Парк во Карпош / Каранаков, Радевски, Марина, Менкиноски, Велкоски, Сотировски – Џагуре, Сотировски

Конкурс за избор на идејно архитектонско и хортикултурно решение за парк во Општина Карпош, дел од Градска Четврт 3 01

Шифра: „ЛЕНТИ“

Автори на архитектонско решение: Проф. д-р Бојан Каранаков, Проф. д-р Александар Радевски, Проф. д-р Огнен Марина, Борјан Менкиноски, Филип Велкоски

Автори на хортикултурно решение: Благоја Сотировски – Џагуре,  Проф д-р Кирил Сотировски

Година на проектирање:  2020

Локација: Општина Карпош

Површина: 86 000m2

Награда:  Трето место

 

КОНЦЕПТ

Основниот концепт на овој идеен проект за идејно архитектонско и хортикултурно решение за парк во Општина Карпош е надградба на едно од архитектонските барања во конкурсот – ботаничка градина на отворено. Согласно тоа, приложеното проектно решение е насловено: „Ботаничка градина под отворено небо“. Површината која е предмет на конкурсот ја сметаме за една од последните преостанати во Град Скопје, чии карактеристики (големина, местоположба, експозиција) овозможуваат да се проектира и реализира уникатен парк, кој може да ја трансформира и облагороди не само непосредната околина, туку и пошироко.

Во светот и особено во Европа, многу градови го зголемуваат својот престиж, меѓу другото, и со основање, одржување и надградување на ботанички градини. Одамна се завршени времињата кога ботаничките градини имале исклучиво научно значење, и наместо тоа се места за релаксација или пак за активен одмор преку учење во природа, а на крајот на краиштата, најпознатите ботанички градини се и познати туристички дестинации. Скопје, според многу критериуми е метропола, и е одамна созреано и заслужува парк од типот ботаничка градина.

Убедени сме дека нашите видувања, размислувања и решенија за овој простор ќе овозможат препознатливост не само на општината, туку и на градот Скопје. Авторските архитектонско / хортикултурни решенија адресираат многубројни естетски, социјални, ментални, едукативни и здравствени прашања. Преку концептот за инсталација на бројни растителни видови, на речиси севкупната површина на паркот се овозможуваат едукативни активности поврзани со вегетацијата и природата воопшто, комплементарно комбинирани со елементи за различни социјални, спортски, културни и уметнички активности на посетителите.

 

 

 

 

АРХИТЕКТУРА И ХОРТИКУЛТУРА

Една од основните карактеристики на архитектонскиот концепт на паркот е поделеноста на паркот во ленти (север – југ) кои формираат неколку визуелно и содржински дистинктивни целини. Предвидените растителни видови се избрани внимателно, за да овозможат во секој период од годината уникатно мултисензорно искуство (боја, сјај, транспарентност, контраст, текстура, мирис, цврстина, допир, звук) различно за секоја од дистинктивните целини (лентите). Друга од основните карактеристики е „врамување“ со високо зеленило долж целиот периметар на локацијата. Целта на оваа рамка е создавање на визуелна граница на парковската површина но исто така и на бариера за амбиенталната бучава, за воздушното загадување која истовремено овозможува пријатна микроклима и атмосфера.

Хортикултурното решение на паркот е комплементарно со архитектонскиот концепт и решение и секој предвиден растителен вид е внимателно одбрана за да одговори соодветно на естетските, функционалните и контекстуалните барања на проектот. На пример: Од страна на Вардар (северна страна) во вегетацијата во „обиколницата“ се предвидени растителни видови кои се толерантни на пониски температури, кои се вообичаени во зимските месеци низ долината на реката. Во проектот се дадени и препораки за тоа кои видови зеленило треба да се избегнуваат и зошто.

 

ПЕШАЧКО И ВЕЛОСИПЕДСКО ДВИЖЕЊЕ НИЗ ПАРКОТ

Примарните пешачка и велосипедска патека се поставени периметрално на паркот, и тоа меѓу високата вегетација, од надворешната страна, и внатрешната содржина распоредена во ленти. Со тоа, при движењето исток – запад и запад – исток, посетителите практично ќе преминуваат од една во друга лента, со побрзо менување на амбиентот и на соодветната вегетација низ различните ленти. Истовремено, од надворешната страна ќе се доживува шумска вегетација како во природни услови. Посетителите ќе може од периметралната патека да влегуваат во внатрешниот дел на паркот по свое видување, и да ги користат другите содржини поставени во целини. Оние пак кои ќе сакаат подолго да се задржуваат и движат во одредена специфична вегетациска целина ќе можат да и користат патеките поставени во правец север – југ, долж лентите. Велосипедското движење е замислено да биде доминантно по периметралната патека, додека внатрешниот дел на паркот е предвиден примарно за пешаци. За нив е предвидена и централна аксијална пешачка патека долж подолгата оска исток запад која поминува низ сите ленти крај која се наоѓаат клупи, фонтани и чешмички.

 

 

 

 

ФУНКЦИОНАЛНИ ЦЕЛИНИ – ЛЕНТИ

Паркот е поделен во неколку функционални целини во правецот север – југ, кои овозможуваат различни естетски и просторно – ботанички искуства во неколку дистинктивни социјално забавни просторни целини.

 

ВОРОНОИ ИНТЕРАКТИВЕН НАУЧЕН ПАРК ЗА ДЕЦА

Од западната страна на паркот, веднаш до периметралното високо зеленило и циркуларните велосипедска и пешачка патека, првата лента со дистинктивна програмска целина е „Воронои – интерактивен научен парк за деца“. Името го носи според шарата на партерното уредување која е базирана на т.н. Вороноиев дијаграм. Со пешачките патеки од бел чакал се оформени тревнати зелени острови во кои се наоѓаат едукативни, интерактивни скулптури за деца. Во неколку од полињата во Вороноиевиот дијаграм е предвидена инсталација на фигури од живо зеленило, т.н. топијарни форми. На едно од полињата е поставена и кулата видиковец.

 

 

  • КУЛА ВИДИКОВЕЦ

Кулата видиковец е позиционирана во северо-западниот агол на локацијата во рамки на Воронои интерактивниот научен парк за деца. Позицијата и формата на кулата се одбрани така што качувајќи се нагоре на различна височина се отвораат видици на сите страни овозможувајќи спектакуларни погледи на паркот, поглед кон лавиринтите од птичја перспектива, но и поглед на квалитетните визури вон паркот како што се локалитетот Скупи и вливот на Лепенец во Вардар. Дополнително во приземјето на кулата се сместени машки и женски јавни тоалети кои имаат за цел да ги опслужат корисниците во овој дел од паркот и остава.  Натстрешницата  на  највисокиот  дел  од  кулата  покрај  заштита  од  атмосферски

влијанија на скалишното јадро е со јужна ориентација и е покриена со фотоволтаични панели кои обезбедуваат електрична енергија за потребите на кулата.

  • ЛАВИРИНТИ

Во рамки на делот од паркот за деца, се предвидени два лавиринти секој со димензии од 20m x 20m. Едниот e со високи „зелени“ ѕидови, а другиот со ниски „зелени“ ѕидови e наменет за помали деца. Лавиринтите се предвидени со повеќе влезови / излези бидејќи се наменети за деца.

  • ОТВОРЕНА БОНСАИ ГАЛЕРИЈА

Бонсаи културата, иако од азиско потекло, денес е глобално застапен феномен, кој привлекува особено внимание на широката јавност. Минијатурните дрвја кои се изложуваат се секогаш атракција сами по себе и секогаш предизвикуваат восхитување кај посетителите. Предложуваме Бонсаи градина, фактички колекција на одреден број примероци Бонсаи, лоцирани како галерија интегрирана во рамките на паркот. Галеријата е замислена како објект со приближна димензија од 20m x 20m сочинет од серија паралелни ѕидови од тула. И во овој случај, остануваме во согласност со концептот на отворена ботаничка градина. Заради специфичноста и вредноста на експонатите, авторите предвидуваат овој објект да има одредено работно време во кое би бил отворен за посетители, како и соодветна служба

за обезбедување и грижа.

  • ПАВИЛЈОН НА СВЕТЛИНАТА

Павилјонот на светлината е мал павилјон со две групации на седење и маса. Тој е проектиран и позициониран на начин според кој во секој период од денот, и во сите сончеви денови од годината, има место за група на луѓе да уживаат во погледот кон Бонсаи галеријата седејќи и на сонце и на сенка во рамките на објектот. При проектирањето е земен предвид динамичниот карактер на дневната светлина и тој е искористен за создавање на уникатни кориснички просторни искуства поврзани со дневната светлина. Материјалноста е оформена со ѕид и под од тула, и од дрвени столбови и греди.

 

ОТВОРЕНА ЗЕЛЕНА ПОВРШИНА – ЛИВАДА

Отворената зелена површина се наоѓа во средината на паркот и наменета е за спортско-рекреативни активности како и за пикник. Бидејќи се наоѓа во непосредна близина до просторот кој е наменет за концерти или други фестивалски активности слободната површина може да биде користена и како екстензија на „отворената сцена“. Од спортските активности кои би можеле да се одвиваат на овој простор се претежно забавно рекреативни активности,  како  на  пример  фризби,  летање  змаеви,  играње  бадминтон,  и  сл.  Во оваа површина, на источната и западната страна од тревната површина, се предвидени по четири атрактивни зимзелени иглолисни дрвја (солитери) кои се одликуваат со формален исправен хабитус.

 

 

  • ОТВОРЕНА СЦЕНА

Отворената сцена е позиционирана централно на локацијата во однос на ориентацијата исток – запад, на нејзината северна страна, поблиску до реката Вардар. Слободната зелена површина со трева и без високо зеленило е наменета за организација на различни настани за поголем број луѓе, како: концерти, претстави, приредби и сл. и од тие причини е врамена во појас од високо зеленило на сите нејзини страни кое има за цел да претставува акустична бариера која треба да го намали ширењето на звукот вон паркот. На западната страна од отворената сцена е предвидена армирано бетонска акустична школка во форма на коноид со димензии кои се доволни за концерт на филхармониски оркестар. Дополнително, надворешната страна на школката е покриена со слој од земја и трева на која може се оди, седи и лежи. При димензионирањето на отворената сцена земена е предвид акустиката која треба да се добие како и површина на сцената за различни големини на оркестри кои може да ја користат, филхармонија, игроорна група па и користење на истата и за кино проекција на отворено.

 

 

 

ВОДЕНИ ЛЕНТИ – ВОДЕНИ ОГЛЕДАЛА

Две водени ленти се протегаат по целата должина на паркот во правец север – југ, на западната и источната страна од отворената сцена и ливадата. Тие се со широчина од 10м и приближна должина од 140м – 150м. Длабочината на истите е 60см. Предвидени се да бидат со проточна вода која може да се користи од реката Вардар или од бунари кои би се направиле во самиот парк. Коритото на водената површина би било поплочено со камен. Во овие водени ленти е предвидено да има водени растенија кои би биле и пречистувачи на водата.

 

ПРОГРАМСКО БОТАНИЧКА АКУСТИЧНА БАРИЕРА

  • ПОЛЕ НА ЛИПИ

Полето на високо зеленило помеѓу цветните леи и воденото огледало на источната страна од паркот има за цел да претставува акустична бариера меѓу отворената тревна површина за настани и делот од паркот во кој се сместени отворениот шанк – кафетерија и повеќенаменскиот павилјон. Во него се сместени неколку куќарки – летниковци. Полето на липи, составено од неколку видови, неформално поставени садници на липи низ целата површина носи и симболично значење и го поврзуваме со препознатливите пролетни скопски мириси на липа во цут.

  • ПОЛЕ НА ЖАЛНИ ВРБИ И БРЕЗИ

Воденото огледало на западната страна од отвореното поле за настани е предвидено да биде ограничено со вегетација типична за таков екосистем. Предвидени се т.н. „жални“ форми непосредно до водената површина.

Нешто подалеку од водата, се предвидени, исто така во жална форма, неформално распоредени (Betula pendula subsp. pendula), а меѓу нив и примероци од видот Cydonia japonica, која е вообичаен партнер во композиции со брези. Помеѓу дрвјата во ова поле се предвидени летниковци. Ова поле на високо зеленило има за цел да претставува акустична бариера меѓу отворената тревна површина за настани и делот од паркот во кој е сместен интерактивниот Воронои научен парк за деца, кулата видиковец, Бонсаи галеријата и павилјонот на светлината.

 

 

АЛЕЈА НА МАГНОЛИИТЕ

Алејата на магнолии е предвидена како пешачка патека меѓу колонада од неколку различни видови магнолии кои имаат за цел да создадат спектакуларна глетка (имајќи го предвид дрвото во цут) и пријатен амбиент за прошетки и одмор. По целата должина на алејата се поставени елементи од урбана опрема.

 

ЦВЕТНИ ЛЕИ

Полето на цветни леи на графичкиот приказ, е претставено во неколку бои. Во пракса, предвидени се цветни линии во правец север-југ прекинати од подолжни и дијагонални пешачки патеки со клупи, со цел да понудат уникатно визуелно но и ароматично искуство. Предвидени се повеќе цветни видови ниски грмушки, кои се толерантни на поткастрување после цветањето.

 

ПОВЕЌЕНАМЕНСКИ ПАВИЛЈОН

Повеќенаменскиот павилјон е составен од модуларни елементи – дрвени коцки со димензии 2,5m x 2,5m x 2,5m со чија мултипликација се добива финалната форма на павилјонот. Тој е без стриктно доделена намена т.е. е повеќенаменски. Има покриен дел и отворен атриум со шарена сенка и може да се користи за организација на настани од помал формат, како предавања, танц или едноставно за одмор, тој исто така служи за да обезбеди привремена заштита од атмосферски влијанија за посетителите на паркот.

 

 

 

МОДУЛАРНИ ЕЛЕМЕНТИ

Основен елемент со чија мултипликација и групирање по различни обрасци се добиваат различни просторни структури. Во истите може да бидат интегрирани различни содржини од типот на продажба на пијалаци, сладолед, брз сервис за велосипеди, изнајмување на реквизити за пикник, паркирање на велосипеди, итн.

 

ОТВОРЕН ШАНК / КАФЕТЕРИЈА

Отворениот шанк е проектиран со употреба на истите модуларни дрвени коцки, односно елементи со чија мултипликација може да се добијат различни, и по големина и капацитет, но и по форма, структури од кои една можна е прикажана во проектот. Површината која ја зафаќа кафетеријата е околу 900m2.

 

ЛЕТНИКОВЦИ

Летниковците се групација од 4 модуларни основни елементи – дрвени коцки Распоредени се на одбрани локации низ паркот како што е прикажано во графичкиот дел. Има клупи за седење од 3 страни, а една е оставена слободна за влез и излез. Околу централната групација на столбови има маса.

 

 

ЈАВНИ ТОАЛЕТИ

Јавните тоалети се проектирани како типски и би се појавувале на различни локации низ паркот како што е прикажано во графичкиот дел од проектот. И во машкиот и во женскиот дел од тоалетите се предвидени кабини за лица со попреченост. Тоалетите се димензионирани согласно стандардите за проектирање на јавни тоалети.

 

УРБАНА ОПРЕМА

Севкупната урбана опрема (клупи, корпи за отпадоци, фонтана, чешми) е проектирана со современ конзистентен архитектонски јазик од издржливи материјали.

  • КЛУПИ

Телото на клупите е од армиран бетон, а површините за седење и потпирање се од дрво. Во рамки на клупата има вграден мал фотоволтаичен панел кој служи за напојување на безжичен полнач за мобилни телефони и лентовидни LED светилки поставени да светат надолу кон патеката означувајќи ја позицијата на секоја од клупите долж патеките. Тие се поставени по целата должина на сите пешачки патеки во паркот.

  • КОРПИ ЗА ОТПАДОЦИ

Телото на корпите за отпадоци е од армиран бетон со лентовидни LED светилки поставени да светат надолу кон патеката означувајќи ја позицијата на секоја корпа во просторот. Отворот за фрлање на отпадоци е покриен со дрвена решетка со цел визуелно да се поврзе со естетиката на клупите но и да спречи птици да расфрлаат отпад надвор од корпите.

 

 

  • СТОЛПЧИЊА

Предвидените ниски столпчиња се челични и во себе имаат вградено лентовидни LED светилки. Челичните столпчиња имаат двојна намена: првата е да бидат светлечки елементи во просторот кои ќе ги осветлуваат патеките низ паркот, а втората да го ограничат движењето таму каде што е потребно режимско движење.

  • ЧЕШМИ

Чешмичките како елемент од урбана опрема се проектирани за да обезбедуваат пријатно искуство на пиење вода за различни групи корисници: високи, просечни и ниски (деца).

  • ФОНТАНА

Фонтаната е група од чешми кои се проектирани во истиот архитектонски јазик како и малите чешмички, но на исто место се групирани 8. Повторно постои можност за пријатно користење од високи и ниски корисници, а како дополнение во рамки на фонтаната се предвидени и засебни места од кои вода може да пијат домашните миленици.