10.2 m – висинската кота која ги уништува индивидуалните семејни куќи

Состојбата со урбанизмот во Македонија е одамна дебата без среќен крај. Најцелосната слика се доживува во Скопје каде сите форми на урбани интервенции можеме да ги пресретнеме. Градот кој оваа година бележи 60 години од неговата обнова, истовремено одбележува и 30 години обратен правец од аспект на визијата во првите 30 години.

Идејата за капитализмот е вулгаризирана, злоупотребена и половично успешна. Многу лаги и погрешно развиени бизниси, базирани на политички врски, обратни процеси, нереални кредити, а со тоа и огромен притисок врз јавниот простор. Сите кои сакаа да заработат,  да градат и да инвестираат секако ќе можеа тоа да го направат и со здраворазумен урбанизам, за кој државата воопшто не беше заинтересирана.

Скопје одамна го изгуби удобството што го имаше во неговите населби, каде се играше топка, плочка или ластик по улиците. Точно е дека овој град се разликуваше од другите метрополи по сопствениот нетипично балансиран градежен фонд на колективни и индивидуални станбени објекти, но тоа и го правеше посебен. Тешко е дека ќе најдевме друг град во светот (пред 20тина години) кој има толку населби со куќи во својот урбан дел, со убави пропорции и ортогонална мрежа на улици. На моменти делови наликуваа субурбано, но со внимателни гестови кои можеме да ги увидиме кај населбата Тафталиџе, која во допирот со булеварот „ Партизански Одреди“ создава таканаречена градска слика формирана со висококатници, истото ќе можеше  да се примени и во другите делови од градот.

 

Населбата Тафталиџе со зоната на колективни станбени објекти на северната страна кон булеварот „Партизански одреди“ и индивидуалните станбени објекти кон внатрешната јужна страна / фото: Google earth

Од булеварот „Партизански Одреди“ / Од улица „Хелсинки“ / фото: Google earth

 

Развојот на метрополите и економските прогресивни општества секогаш носеле градежна експанзија, но таа не значи дека треба да е неорганизирана и игнорантска кон знаењата стекнати во засегнатата професија. Скопје и својата поделеност во однос на локалната власт произведуваат се, само не визија. Кога би ја имале, нешто од овие простори ќе беа возможни да се сочуваат. Сега создаваме хаос, кој во иднина во која се надеваме на благосостојба, ќе предизвика луѓето кои сакаат да живеат во куќа спасот да го бараат во околината (што веќе и се случува).

Она кое во не така далечното минато, го круниса овој тренд е котата 10.2 m  која беше донесена со посебен закон кој прегазуваше и над урбанистичките планови. Со таа уредба секој можеше да го надгради својот објект или изгради нов до оваа кота, над која правилниците дозволуваат и изградба на поткровје со висина на слеме + 4.5m. Дури и онаму каде урбанистите не предвидуваа ваква кота, после тој чин, истата можеше да се применува.

Оваа височина овозможува организација на високо приземје и два ката, и над тоа кога ќе додадете поткровје со скриена галерија, вие добивате објект на 4-5 нивоа. Тоа е се, само индивидуален станбен објект – не!  Заблудата дека развојот е постојано градење дури и во своите парцели е прашање со несреќен крај. Истото го направивме и со колективните станбени објекти, кои со секој ДУП добиваат дозвола за доградби на тераси, надградби и најпоразителното од се – индивидуални интервенции кои апсолутно немаат обврска да ја пратат архитектурата на објектот.

 

Индивидуален станбен објект на приземје и полуниво на ул.„ Ефтим Спространов“ / фото: Google earth

 

На убавите куќи, кои најчесто беа високо приземје со полуниво или приземје со кат, најмногу П +1 + Пк, се нафрливме на надградби кои создаваат вистински архитектонски фавели. На злосторната кота 10.2m за индивидуални станбени објекти му се придружуваат и бројот на станбените единици, кои во блиското минато  во некои детални урбанистички планови беа дозволени 6, па дури и  8 ст. единици. Која е таа куќа со 8 станови во неа? Кое е тоа семејство со толку членови? Перверзијата на ваквите премолчени урбанистички небулози, постепено се намалува, но сеуште можеме да пресретнеме индивидуална станбена куќа со 4 станбени единици, која е повторно дискутабилна бројка. Повеќе од 2, најмногу 3 станбени единици (во одредени зони) во еден објект е манипулација за која не треба да сте експерт да ја препознаете.

 

Котата 10.2 метри во скопските населби, каде имаме профил на улица од 3 – 3.5 метри  е злостор со кој лесно можете да го одземете природното осветлување на соседот северно од вас. Онаму каде имаме профил на коловоз од 7 m и тротоар остава простор за поинакви височини, но не и малите улици каде објектите се блиски еден спроти друг.  Затоа можеби е време да се предефинира што значат намените А1 и А2. Објект со 4 станбени единици во градовите не може да биде индивидуална семејна куќа по дефиниција, во време кога ретко децата продолжуваат да живеат во ист објект со своите родители. „Гастербајтерскиот“ урбанизам пожелно е да застане во урбаните средини.

 

Извадок од Дуп за четврт Ј13 / 11 Октомври – бараки

 

Следни на пик на инвеститорите се населбите Лисиче и 11 Октомври – бараки. Па така луѓето кои беа згрозени од станбената штангла на ул. „Ефтим Спространов“ магично го сменија своето мислење откако се пуштија „убавите гласови“ дека инвеститорите доаѓаат и кај нив. Ќе има станче за сите – без грижи! И да бидеме реални, па и не била толку висока зградава кога ќе погледнеме поубаво, вака од втора 😉

Напомена:  последните реченици од текстот се саркастични