Победнички проекти на 24H, 2018 / Аврамоска, В. Фејза, А. Фејза, Догазанска

Оваа година се одржаа 26 и 27-тата едиција на натпреварот 24H., организиран од Ideas Forward. Неговата цел е преку временскиот лимит од 24 саати да симулира креативни и прогресивни решенија на актуелни теми. Архитектите Сања Аврамоска, Валбона Фејза, Аделина Фејза и Бранкица Догазанска земаа учество со два проекти, од кои „Education Everywhere“ се здоби со прво место, а “The Touch” со второ место.

24H, 27 едиција – образование, декември 2018 | Education Everywhere, прва награда

Темата на оваа едиција се состои од разработка на училиште кое може лесно да се склопува во различни сценарија. Неговата цел би била да одговори на потребите во кризни подрачја низ светот, и да обезбеди простор за образување на деца или пак подготвување на тренинзи за професионалци.

На оваа задача тимот одговара со дизајн кој се состои од шест приколки кои заедно формираат покомплексна образовна установа. Дел од модулите се формирани од конструкција на преклопување која се отвара и формира две училници, библиотека или компјутерска соба. Помалите единици содржат тоалети, кујна и канцеларија, која воедно е и простор за складирање при транспорт.  

Жирито посебно ја пофалува поделбата на фиксни и мобилни простории кои соодветно се сместуваат во карго контејнери и мобилен павиолион, овозможувајќи лесно расклопување и транспорт на нови локации. Дополнително ја истакнуваат флексибилноста на проектот и неговата можност да формира различни конфигурации.

24H, 26 едиција – океан, октомври 2018 | The Touch, втора награда

Програмата на музејот на океаните има за цел да истакне нивната важноста и да допринесе кон еколошка заштита преку едуцирање и информирање на идните генерации.

“The Touch” е сместен на брегот на Португалија, на самата граница меѓу копното и водата. Скулптуралната структура се труди да ги поврзе овие два елементи, неопходни за нашиот опстанок на планетата.

Коментарите на жирито го истакнуваат изборот на локацијата, како и скулптуралниот однос кон истата. Музејот ја надополува карпата како негов споменик и светилник.

Постојната изложба се развива низ подземни простории кои ги репрезентираат соодветните карактеристики на петте светски океани, како длабочината, температурата, морската флора и фауна. Над овие простории се развива платформа со изложба на темата загадување, креирајќи симболично искуство на посета на длабочините на океаните додека отпадот плови на површината. Паралелно се развива и програмскиот тракт кој ги сместува музејските работилници, ресторанот и продавницата, дополнети со истражувачкиот центар кој овозможува директен пристап до океанот преку подводен лифт.