Разговор со тимот на KONNTRA

КONNTRA е релативно младо архитектонско студио, кое во изминатата година постигна одлични резултати на низа архитектонски и урбанистички натпревари. Мирјана Лозановска, Силвија Шалева и Ерик Јуришевич, станаа препознатливи по нивниот пристап со современ, карактеристичен и колоритен архитектонски јазик. Како платформа намената за промовирање на локалната архитектура, МАРХ имаше задоволство да ги сподели сите нивни досегашни успеси, кои може да ги погледенете тука. Но денес, по повод прв KONNTRA роденден, решивме на кратко да ја раскажеме приказната за постигнатиот успех на нивното студио.

Плоштад на традиционалните занаети, Вараждин, Хрватска

Би започналa на самиот почеток, како настана KONNTRA?

Нашата комуникација започна пред четири години,  како дел од летната школа за архитектура во Сплит, Хрватска, што е некаде на половина пат меѓу нашите родни градови Скопје и Порторож. Темата на настанот беше „Boundaries and Borders“. Случајност или не, таа година почнавме да размислуваме за архитектурата на еден поинаков начин, а оваа работилница беше супер можност да ги споделиме нашите мисли и идеи. Инспиративните околности и континуираната комуникација беа одлична основа за формирање на KONNTRA. Како на почетокот така и денес, со секој нов проект се трудиме да докажеме дека препреки и граници во нашиот случај… не постојат.

Вашите членови потекнуваат од различни позадини и локации. Кажете ни повеќе за вашиот тим? Каде е денес сместена KONNTRA?

Различноста не претставуваше никаква пречка, напротив беше уште поголем предизвик да се усогласиме и да креираме нешто специфично и несекојдневно. Школувани сме на различни места и сме стекнале работно искуство во различни средини, поточно Мирјана и Силвија на факултетот за архитектура и дизајн на Американ Колеџ во Скопје, a Ерик на факултетот за архитектура во Љубљана и потоа во Минхен. Идејата за тоа дека сме заедно во процесот на стекнување супер искуства и нови инспиративни проекти, е тоа што не поврзува и мотивира. Каде е сместена KONNTRА е прилично тешко прашање бидејќи нашето студио завзема повеќе локации зависно од тековните проекти. Во моментов сме на релација Словенија – Хрватска каде работиме на основните и изведбени проекти за Средно економско училиште во Вуковар и уредување на Градски плоштад во Вараждин.


Детска градинка, Загреб, Хрватска

Започнување на самостојно студио е вистински предизвик за архитектите од нашето поднебје, а посебно кога станува збор за младите професионалци. Кои беа првите чекори со кои го оформивте вашето студио?

Во почетокот на минатата година KONNTRA претставуваше „експеримент”, за потоа да најдеме одговор на нашето прашање „што-ако?”. Со или без очекувања за тоа што ни открива нашиот „експеримент”, сепак ние ги потврдивме нашите замисли со добри резултати. Желбата за докажување како еден успешен тим започнa со учество на проекти и натпревари од областа на архитектурата. Па така на архитектонскиот натревар за општинска зграда во градот Зеница во Босна и Хецеговина, се здобивме со прво наградено место од вкупно 31 архитектонски труд. Овој проект претставуваше голем мотив, но и момент на реалност дека сме тим на успешни млади архитекти.

Oпштинска зграда, Зеница, Босна и Херцеговина

Колку влијаеше таа прва победа за вашиот тим, и колку ги дефинираше наредните проекти на KONNTRA?

Тој конкурс ни покажа дека можеме да се натпреваруваме со сопствена мисла и став, и уште подобро тој став да биде оценет за најдобар од стручна комисија, со посебен акцент на карактеристичниот архитектонски израз и придонесот кон јавениот карактер на проектот. Само кратко по првата победа добивме покана за учество на Денови на Архитектура во Сараево. Во рамките на овој настан ја разработувавме темата „Простор на Слободата“  на самата локација на патеката за боб санкање лоцирана на планината Требевиќ, изградена за Зимските олимписки игри во 1984 год. Потоа со секој нареден предизвик, нови соработки и нови проекти добивавме уште еден доказ за нашата зрелост и ентузијазам, како и во првиот натпревар.

Спортска сала, Загреб, Хрватска

Подоцна, во соработка со архитектот Нина Пахович од Хрватска, развивте уште три поекти кои добија огромни пофалби и две први награди. Проектот за детска градинка во Загреб, плоштадот за традиционални занаети во Вараждин и средното Економнско училиште во Вуковар го потврдија вашиот уникатен пристап и архитектонски карактер. Кој од нив би го издвоиле за најдраг и најзначаен успех за вас?

За нашите проекти кои ги работиме може да кажеме дека се изработени со иста доза на внимание, посветеност и ентузијазам. Иако сите ни се подеднакво драги, еве во моментов може да го издвоиме архитектонскиот проект за Средно економско училиште во Вуковар, кој за нас претставува нов предизвик, шанса за доусовршување, како и доказ за успешна соработка помеѓу македонски, словенечки и хрватски архитекти.

Средно eкономско училиште, Вуковар, Хрватска

Вашите илустрации укажуваат кон една нова и уникатна слика за архитектурата. Кои се главните инспирации позади вашето проектирање?

KONNTRA ги користи сите можности за создавање нови идеи, а преку архитектонски цртеж се стреми да генерира емоции и да дефинира нов вид „поетика“ на просторот. Се трудиме да најдеме излез од конвенционалните и веќе „тврдо“ воспоставени архитектонски практики.

За крај, кои се вашите цели и идни планови?

Целиме кон тоа секој наш проект да биде квалитетно изработен со издржана мисла и концепт. Размислувајќи за што понатаму, секој ден претстаува нов предизвик на кој му се радуваме, отворени за споделување креативни мисли со што нашата KONNTRA расте. Веруваме во тоа дека “ниту еден од нас не е толку добар колку сите ние заедно”.

___

Среќен роденден KONNTRA!