Панел дискусија – Обновливи извори на енергија за подобра животна средина
25.09.2019 • Информации
Вчера, во просториите на Холидеј ин, се оддржа панел дискусија во рамките на кампањата од јавен интерес за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“. Настанот беше во организација на Институтот за комуникациски студии, а учествуваа политичари, креатори на политики, професори, претставници на бизнис секторот и граѓански активисти.
Во изминатите години бевме сведоци како климатските промени влијаат и на Македонија. Искусивме неколку екстремни појави како поплавата во Скопје во 2016 или земјотресите во Охрид во 2017, а во наредните предесетина години нѐ очекуваат се потопли лета и поретки врнежи.
Додека преставниците на ОН ги дискутираат глобалните прашања на самитот за оддржлив развој во Њу Јорк, во Скопје се отвори дебатата за идното пренасочување на државата кон обновливите извори на енергија.
Темата на панелот се концентрираше околу секторот Енергетика, кој создава најмногу штетни гасови во воздухот, пред се поради употребата на јаглен, што задоволува дури 80% од целокупните потреби на електрична енергија во Македонија.
Во првиот дел, со насловот „Дали е можен бизнис, а да се зачува животната средина?“, учествуваа политичари и експерти кои креираат политики во полето на енергетиката.
Првото излагање беше на министерот за економија Крешник Бектеши, кој го истакна исчекорот во политики за обновливите извори на енергија преку новиот Закон за енергетиката. Дополнително ги спомена инвестициите во 11 соларни фарми, сончеви колектори, печки на пелети и проектот за замена на стари со понови коли.
Следно Александар Дединец ја најави стратегијата за енергетика која ја подготвува МАНУ. Дополнително ја истакна важноста на решавање на поблемите со РЕК Битола како главниот снабдувач за енергија на целата држава.
Градоначалникот Петре Шилегов ја потенцираше важноста на проектот за гасификација. Тој додаде дека секундарната мрежа околу Скопје е веќе завршена и ја најави следната фаза која подразбира поврзување на самите домаќинства.
Теодора О. Грнчаровска, претставник од Министерство за животна средина и просторно планирање, потенцираше дека овие политики треба да целат кон заштита на животната средина, а не нејзино компромитирање на цена на економската исплатливост.
На вториот панел „Како со енергетска ефикасност ќе ги ублажиш климатските промени: штеди и штити?“, бизнисите и граѓанскиот сектор имаа прилика да ги дадат своите коментари за потребните чекори и недостатоците на политиките од полето на енергетиката.
Најпрвин, Антонио Јовановски од „Гоу грин“, зборуваше за зајкнување на улогата на граѓаните како конзумери и можни произведувачи на зелена енергија. Конкретно, преку инсталирање на фотоволтаични панели кои освен што би ги покриле потребите на самите домаќинства, би можеле да произведуваат и дополнителна енергија за останатите соседи.
Професорот д-р Димитар Димиров од ФЕИТ, ја даде својата експертиза во полето и ги потенцираше придобивките од поставување на панели на самите објекти наместо на слободното земјиште. При оваа технологија најголем проблем е дебалансот во производството, како навечер или при облачни денови, што може да се реши преку капацитети за складирање на струја или предимензионирање на самите системи.
Следното излагање беше на Димитар Ковачевски од ПВМАК Асоцијација на компании за производство, проектирање и изведба на фотоволтаични системи, кој потенцираше на спориот развој на ова поле. Главната пречка се самите политики кои се концентрираат на големите енергетски компании, наместо отварање можности за повеќе мали бизниси или домаќинства – произведувачи.
Техничкиот експерт на GEFF, Игор Панчевски, ја престави програмата на Европска банка за обнова и развој, која креира поволни услови за самите домаќинства да инвестираат во енергетска ефикасност. Безразлика дали тоа се промени на прозорци, инсталација на сончеви колектори или термални пумпи, има голема заинтересираност за овие грантови на ниво на цела Македонија.
Илија Ќироски, претставник на ЕВН, ја објасни улогата на компанијата и нивните проекти за развој на обновливите извори на енергија. Тие се концентрираат и на подигнување на свеста преку совети за штедење на електричната енергија и други слични кампањи.
За крај, се отвори дискусијата меѓу посетителите и панелистите за можното производство од страна на самите домаќинства или мали претпријатија.
Колку регулативата овозможува откуп на вишокот произведена ел. енергија? Како ваквиот модел на прозумери (произмедувачи + конзумери) би можел да се вклопи во моменталната состојба на електричениот грид? И каква штета беше што речиси ниеден од политчарите не остана до крај да ја проследи вистинската дебата, мислењата и прашањата на остатокот од публиката.
Фотографии: Борис Јурмовски
Автор на статија: Ноеми Чаусидис
Дебата / Дискусија / Институт за комуникациски студии / Обновливи извори на енергија / одржлив развој