Баргала

Перод: IV век ( први записи за постоење)

Извор: Википедија на македонски јазик ( текст )

Фотографии: Филип Конески /  2019 год.

Фотографии од воздух : ЈНУ Институт за старословенска култура – Прилеп

 

 

Местоположба и истражувања

 

Античкиот град Баргала се наоѓа на 12 км североисточно од Штип,  во близината на Горни Козјак, крај Козјачка Река во подножјето на планината Плачковица.

Името Баргала е од тракиско потекло, а неговото етимолошко потекло се врзува за реката Брегалница. Наоѓалиштето, до кое води асфалтен пат, може да се посети и во вечерните часови, бидејќи тој е целосно осветлен.

 

Фото: ЈНУ Институт за старословенска култура – Прилеп за проектот „Тридимензионално моделирање на пет археолошки локалитети од римскиот период“

 

Истражувањата во ова наоѓалиште за првпат се започнати во 1966 година, под раководство на Блага Алексова. Во седумдесеттите години на XX век, на наоѓалиштето работела југословенско-американска екипа и тогаш е откриена епископската базилика.

 

Фото: ЈНУ Институт за старословенска култура – Прилеп за проектот „Тридимензионално моделирање на пет археолошки локалитети од римскиот период“

 

Подоцна се извршени дополнителни ископувањата на Баргала под раководство на Заводот за заштита на спомениците на културата и Народен музеј од Штип. Досега е истражена само една десетина од целото наоѓалиште, бидејќи тој зафаќа површина од околу пет хектари.

 

 

Историја на градот

Античкиот град Баргала се спомнува во еден натпис од 371 година, пронајден во текот на Втората светска војна, кој претставува спомен-плоча за подигањето на градската порта од страна на Антониј Алипиј, управник на провинцијата. Плочата е најдена во месноста Ханче, на левата страна од реката Брегалница, во атарот на општината Карбинци.

Овој археолошки споменик дава податоци за тоа каде се наоѓал градот, како и за проблемите на границата на Македонија со Тракија. Исто така, градот се спомнува во актите на Халкидонскиот собор од 415 година.

 

 

Кон крајот на IV век, градот служел како доцноримски воен логор (каструм), кој бил изграден како тврдина на граничниот појас меѓу провинциите Втора Македонија и Средоземна Дакија. Подоцна, градот бил разурнат, а жителите подигнале нов град крај Козјачка Река во близината на Горни Козјак. По губењето на стратешкото значење, Баргала прераснала во цивилен – епископски град.

Во V и VI век, а особено во времето на Јустинијан I (527-565), градот го достигнал својот врв, но кон крајот на VI век, во неколку наврати, настрадал од аварско-словенските походи кои го треселе Балканот. Градот не бил потполно напуштен, меѓутоа опстојувал како неурбанизирана населба. Понатаму, во средниот век се оформила нова населба, чиј белег е црквата “Свети Ѓорги”, изградена кон крајот на втората половина на IX век. Околу црквата “Св. Ѓорги” е откриена некропола која, според наодите, егзистирала почнувајќи од VII век.

 

 

Објекти

Градот има неправилно правоаголно обѕидие, со површина 280х185/150м. (4,7ха) и ориентација северозапад-југоисток. Големите и цврсти камени ѕидови, со широчина 2,30 метри, биле зајакнати со 20 четвртести кули, а во внатрешноста имало простории во кои биле сместени војниците и коњите. Главниот двоен влез се наоѓал речиси на средината на западниот бедем.

 

Портата со обѕидието

 

Во северозападниот агол на тврдината е откриен речиси во целост епископиумот на градот, епископска базилика и нејзиниот дворен простор, во кои се наоѓаат крстилница со мозаични површини, a во просторот на бањата сочувани се и делови од мозаик. Потоа се откриени цистерна за вода, и две бањи – доцноантичка голема и мала бања. Големата бања е сместена на просторот помеѓу двориштето на епископската базилика и северозападниот градски бедем. Станува збор за добро сочуван комплексен објект со поединечни простории меѓусебно функционално поврзани. Покрај тоа, откриени се и делови од стопански и станбени објекти.

 

Базилика

 

Епископската базилика е откриена во северозападен дел е градот. Таа била подигната кон крајот на IV век, а била обновена, односно преѕидувана и ремоделирана, во V-VI век. Таа претставува објект изграден по стандардниот тип на старохристијански градби од Балканскиот Полуостров и Медитеранот. Набљудувано од архитектонска гледна точка, таа претставува трикорабна базилика со полукружна апсида однатре и однадвор и со внатрешен нартекс и егзонартекс.

 

Базилика

 

Од внатрешноста на базиликата, особено впечатливи се подовите обложени со камени плочи, освен северниот, што бил решен со полихромен мозаик. Како најубав се издвојува подот од презвитариумот, што бил обложен со бели и сиви плочи во opus sectile. Објектот изобилува со богата архитектонско-декоративна пластика, меѓу која, особено се истакнуваат мермерните капители на украсени со глави од лавови и лисја од винова лоза, како и неколку парапетни плочи.

 

 

На еден капител на влезниот трибелон во ексонартексот пронајден е натписот: ”Христе, помогни му на твојот роб, епископот Хермија”. Споменатиот епископ и епископите Филип и Евстатиј од двете епископски базилики во Стоби, се обележани како ктитори на базиликите.

 

Улицата помеѓу портата и базиликата

 

Во близина на градските бедеми на Баргала, западно од нив, во 1984 година бил откриен еден старохристијански објект од крајот на IV век. Тоа е extra muros базилика, трикорабна, со издадена апсида, со нартекс и егзонартекс и со под обложен со камени плочи кои биле луксузно орнаментирани. Покрај јужниот бедем и југоисточната кула, надвор од границите на ова наоѓалиште, се наоѓа средновековната црква “Св. Ѓорѓи”, околу која е откриена некропола.  Исто така, во северниот дел на градот имало винарија.

 

Фото: ЈНУ Институт за старословенска култура – Прилеп за проектот „Тридимензионално моделирање на пет археолошки локалитети од римскиот период“