Парк во Карпош / Мартиновска, Пекевска, Гиговска

Година на проектирање: 2020

Шифра: Тетатем

Автори: Елена Мартиновска, Ивана Пекевска, Љиљана Гиговска

СоработнициМаријана Николовска, Александра Ефтимовска

Локација: Општина Карпош

Површина: 86 000m2

 

Предмет на овој Конкурс за избор на Идејно е архитектонско и хортикултурно решение за парк во општина Карпош, дел од градска четврт 3 01.

Вкупната површина на парцелата за идејно архитектонско и хортикултурно решение за парк изнесува 86 000 м².

 

Ситуација

 

Станува збор за локација која се граничи со кејот на река Вардар од северната страна, додека пак од јужната се наоѓа булеварот “Илинден” кој претставува главен пристап до оваа локација. Помеѓу булеварот и паркот има еден блок којшто ќе биде со намена станбено домување и е одвоен од паркот со новопроектираната сообраќајница ”С2”. Преку него има два пристапи до локацијата за парк. Источно од паркот се граничи со станбени објекти преку новопроектираната сообраќајница ”С1” на ул.”Љубљанска”, а западно се наоѓа заштитеното бунарско подрачје ”Лепенец”.

Инспирацијата за дизајнот на паркот на оваа локација потекнува од течението на реката Вардар. Првин е земено во предвид дека до паркот има пристап од сите страни и е многу важно врските меѓу сите страни да бидат ненаметливи и слеани согласно фреквенцијата на движење. Истото важи како за пешачките патеки така и за велосипедските коишто се паралелни една од друга и се планирани така што не се преплетуваат за да би немало прекин во движењето. На местата кајшто се вкрстуваат се планирани поголеми кружни површини.

 

 

Во овој проект формата ја следеше функцијата бидејќи концептот е развиен така што ги задоволува сите потреби и на граѓаните кои живеат во околните блокови и на специјално дојдените за користење на содржините на паркот. Најмногу е користен кругот како форма и е аплициран како во елементите од урбаната опрема така и во хортикултурното и партерното уредување.

 

Дизајнот на паркот е планиран да ги имплементира бараните содржини од Договорниот орган. Содржините се поделени на три категории:

  1. Хортикултурно уредување, коешто се состои од ниско, средно и високо зеленило. Покрај патеките за движење е планирано ниското зеленило, додека високото е планирано поблиску до границите на паркот претежно покрај северната и западната граница, како би го штитело паркот од ветрови така и од сонце во летен временски период. Средното зеленило е планирано на неколку локации во бетонски жардињери со димензии 1.2м/1.2м/0.45м коешто не би пречело во движење и би служело како естетски и декоративен момент претежно кај пределот околу шанкот и тоалетите.

Зелениот лавиринт е во кружна форма и е позициониран во северозапаниот дел од паркот. Се простира на кружна површина од 3 100 м² со дијаметар од околу 34 метри.

 

Карактеристични детали на хортикултурно уредување

 

Ботаничката градина на отворено е планирана на западна граница на паркот со локацијата ”Лепенец” и ќе се простора на 17 000 м². Таа е планирана да биде отворена од сите страни и лесна за пристап за да при движењето би можеле да ги разгледуваат нејзините содржини.

 

 

  1. Партерно уредување, коешто се состои од пешачки патеки со ширина од 4.5 м и велосипедски патеки со ширина 2.4 метри, одвоени со зелен појас од еден метар растојание. Источната и западната страна од паркот се на растојание од 55 метри и се поврзани со една поголема средишна патека со помали споредни врски. Долж главната патека којашто е широка 4.5 м’ се простира велосипедската со ширина 2.4 метри во препознатливата црвена боја, со бела лента со соодветни интернационални ознаки за истата. Патеките се одвоени со зелен појас засадена трева од еден метар растојание.

По течението на овие патеки има четири кружни чисти површини коишто претставуваат собирни точки и врски помеѓу движењата од сите четири страни. Од север кон југ и обратно има три патеки кои ги поврзуваат кејот на Вардар со сите негови содржини во овој реон и новопроектираната улица помеѓу паркот и новопланираниот станбен блок покрај булеварот Илинден.

 

 

Покрај патеките, во оваа категорија спаѓа отворената бина којашто е поставена централно на јужната страна покрај новопроектираната сообраќајница ”С2”. Изборот на оваа позиција е од причина што е потребна тесна врска со сообраќајницата за истовар на опрема при организација на настаните на бината. Дизајнот на бината е инспириран од школката во стариот градски парк којашто претставува негово одбележје и би сакале да се надоврземе со надеж дека и овој дел од градот ќе заживее како стариот градски парк. Просторот за публиката се простира радијално на отворениот дел од бината и се планира партерно да се уреди со зеленило на одредени делови како би го оплеменил со зеленило овој простор. Формата и на овој елемент е кружна во основата, додека во задниот дел има кружни скали покрај задниот кружен ѕид. Покривањето на делот кајшто се настапува е планирано со пет бетонски ленти во различна ширина поткренати во предниот дел за да ја нагласат повеќе бината и да го постигнат посакуваниот ефект на школка.

 

 

 

 

  1. Урбана опрема, којашто е специјално дизајнирана за овој простор и е ергономска и од природни материјали отпорни на надворешни влијанија. Планирана е така што ги задоволува потребите на сите старосни групи, да е лесно пристапна и безбедна за употреба. Имавме во предвид дека урбаната опрема ќе е многу експлоатирана и затоа дизајнот е прилагоден за лесно одржување и санирање при оштетување на истата.

Планирано е поставување на осветлување и илуминација, клупи, корпи, паркинзи за велосипеди, натстрешници, фонтани и чешми, покриен шанк како и јавни санитарни јазли.

 

Детали од урбана опрема

 

  • Осветлувањето е планирано со канделабри кои се поставени долж патеките, а дизајнот им е метални сиви со две светлечки тела прицврстени на врвот на носечкиот столб, на коишто им се подесуваат висините. Се планираат две висини од истиот модел, пониските со висина од 4 метри а повисоките со висина од 5 метри. Исто така се планира и подно светло со висок IP фактор во фонтаните.
  • Клупите се со многу едноставен и модерен дизајн, се планира да се изработат од метал и масивно дрво на потпирачот и на делот за седење. Има две димензии од истиот модел, помалата 1.8 метри и 2.80 метри. На дел од клупите со пократката димензија се планира да нема потпирач. На останатите се планира потпирачот за грб да е исто долг на двете за да би останало простор и за седење на обратната страна. Длабочината и на двете димензии е 50 цм.
  • Корпите за отпадоци се унифицирани, односно еден дизајн, цилиндар со радиус 22 сантиметри, изработени од метал со механизам за лесно испразнување.

 

 

  • Паркинзите за велосипеди се правоаголни метални столпчиња со висина од 95 сантиметри и дупка за вглавување и заклучување на предното тркало на велосипедот. Се планира да бидат поставени на девет локации.
  • Натстрешниците се со највпечатлив дизајн од сите елементи од урбаната опрема, налик чадорчиња прицврстени на кружна клупа со дијаметер 1.5 метар обложена со даски за седење во горна зона. Од центарот на клупата излегуваат три полни метални закосени столбови со метални кругови на врвовите од различни дијаметри (0.7 метри, 1 метар и 1.5 метар). Се планира да бидат во три бои портокалова, зелена, жолта и црвена.
  • Се планира поставување на четири летниковци од северната страна, односно со поглед накај кејот на Вардар. И тие се во кружна форма, со дијаметар од 4 метри и висина 4.4 метри. Од страна имаат кружни скали кон горна зона кадешто е платформата за седење и уживање во убавиот поглед кон река. Под платформата исто така има простор за седење ограден со метални профили. Изработени би биле од метал и дрво.
  • Што се однесува до чешмите за пиење вода, планирани се вкупно пет на позиции кадешто се сметаше за најпотребно. Би биле изработени од метал и едноставен правоаголен дизајн.

 

Детали од урбана опрема

 

  • Фонтани има три со кружна форма на позициите кадешто се спојуваат пешачките и велосипедските патеки. Две од трите се со дијаметар од 15 метри а третата е 4.4 метри. Од малата истекува водата и следејќи ги патеките со својот тек помеѓу пешачка и велосипедска патека се влева во една од поголемите. Би биле изработени од бетон и обложени со бел мермер.
  • Едни од повпечатливите сегменти од урбаната опрема се двете платформи за седење налик гасеници којишто се наоѓаат помеѓу водата што истекува од малата фонтана кон поголемата и ботаничката градина. Тие се планирани од лиен бетон обоен во бела боја и би биле поставени во зеленa површина од околу 3 300 м², поставени огледално пресликани една од друга. Рамниот дел за седење е со висина од 35 см а највисокиот свиок дотигнува висина од 2.5 метри.
  • Планирани се лежалки од растегливо платно во бела боја, популарно наречени “хамаци” во југоисточниот дел од паркот, непосредно до дрворедот покрај кејот на Вардар. На една метална конструкција се прицврстени по три лежалки.
  • Мобилните црвени фотељи од пластика со дијаметар од 1 метар би се поставиле пред отворениот шанк, околу двете долги платформи (гасниците), како и на секое зеленило коешто би било погодно за седење. Планирани се да бидат од пласика за да би биле лесни за поместување, и лесни за одржување.
  • Детското игралиште се простира на површина во неправилна форма на околу 15 000 м2 и е позиционирано помеѓу покриениот шанк и лежалките. Потребно е да биде изработено по сите светски стандарди за максимална безбедност за децата и сите посетители на паркот. Во рамки на ова игралиште се планираат повеќе содржини како: седум трамполини на две позиции од игралиштето, еден полукружен метален обрач со дванаесет лулашки и два модели на мрежи за качување.

 

 

  • Санитарните јазли се вкупно три кружни објекти на три локации. Објектот е од метална конструкција обложена со дрво, со дијаметар 7 метри и висина 3.8 метри. Има вкупно шест тоалети и еден за инвалидизирани лица. Едниот санитарен јазол се наоѓа зад шанкот, со магацински простор за него, вториот непосредно до бината, третиот меѓу лавиринтот и летниковците.
  • Покриениот шанк се наоѓа во југоисточниот агол од паркот. Се состои од три шанка коишто се шират радијално на претходно споменатиот објект со магацински простор и тоалети. Партеното уредување пред шанковите е исто како пред бината, радијално поставени павер елементи во сива боја со сегменти со трева наместо бехатон коцки. Исто така врз овој простор се планирани да се постават црвените пластични фотељи, а преку целиот овој дел се планира покривање со мембранска конструкција, односно носиво платно од 900 гр/м2 во бела боја оптегнато со сајли и метална конструкција. Оваа натстрешница ќе му даде уникатен излед како на овој дел така и на целиот парк и со својот модел ќе стане обележје препознатливо за целиот реон.