Подмладување: хотел „Палас“-Охрид / Јане Стојаноски 2011

Локација: кеј „Македонија“, Охрид

Година на проектирање на оригиналот: 1952

Година на изградба на оригиналот: 1958

Автор на оригиналното решение: Едо Михевц

Година на проектирање( Подмладување ): 2011

Автор на нова интервенција (предлог): Јане Стојаноски

Идејното решение е претставено на изложбата на архитектонски концепти за интервенции врз напуштени и запуштени објекти „Подмладување“, 13-19.6.2011 во Скопје

Slika 1

Хотелот „Палас“ во Охрид е изграден во 1958 година по прoект на Едо Михевц, еден од најистакнатите словенечки архитекти од средината на 20. век. Неговата изградба претставува пресвртница во развојот на туризмот покрај Охридското Езеро.

Slika 2

Низ годините, „Палас“ станува едно од жариштата на социјалниот живот во градот правејќи го овој објект нераскинлив дел од меморијата на охриѓани. За жал, хотелот е затворен повеќе години и веќе се покажуваат првите знаци на пропаѓање.

Slika 3

Лоциран на парцела со импресивна површина од речиси 15000м2, комплексот е составен од главниот хотелски блок обликуван во духот на рационалистичката мисла како јасен хоризонтално поставен волумен паралелен со езерскиот брег на чијашто јужна фасада се оцртува решетка формирана од длабоките лоѓии на хотелските соби, ниски делови во кои се сместени влезната партија и ресторанот, како и издвоен објект за кафеана и ноќен клуб.

Slika 4

Horizontalno

Изградената структура, поставена на парцелата во обликот на буквата П оформува простран двор со раскошно хортикултурно уредување.

Slika 14

Во своето оригинално решение, најгорниот кат е изведен во Ле Корбизијански манир како тераса наткриена со перголи, каде што гостите можеле да уживаат во панорамскиот поглед на езерото и стариот град.

OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Може да се забележи дека отворањето на видиците кон езерото претставува императив во целокупното обликување на објектот. Тоа е постигнато со поставување на оска на непопречени погледи нормално на главниот хотелски блок, на која се наоѓа главниот влез, влезниот хол и излезот кон кејот на приземјето, а над нив фоајеата на секој од катовите. Па така, посетителот се соочува со погледот кон езерото уште на самиот влез во хотелот, како и при излегувањето од лифтовите на секој од катовите.

Slika 6

Просторите во оваа оска се дарежливо димензионирани и атрактивно обликувани со големи застаклени површини и двојни катни висини и се замислени како места за дружење и заеднички активности на гостите. Но, осмисленото откривање на просторот не завршува овде. Така, патот од влезниот хол до главната ресторанска сала го води гостинот околу големиот двор со што истиот се согледува од различни агли, за повторно, од ресторанот и неговата тераса да се отвори видикот кон езерото.

OLYMPUS DIGITAL CAMERA

OLYMPUS DIGITAL CAMERA

За жал, со реновирањето на хотелот во седумдесеттите години,  кровната тераса и заедничките простори се претворени во хотелски соби, со што овие обликовни квалитети повеќе не можат да се согледаат.

OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Имајќи ги предвид горенаведените квалитети, традицијата на хотелот и стремежите за подигнување на стандардот на сместувачките капацитети, со ова идејно решение се предлага трансформација на „Палас“ во репрезентативен хотел од висока категорија, со што на овој објект повторно  би му бил вратен статусот што го имал непосредно по неговата изградба.

OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Првиот чекор кон остварувањето на овие цели претставува отстранување на подоцнежните (релативно несмасни) интервенции, со што повторно би се оформиле заедничките простори, со осовременета програма: библиотека, интернет катче/бизнис центар и салон за друштвени игри.

Slika 15

Во насока на изедначување на стандардот на сместувачките единици во објектот, предложено е спојување на малите соби на северната страна (кои изворно немале бањи, па со нивното додавање станале несразмерно помали во однос на собите на јужната страна).

Horizontalno

Најгорниот, петти кат повторно добива заедничка програма, овојпат спа центар, обликуван како кат-градина со употреба на транспарентни прегради и испреплетување на вегетација низ целата основа, што претставува интерпретација на изворната замисла на Михевц.

Slika 17

Предложена е и реогранизација на приземјето, при што, на местото на просториите за хотелската управа е предвидено оформување на сали за состаноци, а во продолжение, во „џебот“ помеѓу главната зграда и ноќниот клуб е предвидена изградба на голема конгресна сала, додека пак администрацијата е поместена на местото од ресторанот за пансионски гости, со што би добила директна врска со економскиот блок на хотелот.

Slika 16Во овој дел предвидено е и оформување на неколку локали за продавница за сувенири, рент-а-кар и сл. За да се задволат современите безбедносни прописи, предложена е изградба на скали за евакуација во издвоен волумен со конструкција во вид на мушарабија (земена како елемент од цртежите од првичните варијанти на проектот), кој со својата вертикала би застанал во контраст со изразено хоризонталната композиција на постојниот објект.

Slika 19

За крај, впечатокот на урбана вила со градина дополнително се засилува со апликацијата на вегетација на крововите од ниските делови на објектот и на северната фасада, со што „Палас“ би се претворил во зелена оаза во центарот на Охрид.

Slika 22

Horizontalno

 

Slika 18

Slika 20

Slika 23

Извор на илустрациите:

Слика 1 и 2-разгледници, непознат автор, од личната архива

Слика 3 и 4-delcampe.net

Слика 5-10-авторот

Слика 11-13-авторот, цртежи според проектот на хотелот

Слика 14-фрагмент од оригиналниот проект, фотокопија, Градски архив-Охрид

Слика 15-23-авторот