет од 2713 гледачи, вклучувајќи ги фиксните, телескопските и вип трибините и се состои од повеќенаменско борилиште за кошарка, ракомет, одбојка, тенис, мал фудбал. Помеѓу двете сали во горната партија е отворен воздушен простор (кој по потреба може и да се затвори), а овозможува протекување на атмосферата од главното борилиште во помошната сала.

Во случај кога телескопските трибини се соберени, постои можност за паралелно одвивање на три рекреативни кошаркарски натпревари.

Во случај на соберени телескопски трибини исто така се отвара можност за оддржување на различен вид на настани, како: концерти, модни ревии, изложби и сл.

На северната и источната страна се предвидени простории за спортисти, 6 соблекувални, 2 простории за тренери и инструктори, просторија за интервју по натпреварите (backstage), просторија за масажа, просторија за медицинска помош и итна евакуација, фитнес центар. За двете сали има посебни простории за реквизити. На јужната и западната страна се развиваат комуникациите и санитарии за публика, со пристапи кон телескопските трибини со капацитет од 950 седишта.

 

На ниво +7.70 целата површина е отстапена на гледачите, каде што се наоѓаат излезите (тунели) кон фиксните трибини со капацитет од 1763 седишта и 6 места за лица со посебни потреби,(според нормативи – 1 место за 500 седишта).

На ниво +10.20 единствено на северната страна е предвидено меѓуниво на кое се наоѓа ресторан, кој за време натпревари е во служба на ВИП ложите.

На последното ниво, 13.62, на северната страна се предвидени ВИП ложи и 182 ВИП седишта, додека на јужната се предвидени 6 коментаторски кабини и 35 новинарски места.

 

Својствено за објектите од општествен карактер, објектот има јасни и диреткни комуникации, како за лесна ориентација на корисниците, така и за брзо празнење во случај на евакуација. Предвидени се пет вертикални комуникациони јадра, распределени низ целиот објект.

Во решението јасно се дефинирани одните линии на различните типови на корисници, поделени во 4 категории: посетители/публика; ВИП; новинари; економски/вработени.

Ф.К