Парк во Карпош / Карангелеска, Димитриевска, Гочевска, Јанева

Година на проектирање: 2020

Конкурс: Избор на идејно решение идејно архитектонско и хортикултурно решение за парк во Општина Карпош, дел од Градска Четврт 3 01

Автори: Нина Карангелеска, Марија Димитриевска, Милка Гочевска, Даниела Јанева

Локација: Населба Карпош, Скопје

Награда: Втора награда

 

Новиот парк претставува просторно и програмско надоврзување на Градскиот парк и кејот на реката Вардар. Предвидените содржини се проектирани во насока на дополнување на градскиот пејзаж, подобрување на квалитетот на животната средина, како и збогатување на културно- рекреативните содржини.

Со низа гестови произлезени од просторната околина како и потребите на населбата и градот, предметната локација низ проектот се трансформира во динамична парковска зона наменета за граѓани од различни старосни групи и со различни интереси. Преку овие гестови урбаната празнина станува интегрален дел во сликата на градот и се претвара во зелена пауза за поминување на слободното време.

Ситуација

Паркот е поделен во три главни зони:

  1. Шумски појас– кој се протега кон ободните улици на локацијата и низ кој поминуваат велосипедски и пешачки патеки. Тие водат кон внатрешноста на паркот, но истовремено се во функција на поврзување со окружувањето.
  2. Проширување на кејот на реката Вардар– каде преку поставување на монтажно- демонтажна инфраструктура се овозможува силна врска со постоечкиот кеј, кој протекува во паркот во облик на линиски плоштад, создавајќи простор за различни рекреативни намени.
  3. Средишен дел на паркот– простор кој нуди слободна зелена зона низ игра на топографија, културна интеракција и градини за истражување на разноврсни типови на високо и средно зеленило.

Шумски појас

Првиот чекор во конципирањето на проектното решение вклучува планирање на зона на пошумување која е поставена како еден вид на обрач околу предметната локација, кој во повеќе делови продира кон внатрешноста на паркот. Оваа зона претставува порозна граница помеѓу паркот и ободните улици: С1, С2 и ул. Љубљанска. Од котата на улиците, зоната на шумскиот појас е висински благо подигната до средишниот дел. Покрај доприносот кој оваа пошумена површина би го донела во подобрување на квалитетот на микро- климатските услови на локацијата и пошироко, истовремено претставува и рекреативна зона, преплетена со осветлени пешачки и велосипедски патеки кои имаат улога и на поврзување со окружувањето на паркот.

Зелен лавиринт

Проширување на кејот на реката Вардар

 Важен аспект при конципирањето на паркот е односот на просторот со кејот. Спортско- рекреативната зона на кејот ја поврзува парковската зона со градот, каде кејот протекува или се проширува во зоната на предметната локација, и ја оформува главната зона со содржини во парковската структура. Ова поврзување се случува како програмски, така и физички, па преку вертикални комуникации поставени на одредено растојание (скали и пристапни рампи), се совладува висинската разлика помеѓу кејот и паркот. Ова поврзување создава место за задржување на посетителите и можност да ги истражат останатите парковски содржини.

Подолжно на новосоздадениот линиски плоштад е поставена лесна челична линиска структура од монтажно- демонтажен карактер, која овозможува поставување на потребните содржини во паркот- наткриени површини со засенчување, јавни тоалети, шанкови, паркинзи за велосипеди, чешми и партерно зеленило. Сите содржини се ориентирани двострано- како кон кејот, така и кон просторот на паркот. Карактерот на структурата овозможува нејзино “празнење” или ”дополнување” во зависност од потребите на паркот. Долгата линиска структура завршува со бина или јавна сцена, во чија зона се случува и проширување за собир на публика. Дизајнот на поставената урбана опрема во оваа зона остварува нераскинлива врска со местото каде што е поставена, во смисла на просторно дефинирање.

Кеј – инфраструктура

Средишен дел на паркот

 Средишната зона вклучува содржини кои тематски и просторно се прелеваат една во друга и дефинираат зона за пространо движење, рекреација и различни активности. Овој дел од три страни е обиколен со шумскиот појас, а од северната страна во овие содржини водат пешачки патеки кои започнуваат од линискиот плоштад.

Во правец од запад кон исток на паркот се поставени тематски сегменти: брдо со платформа за набљудување, културна зона со павилјон и пространа тревна површина, детско игралиште со зелен лавиринт и ботаничка градина со цветен павлјон.

Поради недостаток на парковски површини на територијата на градот, новопроектираниот парк просторно и содржински е планиран за жителите на целиот град, но истовремено, преку планирани пешачки врски би се поврзал со станбените зони во населбата Карпош, станувајќи простор вткаен во секојдневието на околните жители.

Средишен ден – возвишување