Семејна куќа / Иванов Инженеринг

 

Проектот е добитник на Големата награда на Бимас, за реализиран архитектонски објект

 

Авторско образложение:

 

Комфор и уживање во секојдневието беше водечката парадигма во проектирањето на објектот наменет како семејна куќа на едно модерно, активно семејство. Лоциран на падините на Водно и ориентиран кон градот, објектот како видиковец ги доловува визурите кон градот.

 

 

Куќата е повлечена од пристапната улица, со што предниот двор станува пристапно плато како вовед во содржината и естетиката на куќата.

Прилагодувајќи се на природниот пад на теренот објектот благо се поткрева кон пристапната улица за да се отвори со уште едно ниво кон задниот двор и кон градот. Програмски, куќата се развива во вертикала на пет нивоа, од технички катови, преку заеднички содржини, до интимни простори.

 

 

Од нив две се подземни или делумно подземни, додека три се надземни, наизменично повлечени или исфрлени, разбивајќи ја монолитноста на габаритот. Второто подземно ниво е техничко ниво во кое што се сместени системите за греење/ладење и одржување на куќата. На првото подземно ниво е организирано паркирање за осум возила и простор за рекреација кој што преку наткриен трем се надоврзува кон задниот двор.

 

 

 

Приземното ниво е конципирано како заедничка содржина за домаќините и гостите, со гостински апартман, внатрешен базен и фитнес сала. Првиот кат е „piano nobile“ на куќата, со просторот за дневен престој широко застаклен кон градот, со двовисински простор наткриен со стаклена лантерна и со детските апартмани ориентирани кон југ, кон предниот двор.

 

 

 

Вториот кат е поприватен, со родителската спална и работен кабинет и со пространи тераси кон уличниот фронт и кон градското ткиво.

Од внатре кон надвор, изразот во обликувањето на просторот  е едноставен – чисти линии и кубични волумени, со конструктивните елемeнти како единствен декоративен елемент. Строгоста и робустноста на изгледот е нежно нарушена со дискретните окулуси во просторот на базенот.  Наспроти големината на волуменот, екстериерот има намера да биде ненаметлив, суптилен во колоритот и во изборот на материјали.

 

 

Следејќи го трендот на самоодржливост, на кровните површини поставени се фотоволтаични панели кои што се јавуваат како несокриен елемент во фасадното решение, надоврзувајќи се на севкупната естетика.

 

 

 

 

 

Автор на статија: