Образци на раст: Неприродни Екологии, ИСТРАЖУВАЧКО-ЕДУКАТИВЕН БОТАНИЧКИ ИНСТИТУТ / Чингоска, Савеска, Димитриевски
13.02.2018 • Студентски проекти
Година: 2018
Семестар: IX
Проектна задача: Обрасци на раст – неприродни Екологии
Автори: Симона Чингоска, Милица Савеска, Божидар Димитриевски
Педагошки тим: доц. д-р Слободан Велевски / доц. д-р Марија Мано Велевска / Никола Ѓорѓиевски
Извори: АХО
Локација: северо-источен раб на градот Скопје
ИНТЕГРАТИВНО СТУДИО
Оваа година темата на студиото ја истражуваше релацијата на современиот град, неговата инфраструктура и пејсажот, односно го следеше феноменот на урбаното како артифициелен продукт, проверувајќи ја потребата за негова ре-контекстуализација назад во природата. Резултат на овие комплексни преклопувања се студентски проекти кои успешно создадоа контрадикторен но истовремено и функционален модел на „неприродна екологија“ што ги потврдува спротивставените карактери на природното и вештачкото во единствена целина преку просторна идеја за северо-источниот раб на градот Скопје.
АФС на АХО (www.arh.ukim.edu.mk)
Локацијата на задачата на студиото се простира во зоната меѓу Радишани и Стајковци, а од неа студентите поделени во 6 тимови, разгледуваат 6 различни фрагменти. Групната анализа, во секој од тие делови развива засебни зони за култура, инфраструктура, образование итн.
Студентите Чингоска, Савеска и Димитриевски, на задачата одговараат преку дизајнирање на инстражувачко – едукативен ботанички иститут. Во оваа објава тие ни го презентираат нивниот проект.
Мапа – 6 х 6км.
Идејата за линеарен градски образец на која се базира нашиот проект за дефинирање на работ на градот се огледува на концептуалните аспекти на метаболистичкиот процес како алатка за раст и развиток. Имајќи ги предвид информациите добиени од претходно извршеното мапирање на спецификите на локацијата – топографијата, природните ресурси и постоечката инфраструктура, целта е да се контролираат постојните и потенцијалните проблеми и истите да се искористат како потенцијал за понатамошен развој и создавање на нов урбан наратив.
Ситуација – 1:25оо
Ваквиот пристап ја дефинира инфраструктурната шема како скелет на понатамошната главна интервенција. Просторното распоредување и програмирање долж линеарните оски даваат насока на потенцијалниот раст и развој, a преплетот на продуктивниот пејзаж со „дивината“ го отсликува карактерот на растот како процес на перманентно прилагодување на константните потреби за промена.
Приземје: ботанички институт и домување – 1:5оо
Големиот канал кој го предвидуваме на северниот раб на локацијата ги собира надојдените дождовни води и ги насочува кон артифициелното вдлабнување издлабено во постојната топографија со што се спречува ризикот од поплави, додека пак системот на разгранетите помали канали и цевки ги користат подземните води како постојан извор за снабдување на новопредвидените програмски екстензии и наводнување на агрикултурните полиња.
Вака поставениот инфраструктурен зафат се наметнува како генерирачка структура на новата градска форма, односно скелет на кој се прикачуваат универзитетскиот кампус со студентско домување, истражувачкиот центар со ботаничката градина како и сместувачки капацитети за вработените и посетителите дополнети со социјални, културни и рекреативни програми.
Пресек: ботанички институт – 1:5оо
Со цел максимално искористување на плодната почва, сите објекти остваруваат минимален контакт со површината на земјата, а продуктивниот пејзаж и изворниот пејзаж – дивина наизменично меандрираат низ ослободените приземја. Движејќи се низ полињата со житни насади, сончогледи или низ различните зеленчукови и овошни насади, шаренилото интензивниот колорит се надополнува со тропски растенија кои експериментално се третираат во истражувачкиот центар пркосејќи им на условите на локалната средина.
Визуализација – студентско домување
На овој начин природниот и проектираниот пејзаж дефинираат функционална парковска целина која се испреплетува со плоштадите околу универзитетскиот кампус и истражувачкиот центар создавајќи атрактивен простор кој претставува урбана екстензија сместена надвор од границите на градот.
Од студентите
Визуализација – плоштад
Визуализација – ботанички институт
Фотографија од макета
Фотографија од анализи
Пресек: ботанички институт – 1:5оо
Основа на кат: ботанички институт, аудиториум – 1:500
Основа на кат: кампус и домување – 1:500
Автор на статија: Ноеми Чаусидис
АФС / интегративно студио / образци на раст / Осло / Студентски проект