За новите интервенции на Градскиот трговски центар во Скопје

Година: 2020

Тема: „Интервенции на Градскиот трговски центар во Скопје“ 

Локација:  Скопје

Скопје има многу дефинирачки елементи кои го прават срцето и идентитетот на градот. Дел од нив се урбани целини кои сведочат за континуираниот и комплексен социо-културен развој на градот (Старата скопска чаршија), а некои од нив се градби од исклучителна вредност кои во одредени моменти во минатото биле пунктуелно вметнати во постоечкото градско ткиво. Но, без разлика како и кога се настанати тие го сочинуваат и претставуваат културното наследство и ликот на градот.

Градскиот трговски центар е еден од тие елементи. Иако доста млад, ако се земе долгата историја на Скопје, тоа не го прави помалку важен. За значењето и важноста на Градскиот трговски центар, дело на тимот предводен од архитектот Живко Поповски завршено во 1973 година , постојат безбројни публикации, натписи, текстови, фотографии, филмови, мемории итн., кои го потврдуваат горе споменатото. Објектот, односно целиот мини-град кој е вткаен помеѓу петте кули на Александар Серафимовски е симбол кој го претставува материјалното и нематеријалното културно наследство на Скопје.

Градскиот трговски центар непосредно по изградбата @delcample.net

Според чартерот на (ИКОМОС 2002)*, Културното наследство е израз на начините на живеење што ги развива заедницата и се пренесува од генерација на генерација.  Градскиот трговски центар спаѓа целосно под оваа дефиниција како уникатен пример на регионализмот како на варијација модерната архитектура.

Горе напишаното е само вовед кој укажува и ја потврдува вредноста на современата архитектура како наследство на градот. Вредноста на објектите не е последица на бројот на годините на нивното постоење. Современата архитектура исто така поседува квалитети кои се вредни за градовите. Затоа треба да се трудиме да ја зачуваме нивната автентичност, интегралност и лик. Сите овие придавки не значат дека тие истите не треба да продолжат да се развиват, унапредуват и да бидат во тек со развојот на општеството.

Како сведоци на тековниот проект за инсталација на надворешен лифт кој би служел за дополнителна комуникација до новиот „зелен кров“ на вториот кат, главното прашање кое треба да си го поставиме е: како таа инсталација влијае на интегритетот и автентичноста на објектот?

Градскиот трговски центар непосредно по изградбата @https://gtcskopje.com.mk

Овој објект е многу умешно вткаен помеѓу постоечките објекти и е практично „стопен“ во своето опкружување. Предната фасада е лицето на објектот, моментот кога тој се открива на набљудувачот и се отвара кон „Парк Жена-борец“. Еден од главните композициски елементи на оваа фасада се рампите и скалите кои внесуваат еден момент на динамика во нагласената хоризонталност. Кружните скали поставени на западната страна се еден од визуелно  најпретпознатиливите елементи на објектот. Новиот надворешен лифт е поставен непосредно до овие скали.

Новата инсталација, иако мала по димензии,  директно го унаказува ликот на Градскиот трговски центар. Замислете за момент, една ваква инсталација поставена до некоја староградска куќа во центарот на Охрид. Таа истата ќе го наруши јазикот и духот на просторот. Аналогијата е иста кога е во прашање и Градскиот трговски центар.

Фотографија на Проф. д-р Дивна Пенчиќ @facebook

Другото прашање е: каква е потребата за овој лифт, токму на ова место? Новата градина на вториот кат е веќе достапна со централните комуникации во објектот.  Архитектите веќе предвиделе четири ескалатори и два лифта кои стигаат до вториот кат каде се наоѓа новиот „зелен кров“ што го прави овој лифт непотребен и од функционална гледна точка. Прашањето дали е потребна дополнителна сервисна комуникација во објектот е предмет на нова дебата.

Оттука дискусијата за дали дизајнот на лифтот е од соодветен квалитет е непотребна.

Градскиот трговски центар непосредно по изградбата @build.mk

Штетата е веќе направена, уништен е дел од оргиналните префабрикувани елементи на Градскиот трговски центар. За да би се избегнале било какви дискусии од овој карактер прво треба да ја водиме таа која ќе ни одговори како Градскиот трговски центар да се прогласи како споменик на културата.

Развојот на Градскиот трговски центар мора да продолжи, но потребен е целосен план и пристап за иднината на објектот, каде рестарврацијата и современите интервенции се во линија до духот и вредноста на истиот.

Повеќе за Градскиот трговски центар

Библиографија,

1, ICOMOS, International Cultural Tourism Charter. Principles And Guidelines For Managing Tourism At Places Of Cultural And Heritage Significance. ICOMOS International Cultural Tourism Committee. 2002.