Дом на култура во Србица, Косово – Никољски и Пулејков
11.01.2017 • ХХ век / II половина
Автори на идејниот проект: Александар Никољски и Илија Пулејков
Главен проект: Архитектонски Факултет Скопје
- проектант: Александар Никољски
- консултант: Борис Чипан
- соработници: Доминика Бошкова, Мица Стоилова, Гордана Костова
- проект на ентериер: Александар Никољски
- соработници: Иванка Кировска, Златко Хаџи Пецов
Година: 1984
Локација: Србица/Скендераj, Косово
Извори: СДАМ – Информатор, 28-29 / 1985; фотографии: www.panoramio.com, www.wiki.eanswers.com, www.placeandsee.com
Проектот на Никољски и Пулејков е еден од серијата домови на кулурата во општини од 50 000 жители во САП Косово. Истиот објект им ја носи и „Борбина“ награда за архитектура во Македонија во 1984г.
„Може слободно да изразиме незадоволство што македонскиот претставник, Домот на културата во Србица, не влезе во последната селекција, бидејќи по мислење на еминентен дел од жирито, тоа е особено квалитетно остварување, како поради високата функционалност, економичност и автохтоноста на просторната концепција, така и поради истражувачкиот пристап и естетската филозофија применета во обликувањето на архитектонскиот склоп, што се прифаќа, повеќе, интуитивно, отколку аналитичко – разумски, во што, токму и се состои неговиот висок уметнички дострел.“
- 20 години „Борбина“ награда за архитектура – Елена Михајлова / СДАМ – Информатор, 28-29 / 1985
Станува збор за градба која како со својата програма и димензии така и со односот кон урбаната целина се прилагодува на потребите на градот Србица.
Домот на културата е сместен во центарот на градот нижејќи се на главната пешачка улица, која освен патека содржи и активни фронтови и урбана опрема за седење. Улицата завршува во широкиот јавен простор кој го формираат двата плоштади од двете страни на патеката. Дополнително на западната страна тој јавен простор се пренесува и во атриумот на самиот објект.
Забележуваме значителна градација на отворените простори од главната пешачка аксијала во градот, во плоштадот пред објектот, кулминирајќи преку порталот во пијацетата на културниот дом. Таа е простор е наменет за внесување, собирање и дистрибуирање на публиката во сите содржини на домот. Додека исто така ова е обиколен со високи скалници погодни за седење, намерно поставени за неговото алтернативно користење за настани на отворено. Правејќи ги сите програми на домот достапни од овој централен простор се нагласува идејата на отвореност и достапност на објектот преку пијацетата, но и неговата одредена интравертност во однос на урбаната околина.
Овој културен објект се состои од: повеќенаменска сала за 520 посетители, мала сала за 120 посетители, библиотека со читални, простор за повремени изложби и просотор за аматерски дејности. Прогрмите се дизајнирани според потребите на градот а распоредени за нивно непречено парарелно користење.
Поставеноста и изгледот на фасадата се обликувани со цел надоврзување на локалните традиции.
„Низ глобалниот архитектонски израз, е нагласено настојувањето да се постигне рамнотежа со просечната архитектонско – ликовна структура на косовските населби. Положеноста на зградата, долните хоризонтални потези, континуирано полните ѕидови и елементите на секундарната пластика, асоцираат на околните сукцесивно изградени агломерации.“
- Од авторот / СДАМ – Информатор, 28-29 / 1985
Објектот сеуште ја носи истата функција на културно јадро на градот Србица, а исто така и доживува обнова на неговата фасада. Тој и понатаму е еден од главните симболи на градот додека за нас претставува едена значајна изведба на македонските градители на територијата на Балканот.
Материјалот го приложи и обработи: Ноеми Чаусидис
Автор на статија: Ноеми Чаусидис
Александар Никољски / Борбина награда / Дом на култура / Илија Пулејков / Косово