Архитектонска работилница „Кратово – пристапно за сите“

Се претпоставува дека 12-15% од вкупното население се соочува со одредени потешкотии при движењето. Но сепак, дизајнот на нашите градови многу ретко одговара на потребите на овие ранливи групи.

„Кратово – пристапно за сите“ го адресира токму овој проблем, преку разработка на студентски проекти за совладување на урбаните бариери. По документација на постојната состојба и исцрпни анализи, студентите предложија решенија-концепти кои би ја подобриле пристапноста на градот Кратово.

Архитектонската работилница е резултат на соработката помеѓу Општината Кратово и Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Таа се оддржа во периодот 20 – 24 септември во Музејот на град Кратово, и сочинуваше 18 студенти и 2 професори-ментори.

 

 

Подобрувањето на пристапноста подразбира многу повеќе од една обична рампа, елеватор, лифт или платформа. Подобрувањето на пристапноста започнува од подигањето на свеста за оваа невидлива група на наши сограѓани кои за жал заради непристапноста на градовите е заробеник на своите домови. Оттука архитектонските решенија кои ја третираат оваа проблематика треба да создаваат простори кои ќе ги користат сите, самостојно и достоинствено, а со тоа ќе претставуваат простор за средби и интеракција наместо да бидат ексклузивно наменети само за една група корисници.

 

Во рамки на оваа работилница студентите најпрво се запознаа со богатата историја на градот Кратово и водени од локален туристички водич посетија голем дел од неговите туристичките локалитети и знаменитости. Откако студентите го запознаа градот добија задача да ги разгледаат траекториите на движење и проблемите при движењето низ градот Кратово ставајќи се во улога на три различни категории на корисници: турист, граѓанин во третото доба на животот и едно просечно кратовско семејство.

Она што сметам дека е особено важно за оваа работилница и квалитетот на нејзините резултати е тоа што студентите пред да почнат да проектираат требаше лично да ги проверат проблемите со кои би се соочила секоја од овие групи корисници доколку корисниците имаат одреден хендикеп како оштетен вид, оштетен слух или отежнато движење.

За таа цел беа ставени во позиција самите да пробаат да се движат низ клучните локации важни за оваа работилница во градот Кратово користејќи инвалидска количка, или со покриени очи или затнати уши, а на тој начин дополнително да се сензибилизираат за потешкотиите на одредена специфична група на граѓани на градовите во кои живееме.

Потоа врз база на овие лични искуства учесниците на оваа архитектонска работилница предложија концепти за интервенции во градот Кратово преку кои би се подобрила неговата пристапност.

проф. д-р Бојан Каранаков

 

  • ПРИСТАП ЗА СИТЕ ЧЛЕНОВИ НА СЕМЕЈСТВОТО

Се одлучивме да работиме на две локации за кои сметаме дека ќе бидат од најголема полза за жителите. Станува збор за еден вид на крстосници со голема фреквентност на кои жителите најчесто се среќаваат во текот на денот. Не само што се посветивме да се олесни движењето туку и да ги задржиме луѓето на тоа место кое е добро за социјализација и рекреација. Местото претставува еден вид заеднички двор за соседството каде тие можат да одморат и да се социјализираат.

Во маалото Царина е првото избрано место на кое граѓаните и ние имавме најмногу предизвици при движење. Ширинката во средината на местото се користеше за паркирање четири автомобили. Прво одбравме алтернативна локација на која ќе може истите да се дислоцираат во непосредна близина. Со оваа организација ја ослободивме и исчистивме локацијата и со тоа овозможивме пријатен простор за рекреација и воедно поедноставен пристап за лица во инвалидска количка.

Интервенцијата на просторот продолжи со решавање и подобрување на движењето по сокаците. Додадовме гелендери на места кои беа критични и стрмни не само за лицата со попреченост туку и за лица кои немаат потешкотија при движењето. При лоши временски услови гелендерот го олеснува движењето на било кој пешак и дополнително истиот е осветлен навечер. На гелендерот кон кулата има дополнително и шина за пренесување на корисникот на инвалидска количка. Сите нивелации кои претставуваа пречка во движењето се соодветно третирани со поблаг пад.

Локацијата во Tабачка маала отвори решавање на друга проблематика при движење. Заради преголемиот наклон и лизгавата калдрма улицата е претешка за совладување. На левата страна на сокакот го олеснуваме движењето со засекување на улицата со скали и гелендер, а остатокот на улицата останува слободен и за колско движење. Делот од локацијата каде што се наоѓа чешмата го надополнуваме со клупи за седење и ниша за корисникот со инвалидска количка.

 

од студентите: Јордан Лазороски, Љубица Бојаџиева, Марија Патчева,
Симона Галазова, Ангела Кузмановска, Ивана Коцевска

 

 

 

 

  • ДОСТАПНОСТ ЗА ЛИЦА ВО ТРЕТО ЖИВОТНО ДОБА

Започнавме со набљудување на секојдневни потреби и навики на нашата целна група, односно лоцирање на местата и објектите кои се најчесто потребни.

По набљудување на конфигурацијата на градот и поставеноста на маалата во него, заклучивме дека постои една аксијала која ги обединува сите делови и со соодветна интервенција на истата може да се се олесни движењето и пристапноста, како и да се зголеми безбедноста при движење. Аксијалата е всушност клисурата на Кратовска река.

Воочивме дека ваквиот потенцијал е веќе препознаен по тоа што веќе постои делумно изведен кеј и патека по течението на реката. По подетално анализирање на состојбата на кејот детектиравме потенцијални локации на кои би можело да се интервенира

На западниот крај на градот коритото на реката е најшироко и најплитко. На постојниот кеј има изведено пешачка патека која е поставена паралелно со сообраќајницата, но има висинска разлика од 1.5 до 3 метри, која треба да се совлада за да се овозможи пристап до институциите кои се позиционирани на главната сообраќајница. Тука интервенцијата се состои од рампа која е поставена паралелно на сообраќајницата, поставување на ограда на работ на кејот, правење на велосипедска патека и паркинг за велосипеди.

Во средишниот дел на градот клисурата е повисока и ширината на кејот е помала. Клучна точка во овој дел на градот е пазарот и целта беше да се олесни пристапот до истиот. Интервенцијата се состои од реконструирање на постојниот мост и скали кои се всушност пократок и полесен пат до пазарот.

Третиот карактеристичен сегмент е центарот на градот каде профилот на реката е најдраматичен, така што висината на клисурата е најголема и коритото има најмала ширина. Затоа на овие позиции се интервенира со поставување на платформа која се движи вертикално.

 

од студентите: Сандра Тодевска, Никола Момироски, Пале Јанева,
Јован Божиновски, Сара Ристова, Бојана Тоневска

 

 

 

  • НОВА ТУРИСТИЧКА АТРАКЦИЈА „КРАТОВО 360“

Клисурската топографија е главен виновник за ткаењето кое го заземал овој град; тесни улици, збиени куќи, неправилни основи, драматични висински разлики итн.

Но во своето срце градот содржи безброј историски значајни локалитети околу кои се развивал, оние најпознати одбранбени кули, мостови преку многуте реки, цркви, традиционални куќи и амами, сите заробени во кратерот на некогашниот вулкан кој е должен за фасцинантниот планински пејзаж.

    Оттука произлегува и нашата идеја за интервенција, буквално врз градот, под мотото „минимум интервенција, за максимум адаптација“.

    Првиот сегмент на нашиот пристап се однесува кон постоечкиот градски парк кој ги вдомува некогашниот пензионерски дом, во подножјето, и споменикот на паднатите борци на врвот. Дали овој сместувачки капацитет би можел да заживее со само промена на својата намена? Ние заклучивме дека одговорот е да, па предвидуваме детско одморалиште, пропратено со веќе постоечките аудиториуми на отворено. Визурите од врвот беа појдовна точка кон вториот сегмент од нашата интервенција.

    „Кратово 360“ е замислено како нова туристичка атракција, за нов начин на доживување на градот, кој во исто време ќе биде нова опција за движење низ градот на локалното население. Четири кули, инспирирани од веќе постоечките во градот по својата геометрија и порозност, но изведени со современи материјали, поставени на четири дијаметрално најоддалечени и највисоки точки кои го впишуваат центарот во круг, притоа поврзувајќи ги детското одморалиште, камп просторот кај Стара Мусала, брдото над Табачко маало и едукативниот комплекс. Појдовната точка кон овој обрач ја препознавме токму во работниот простор на оваа работилница, музејот на градот, кој би ја вдомил почетната, петта кула на оваа композиција.

    На овој начин, центарот на градот во кој се вдомени сите основни потреби на населението би бил полесно достапен за оние кои живеат во повисоките, периферни и пооддалечени точки, дури и во зимските денови кога тесните сокаци стануваат невозможни за користење.

 

од студентите: Тијана Стојковска, Елена Клековска, Деспина Џепароска,
Емилија Стојаноска, Виктор Велковски, Христина Царовска

 

 

 

 

На крајот на 24. септември 2019 година во Галеријата на Домот на културата „Лазар Софијанов“ во Кратово беше отворена изложба на која беа прикажани резултатите од архитектонската работилница „Кратово пристапно за сите“.

 

 

Пред присутните гости на изложбата се обратија Градоначалникот на град Кратово д-р Љупчо Бојаџиев и професорите од Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје проф. д-р Бојан Каранаков и проф. д-р Дивна Пенчиќ, како и Јасмина Давитковска од Општината Кратово. Во рамки на отворањето на изложбата студентите имаа куса презентација на понудените архитектонски решенија со цел уште повеќе да им ги приближат концептите на пристапност на граѓаните на Кратово.

Работата на проблемите и потенцијалите на Кратово ќе продолжи и во наредниот семестар преку предметот Урбанистичко обликување 2, а ова е само еден дел од интензивната соработка на Архитектонскиот Факултет во Скопје и локалните самоуправи.

 

А