Граѓански протест за Расадникот во Кисела Вода
30.06.2021 • Информации
Денес во 18 часот, на просторот на населбата Расадник, се одржа мирен протест на група граѓани под наслов „ Стоп за бетонизацијата на Кисела Вода и Расадник“.
На мирното собирање на граѓаните, се спротиставија сопствениците и наследници на дел од земјиштето, во форма на контрапротест, притоа директно впуштајќи се во вербални дискусии со организаторите.
Тоа што во целата ситуација сопствениците не го разбираат е дека никој не повикува на нивен линч, повторна национализација на земјиштето или некакво узурпирање на нивното право. Професионалната фела, граѓаните на околните населби и загрижените говорат за здраворазумен урбанизам, во кој со правилно менаџирање секој ќе го добие својот дел.
За истото говоревме многу пати, но недостасува визијата на долг рок како кај општината така и кај градот, кои треба да го изменаџираат овој процес, задолжително вклучувајќи јавен архитектонско-урбанистички конкурс.
Јавниот интерес треба да е над индивидуалниот. Во процесот исто како и во изградбата и планирањето на големите сообраќајници, сопствениците се обештетуваат. Компаративно, новиот мост кај салата Јане Сандаски и целата интервенција чини 8 000 000 евра, и исто толку чини обештетувањето на приватните имоти. Тоа значи дека стравот на сопствениците е неоправдан, но аптетите се секако поголеми.
Она што е за поздравување е освестувањето на граѓанството, дека мора да се избори за подобро општество! Борбата продолжува!
Од расадникот кон населбата за време на протестот
Повеќе за темата Расадник прочитајте во нашите претходни објави :
Автор на статија: Filip Koneski