Расадникот – присутност која не смееме да ја загубиме!

За Расадникот во Кисела Вода говоревме многу пати, од повици, преку иницијативи, анализи на урбанистичките планови и неспорниот потенцијал.

Расадникот како зелена оаза на градот е реална присутност и за неа мора да истраеме во борбата да опстане во најмалку 40% од површината во форма на градски парк .

Она што овде спонтано се случува е видлив биодиверзитет кој како последица на застојот на човековoто планско екплоатирање, го фатило својот природен тек на развој.

 

Од внатрешноста на Расадникот

 

Оваа вредност треба да се интегрира во визијата за Кисела Вода, во урбаната матрица на Скопје, со внимателен градителски пристап во ободот кон југот. Современа архитектонско-урбанистичка визија која ќе се воигра со пејсажот.

Светата зелена тројка Градски парк – Парк шума „Гази Баба“ – Расадник мора да ја поставиме како приоритет во градското ткиво.

 

Зелената света тројка на Скопје

 

Доаѓаат изборите за неколку месеци. Еве ви (до политичките играчи) една идеја која можете да ја интегрирате во вашите програми : Стопирање на спорниот предлог план, создавање на проектна задача  во соработка со ААМ и професијата за распис на архитектонско -урбанистички конкурс за Расадникот, одделување фонд на награди од 50.000 – 100.000 евра, меѓународно промовирање на  истиот со рок  од 6 месеци за поднесување на трудовите ( електронски ) на македонски или англиски јазик. Селекција на 5 најдобри трудови, доработка на истите во втора фаза и избор на победник, на чија основа ќе се изработи ДУП, кој потоа Општината и Градот како менаџери ќе застанат меѓу сопствениците и приватните инвестори, а пред се во улога на заштита на јавниот интерес и правично обештетување или овозможување на заработка од реализацијата на станбениот и комерцијалниот дел.

Прв чекор, сите слободни и неизградени парцели третирајте  ги како една со повеќе косопственици. Така секој процентуално ќе добие од тоа што претставува профитабилна интервенција.

 

Поглед од внатрешноста кон Водно

 

Додека  инсистираме дека ова е возможно да се случи, само потребна е политичка волја, уживајте во галеријата и запаметете дека во оваа мисија треба сите поединечно да придонесеме со нашата активност !

 

Од Водно кон Расадникот

 

 

Фото: Филип Конески

Година: 2021 / мај