Скопски тахикардии
16.10.2019 • Став
Скопје последниве децении се развива неконтролирано до толку што неговиот правец е невозможно да се предвиди. Дури и оние кои се заложија со своите добри намери, излезе дека не се имуни на сомнителни идеи и тврдоглави реализации. Тргнувате од една точка, но завршувате повторно на онаа која била предмет и на вашите критики, за оние претходните.
Скопје 1959 /73
Скопје изминатиов век се навикна на губење на вредности и менување вртоглаво градски слики, што создаде изгубеност во согледувањето на континуитетот. Веќе што и да се случи, најбанално и најнедоветно, се чувствуваме безволни и безнадежни во обидот да го спречиме. Колку и да посветите внимание на некој проблем, во текот на анализирање веќе изникнуваат дузина нови. Не ви преостанува време за реакција, ниту за обид, додека за потемелен пристап додека да почнете, чудото е веќе изградено…
Тоа што не загрижува како луѓе кои растат во професијата, но пред се како скопјани изминатиов период е губењето на реперни точки, узурпација на истите, деградирање. И тука не говорам за Скопје 2014, градов е деградиран од Драчево до Сарај, во сите пори во континуитет од 90тите па наваму.
Видовме обид за невкус од највисок ранг за терасата на ГТЦ, кој дури е помизерен од квази барокниот сон. За чудо,реализацијата сега се повлекува, но до која мерка останува да проследиме.
Паралелно со случувањата над ГТЦ, дојде време да се простиме и со едно место кое беше култно за скопскиот ноќен живот ( повеќе би рекол културен живот) – Менада.
фото: Драган Дацко Додевски
Како е возможно уште една ваква интервенција во склоп на чаршијата? Покрај инвазијата на плоштадот „Скендербег“ кој не смееме да заборавиме дека девастира непотребно комплекс на локали со авторски потпис, сега се случува и уништување на МЕНАДА, не само како локал, туку како архитектонска појава.
Развој на плоштад „Скендербег“ и опкружувањето
Со намера да не се навлезе во етничко политичките превирања и големите игри, ниту во бизнис зделките ( чив е објектот, кој стопанисува, продаден ли е, изнајмен бил претходно?…) останува морничаво како може легално од општините да ни се протнуваат вакви интервенции и тоа во срцето на чаршијата? Кој е тој урбанистички план кој дозволува во овој дел од градот вакви интервенции? Одговорот го знаеме… Се доаѓа со легален амин од законите и делувањето на локалните власти.
фото: Сара Симовска
Годиниве има значително туристичко раздвижување низ Скопје, но линкот од Св. Димитрија до влезот од чаршијата, потег безмалку 100 метри, сеуште е руина, закрченост од диви продавачи и неуредни тезги, искршени плочници, паркирани автомобили, без партерен контекст на сред најпрометната скопска оска меѓу средновековниот, османлискиот и европскиот град. На сето тоа сега уште едно култно место изгубено, т.е збришано за бизнис целите на поединци, кое од истата точка, ќе доминира и ќе ни боде очи. За натписот, кој очигледно повикува само на странските туристи и им се обраќа само на дел од домашните потенцијални корисници, подобро да не почнуваме….
На волку изблици од ритамот на разумен раст, урбанистичко архитектонските тахикардии продолжуваат до неодредено време!
Автор на статија: Filip Koneski
Менада / Узурпација / Урбана мафија / чаршија