Манастир Св. Никита – Горњане, Скопска Црна Гора / XIV век

Година : 1307

Ктитор: Цар Милутин

Локација: Горњане, Скопска Црна Гора

Фрескоживопис: Михаило и Ефтихиј

Извор: Википедија; www.cdnh.edu.mk; www.mia.mk; www.zase.mk; www.staroskopje.vestel.com.mk; предавања по предметот Историја на Архитектурата и Уметноста во Македонија, при АФС – проф. Елизабета Касапова; Споменици на Културата во Македонија, Скопје 1980;

Манастирот Св. Никита се наоѓа на падините од планината Скопска Црна Гора, помеѓу селата Бањане, Чучер и Горњане. Црквата е изградена од крал Милутин на преминот од 13-ти кон 14-ти век. Таа има карактеристична византиска архитектура и фасадна декорација, додека внатрешноста е покриена со живописот на познатите зографи Михаило и Ефтихиј. Денес се уште функционира како сакрален објект кој привлекува бројни верници и посетители, посебно поради магиските моќи на „љубовниот камен“ под кој се закопани коските на самиот светител.

Црквата има карактеристики низ кои се рефлектираат историските случувања од периодот на нејзиното градење. По српските освојувања територијата на денешна Македонија е поделена така што нејзините јужни делови припаѓаат на Византија, а северните, вклучувајќи ја и Скопска Црна Гора, влегуваат во границите на Српското Кралство под власта на Милутин. Тој по освојувањата дипломатски ги зацврствува своите односи со Византија преку брак со нивната млада принцеза Симонида. Целејќи кон модернизација тој прифаќа многу византиски влијанија кои, покрај другото, се манифестираат и во модата, сликарството и архитектурата. Гради низа сакрални објекти на територијата на неговото кралство, од кои некои имаат и западни романички влијанија. Но, црквите од Македонскиот регион, ги задржуваат само византиските карактеристики, како што се куполни решенија, опус на ѕидање и фасадна декорацијата.

Овој храм го гради врз темелите на постара црква и тоа со едноставно решение на впишан крст без нартекс, покриен со сводови и купола. На источната фасада се наоѓа повеќестрана апсида, која е карактеристична за овој регион.Останатите три фасади се решени во систем на триумфална порта – три лаци од кои централниот е повисок, а двата странични се пониски. Надворешната декорација се состои од керамопластика и второстепена пластика. Самото ѕидање е изведено во опус клуазон, а кај лаците и куполата има и посебни декорации од тула. Вовлекувањето на фасадните полиња во слепи ниши предизвикува дополнителна разиграност на надворешноста.

Внатрешните ѕидни површини се покриени со живописот на познатите мајстори Михаијло и Ефтихиј, кои работат на повеќе цркви под ктиторство на кралот Милутин. Нивните фрески се карактеристични за новиот стил кој претставува врвно достигнување на византиското сликарство. Тие го смалуваат форматот на сликите кои се простираат по целата површина на ѕидовите и сводовите, што им овозможува вметнување на уште повеќе композиции. Фреските се карактеризираат со разработени детали и наративност, разкажувајќи низа настани од Библијата и историјата преку сцени кои содржат многу ликови, последени со динамичност и колоритност.

Во средината на храмот е поставен кружниот камен под кој крал Милутин ги има закопано коските на светителот Никита. Се верува во магиските моќи на овој камен со кој е поврзан ритуалот за исполнување на желби. За извршување на обредот верникот застанува на кружниот камен се крсти, се врти во круг три пати и кажува молитва за љубов или здравје.

Неговото стратешко позиционирање на врвот на ридот му обезбедуваат на манастирот поглед кон околната природа и Скопската Котлина. Неговиот двор најмногу се користи од посетителите на црквата за време на разните обреди, но им служи и на повремените станари кои престојуваат во конаците. При добрите временски услови оваа атмосфера се збогатува со групи на млади кои го користат дворот за собирања, пикници и одмор. Токму збирот на овие различни намени го збогатуваат манастирот, правејќи го историско наследство кое продолжува да живее и денес.

Материјалот го приложи и обработи: Ноеми Чаусидис