ФАБРИКА ЗА ЧОКОЛАДИ, БОНБОНИ И ВАФЛИ / ДИМИТРИЕВСКИ, АНГЕЛОВ

Архитектонско Студио 7.3

Автори: Томе Димитриевски, Ангелов Александар

Локација: Бул. „Теодосија Гологанов“ – Поранешна „Алумина“

Педагошки тим: Проф. д-р Александар Радевски, Доц. д-р Горан Мицковски, Доц. д-р Димитар Папастеревски, Дем. м-р Виолета Ѓорѓевска, Дем. м-р Марио Баткоски,

Дем. Димитар Крстевски

Фабриката е проектирана на површините на поранешната фабрика „Алумина“, во населено, градско подрачје во населба Тафталиџе. Локацијата е дефинирана со бул. “Теодосиј Гологанов“ на југ, бул. “8-ми септември“ на исток, ул. Прашка на север, додека на западната страна во продолжение на блокот преовладува станбена стуктура.

Во процесот на концептуално обликување и димензионирање на главните простории на фабриката, користен е павиљонски систем за истовремено задоволување на функционалноста, достапноста, и отвореноста на фабриката кон соседството.

Доставата на суровини во фабриката се врши преку влез на ул. Прашка, каде е лоцирана портирницата. Трите производствени погони се поставени паралелно еден на друг, на соодветно растојание по модул, ориентирани во правец север- југ, како би се доловила северната светлина. Северно од погоните во модул се надоврзуваат сите пратечки содржини потребни за функционирање на работниот процес.

Влезните и излезните складови се сместени под земја, како интегриран магацински простор, економична варијанта. Пристапната улица е еднонасочна со две сообраќајни ленти, и е сместена под земја( со зенитално светло), како би се овозможило побезбедно и послободно движење на минувачите, посетителите, околните жители и други корисници на партерот во локацијата.

 

Самиот автомобилски  влез во парцелата е поделен на два дела, еден за дистрибутивни возила, друг за вработени или посетители, кој води до подземен паркинг. Портирницата е организирана со надстрешница, место за портир, површина за паркинг на велосипеди, контролен влез, и простор за претрес. Преку покриена патека се пристапува до главниот тракт на комплексот, организиран со три влеза, најблискиот за вработени во производството, средниот економски влез, крајниот – влез за вработени во администрација.

Влезот за вработени во погоните, е организиран со широк хол, чекална и амбуланта, и скалишно јадро кое ги води до санитариите на првиот кат, димензионирани за 300 вработени, 150 машки и 150 женски. Нивниот пат продолжува преку чист ходник во вид на застаклен конзолен мост, од кој се разгранува по еден попречен мост за пристап до секој погон. Секој производствен погон е организиран со дополнителни санитарни јазли, како би се скратил патот, а со тоа и времето потребно на вработените за нивните потреби.

Ресторанот е организиран на средина од трактот на првиот кат, со атриум низ две висини, дистрибутивна кујна, каде вработените би јаделе во две смени. Кујната е снабдувана преку лифтовско јадро кое се спушта до подрумот, од каде се носи храната.

Административниот дел е организиран со канцеларии од затворен тип, сала за состаноци, тоалети, чајна кујна, лабораторија , архива итн.

Патеката на потенцијалните посетители на фабриката започнува од административниот дел, се пречекуваат на приземјето, за потоа на првиот кат да се организира нивниот пристап до погоните каде се произведува. Набљудувањето на работниот процес е овозможено преку застаклена вертикална површина на самиот влез на секој погон на повисока кота од котата на производството.

Партерното уредување околу фабриката е организирано со низа од патеки, елементи за седење, зелени површини и високо зеленило.

Во производната хала за растер на бетонските столбови е користен модул 720 cm, соодветен за шед конструкција на кровот, формиран од челични рамки  кои совладуваат распон од 21 метар. Просторот со пратечки содржини е решен со платна на приземјето, на кои, на првиот кат се надоврзуваат челични рамки како би се добил чист, послободен простор. Фасадните ѕидови на фабриката се од префабрикувани панели со челична потконструкција и завршна обработка од бакелитни плочи на надворешната страна.

Ф.К