ИНИЦИЈАТИВА – Да се врати пораката на Тито за солидарност по скопскиот земјотрес во 63та

Ова лето Скопје одбележува 55 години од катастрофалниот земјотрес во 1963та година, во кој загинаа повеќе од 1000 луѓе, 80% од градот беше разрушен, а 180.000 лица останаа без покрив над главата.

Деновиве на социјалната мрежа facebook,  се појави иницијатива која бара да се вратат буквите од пораката на Тито на старата железничка станица. Истата била поставена по скопскиот земјотрес, како повик за солидарност и охрабрување за иднината на градот. Изјавата Тито ја дал еден ден по катастрофата кога маршалот дошол на увид на состојбата.

„Скопје доживеа невидена катастрофа, но Скопје повторно ќе го изградиме со помош на целата наша заедница. Тоа ќе стане гордост и симбол на братството и единството, на југословенската и светската солидарност.“

27 јули 1963 година – Тито

 

Иницијаторите на својата фан страна меѓудругото ќе истакнат:

„Скопје е град кој преживеал многу катастрофи а најголемата од сите нив во 63тата година остави лузни во колективната свест на сите скопјани. Но Скопје е феникс кој секогаш се крева од пепелта и по страшниот земјотрес во 1963тата година се крена како симбол на светската солидарност. Пораката од Јосип Броз Тито, која беше поставна на урнатините на железничката станица, заедно со часовникот застанат во времето на катастрофата станаа знаменитост на Скопје и неизбежен дел од градскиот идентитет. Враќањето на пораката за солидарност би значело и интервенција во колективната свест на скопјани во насока на зацврстување на духот, наследството и имиџот на Скопје како град кој ја памети солидарноста на светот кога му било потребно но и е град кој е спремен да ја даде својата солидарност на сите на кои им е потребна.“

Во изјава на в.д директорот на Музеј на град Скопје, Фросина Зафировска, за MAKFAX,  објаснува за историјата на буквите, нивното вадење во 2000 година, како и личниот став за иницијативата. Според неа, пораката би требало да се врати, меѓутоа во современ израз и решение добиено на конкурс.

Видеото од изјавата можете да го проследите тука >>>

Поддршката за иницијативата можете да ја дадете тука >>>