Промоција на монографија Мијачко станбено градителство / Шерденковска
21.11.2016 • Информации Литература
Промоција на монографија Мијачко станбено градителство – потекло развој дострели 23.11.2016 19 h
Автор: Меланија Шерденковска
Издавач: Матица Екслузив
Разгледувајќи го градителството на Мијаците, не можеме да не забележиме дека објектот што тие го градат не се вклопува во сликата на карактеристична селска куќа. Иако настаната во чисто рурална средина, таа ги носи сите обликовни атрибути на градска куќа. Нејзината формална осмисленост и естетска дореченост, го пленуваат окото и на најпрефинетиот естет. Конструктивниот склоп, организацијата на внатрешниот простор, како и неговата декорација, обработката на елементите околу вратите и прозорците, оддаваат една префинетост и длабоко вкоренето чувство за логичност и естетика. Нејзината органска поврзаност со почвата со која е и функционално срасната, го прави просторот единствен и неповторлив.
Доживувајќи ја куќата во Мијачкиот крај, во неа ја наоѓаме снагата на креативниот набој, како и творечкиот потенцијал на нејзиниот творец, но и снагата на духот на нејзиниот корисник. Во неа е преточена снагата на природата на овој крај, постојаната борба на водата и карпата, преку кои се создадени неповторливиот кањон на реката Радика, и уште повеличенствениот кањон на Мала Река, хармонијата на непрегледните шуми на витката бука, сите контрасти и суровости, но и сета живописност, која го вообличува генот на ова племе. Настаната како извонреден склоп на решенија со кои се задоволуваат сложените барања на животот на една фамилија во овој крај, таа го потенцира особено изразеното чувство за одреденост на формата и естетско обликување на објектот.
Низ една опстојна анализа на дејноста на Мијаците во оваа монографија докажано е дека Мијачките градители се есенцијалните втемелувачи на градителството на програмски и обликовно дефинираната традиционална куќа на јужниот дел на Балканскиот Полуостров и на западниот дел од Мала Азија.
Уште на првото ниво на типолошката анализа, можеме да истакнеме дека кај Мијачката куќа, од која се анализирани поединечните простории од објектот, сите нив ги наоѓаме во сите позиции, форми и врски со останатите простори. При тоа, секако имаме поретко и почесто застапени решенија, меѓутоа сите се присутни. Вистински проблем настанува при секој обид да се постави вкупна типолошка анализа на објектите. Иако формално поставувани на базично слична основа, секој објект претставува решение самиот за себе. Анализата покажа дека не може да биде поставена типологија ниту само на едно станбено ниво, а уште помалку може да биде поставена карактеристична типологија за целиот објект. Богатството на решенијата ни укажува за една извонредна креативност и инвентивност на мајсторите, на секој проблем да му пријдат аналитички и за секој објект да имаат ново, избалансирано, анализирано и проверено решение. Исто така ни укажува и за истражувачкиот и аналитичен дух, со кој решенијата, постојано и постојано преиспитувани биле пренесувани во краиштата каде што граделе како печалбари и повторно преиспитани, враќани назад во родниот крај.
Мијачките градители преку печалбарството и преселбите ги пренесуваат своите искуства во градењето на целата територија во Македонија, на Јужен Балкан и во Западна Мала Азија. Во сите краишта каде што тие дејствуваат, иницираат развој на градителството и на уметничките занаети кај локалното население, па тие стануваат центри на развојот на градителството и уметноста воопшто. Преку својата градителска дејност, тие во суштина поставуваат еден специфичен објект, приспособен на климатските и географските услови, како и на традициите на местото и потребите на луѓето.
Тоа во суштина се двата начина на влијание на градителството – директниот, преку изведбата на објекти, односно преку печалбарството, како и индиректниот, преку пренесувањето на градителската традиција и оформувањето на вкусот на населението, односно преку преселбите. Директниот начин на влијание во суштина ја презентира и големината на архитектонската мисла, која ја има моќта на големи трансформации, без да губи во својот квалитет; напротив, да постави еден специфичен и карактеристичен објект приспособен на климатските и географските услови, како и на традициите на местото и на потребите на луѓето.
Влијанието на мијачките градители го наоѓаме со помал или поголем интензитет, со непосредно или посредно влијание на целата анализирана територија. Затоа и границите беа поставени во однос на територијата на распростирањето на племето во сопствениот крај и целата останата архитектура. Тука се истакнува и големината на нивната архитектонска мисла, која може да се приспособува и трансформира, а во суштина да не го загуби својот сопствен идентитет. На тој начин и со огромна успешност таа ја создава традиционалната архетипска матрица, која ја следи целата понатамошна градба во местото, а со самото тоа го создава и понатаму го развива „genius loci“ – духот на местото.
Понатмошното истражување потврди дека посебната склоност на Мијаците кон градителството и останатите уметнички занаети се должи на долговековното приклонување кон движењето на Богомилите, што доведува до раскинување на стегите што ги наметнува институцијата – црква, а со самото тоа и ослободување на личноста до нејзините најдлабоки креативни потенцијали.
Несомнено дека уметничкото творештво во еден грандиозен обем, каков што се појавува во Мијачкиот крај, има за основа филозофско религиозен систем, кој ја ослободува единката од стегите на црковното религиско толкување, како и од општествениот поредок. Единствено систем со толкава моќ и длабочина на дејствувањето, можеме да најдеме само во Богомилското движење. Само преку ова движење можеме да ја разбереме индивидуалната и слободна креативна моќ на поединецот, неоптоварена со законите на уметничкото и градителско творење на даденото време. Долговековното прифаќање на Богомилската мисла го наоѓаме осведочено во повеќе аспекти на Мијачката култура и уметничките занаети, а особено во архитектурата.
Третиот акцент на кој се однесува истражувањето е доказот дека традиционалниот начин на градење што го следиме во Македонија, низ градбите од XIX век, се потпира на долговековното градителско искуство, преиспитувано и развивано низ вековите и генерациите. Сведоштво за ова тврдење се моделите на куќи, кои имаат улога на жртвеници, од кои настарите датираат од околу 6500 год. п.н.е, и кои се единствена и карактеристична појава која нема аналогии со соседните културни групи Основниот тип на објект – куќа со трем и чардак е оформен во периодот на антиката посведочен во градбите од V и IV век п.н.е.и низ долги периоди на развој и затишје, својата кулминација ја достигнува во традиционалните градби од XIX век.
Истражувајќи ги дострелите на оваа архитектура, во компарација со останатата традиционална архитектура на наведениот простор, иманентни и се карактеристики кои ја издвојуваат и ја прават посебна, особено поради нејзините можности да се приспособува и да се трансформира, а во суштина да не го загуби својот сопствен идентитетет, како и извонредните организациони и естетски карактеристики, кои говорат за посебната улога што ја имаат мијачките градители. Тука се истакнува и големината на нивната архитектонска мисла, која може да се приспособува и трансформира, а во суштина да не го загуби својот сопствен идентитет. На тој начин и со огромна успешност таа ја создава традиционалната архетипска матрица, која ја следи целата понатамошна градба во местото, а со самото тоа го создава и понатаму го развива „genius loci“ – духот на местото.