Share Skopje 2020

На 13ти февруари, во просториите на Македонска филхармонија, се одржа третиот по ред во нашата земја, регионалниот архитектонски настан Share.

Истиот траеше од 8 часот изутрина до 18 часот и опфати повеќе домашни, регионални и светски имиња од полето на архитектурата во улога на презентиери, раководители на работилници, членови на жири.

Настанот се случуваше на две сцени, Главната сцена беше во малата сала на филхармонијата, додека сцената за иновации се случуваше во фоајето.

 

Извор >>>

Како ко-организатор се појавува Асоцијацијата на архитекти на Македонија додека во улога на  помагатели се појавија бројни волонтери, студенти, асистенти.

Настанот започна со воведните обраќања на директорот на настанот,  Флорин Миндиригиу , претседателот на ААМ, Мартин Пановски како и поздравниот говор на градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов.

 

извор>>>

 

По воведот на менторите, започнаа предавањата и презентациите на гостите. Прв кој се претстави беше каталонскиот архитект Жуан Роиг Дуран, основач на студиото http://www.batlleiroig.com/ ,  кој презентираше дел од своето творештво.

 

MODIFICACIÓ DEL PLA GENERAL METROPOLITÀ I PLA PARCIAL. VILADECANS        

 

Меѓу предавањата се случуваа и презентации на производите од главните спонзори, кои во суштина се корисни информации од полето на градежните материјали.

 

 

Богдан Заха, во име на Заха Хадид Архитекти, се осврна многу повеќе на анализите и дигиталните податоци кои ги користат како насоки за работа, отколку во презентација на реализирани проекти. Користењето на термалните камери, софтверот и алгоритмите со цел да се предвиди движењето на луѓето низ еден простор, веројатноста на нивното однесување, го прави ова студио во топ 5 значајни и влијателни на светско ниво. Од тука експресијата на формите и нивната флуидност произлегува од човековото однесување и движења во просторот.

 

 

Од домашната сцена, прв кој презентираше беше Филип Караѓозовски, основач на студиото KL . Низ повеќе слајдови Филип ја презентираше работата на ова реномирано биро, кое најмногу делува во сферата на ентериерот, соработувајќи со светски брендови и имиња како што е  Microsoft.

 

Europe House

 

Проектот на кој најмногу се осврна, презентирајќи го патот до неговата реализација се просториите на EU центарот во Скопје.

 

 

Архитектот Иван Рашковиќ, гостуваше во улога на главен градски архитект на Бања Лука, професија која после 100 години се вратила во улога.  Покрај затеченоста на ситуацијата, Рашковиќ говореше за донесувањето на стратегијата за развој, конкретна насока и чекорење во организираниот развој на градот.  Притоа ги презентираше веќе успешните достигнувања во ова поле, како и се почесто распишаните меѓународни конкурси за идејни решенија, за репрезентативните новопланирани точки во Бања Лука.  Тука беше спомнат и тековниот за кој веќе известивме на нашата страна.

 

 

Георги Катов, коменаџер на  I/O architects, Бугарија,  покажа огромен број на репрезентативни реализирани проекти, кои предизвикаа внимание кај публиката. Повеќето од нив се презентирани и на светските медиуми како Archidaily.

 

White Concrete Old House / I/O architects

 

Вредни да се споменат се доградбата на градска вила во Софија од 20тите години на XX век, со современа интервенција од сличен фасаден материјал и исклучителен ентериер, потоа  станбениот објект Бојана 49 и куќата за набљудување.

 

 

На настанот се претстави и косовската екипа Идеал Вејса и Мемли Души коосновачи на   Maden Group.  На публиката им ја претставија својата приказна како го основале студиото, како и дел од нивните проекти.

 

Внимание предизвикаа проектите за американското училиште во Косово, реновирањето со ограничен буџет на локална дискотека во Приштина, хостелот Мами, како и проектот за 4та доградба на хотел исто така во Приштина.

 

 

Вонредно интересна презентација и пристап имаше и Аноик Легендре, ко-основач на XTU architects, кои се занимаваат со параметрички дизајн и био активни фасади. Имавме можност да видиме со каков тип на истражувања во делот на биологијата се соочувале при креирањето решение за фасада која произведува кислород. Ова се исклучиво скапи проекти и напредни размислувања што за нас се сеуште недостижна фантазија.

 

 

Во вториот дел од настанот, по паузата за ручек,  Share  доделија награда за животно дело на  архитект Трајко Димитров, кој имаше презентација на сопствениот опус.

Сесијата предавања продолжи со уште неколку имиња од домашната и меѓународната сцена.

 

 

Пинар Илки е архитект,  дел од тимот на  GMW MIMARLIK, биро од Турција, кое има формирано свој огранок и во Црна Гора поради реализација на проект во делот на туризмот.  Меѓутоа нејзиниот личен опус најмногу е сконцентриран кон разработка на аеродромски терминали, меѓу кои и новиот терминал во Скопје.

Тековно работи на аеродромот во Ташкент, Узбекистан.

Кристијан Јорданов, одТетрактис говореше за концептуалниот проект за  Студенчишко Блато.  Анализата која се обидува да ги имплементира сите заинтересирани и засегнати  страни, прави  симбиоза на истите и резултира со конкретен предлог.

 

 

Проектот ги зема в предвид сите зони на заштита,  хиерархија на истите, придонес кон туристичката понуда,  организација на бродскиот сообраќај во марина.  Овој концепт подетално го имавме презентирано на нашата страна.

 

 

Милан Џурич,  кој е основач на DVA студио, но и претседател на унијата на архитекти на Србија  презентираше три проекти: семејна куќа, индустриски објект и градинката  „Тесла“ во Белград. Овој проект предизвика и меѓународен интерес и промоција.

 

Од Италија, говореше Паоло Брескиа, основач на  OBR Architects, кој  се осврна на тоа што значи колективен придонес во архитектурата.  Тоа започнува од моментот како се распоредени бироата во студиото, внатрешниот однос меѓу луѓето, нивната внатрешна комуникација. Во однос на конкретен пример , каде заедничкиот придонес се имплементира во реализацијата, беше посочен  еден проект во Индија. Всушност тука се работи за желбата да се вклучи локалното население во изградбата. Низ обиколка на Мумбаи архитектот се запознава со рачната изработка на керамика, која успешно потоа ја имплементира во изведбата и идентитетот на објектот.

 

Еднакво интересни беа и презентираните проекти за колективно домување низ Италија, каде преку соодветни солуции се постигнува зголемување на просторот, тоа надвор со тоа внатре и обратно.

 

 

Како последен говорник, се претстави  Јан Утцон, кој е дел од Утцон архитекти од Данска,  компанија формирана од неговиот татко Јорн Утцон,  кој пак е автор на Сиднејската Опера.

Неговите дела се разликуваа од останатите, бидејќи и нивните корисници како и местоположба не е иста, туку повеќе локално ориентирана и блиска до домородното население .

Она на кое најмногу се осврна е делото на неговиот татко, и неговата реконструкција на ентериерот и адаптација.

 

 

На самиот крај, организаторите ги доделија и наградите на проектите, чија презентација во различни категории се одвиваше во холот на Македонската филхармонија. Како жири комисија се појавија повеќето презентери и гости кои ги соопштија добитниците.

 

 

За повеќе информации во однос на наградените, работилниците и текот на настанот кој измина посетете ги следните линкови >>>

https://www.facebook.com/events/2429812093936265/?active_tab=discussion

https://www.flickr.com/photos/share-architects/albums/72157713106152132/page1?fbclid=IwAR0x8ZYi2WIZ560iP0FTsvuoIMbUM5ciDQAuyeRfC8a7xe5YlNIVleKaHUk/with/49534474217

SHARE SKOPJE 2020 | ABOUT