Надградба и реконструкција на Семејна Куќа МЛ / 3SArchitects

Година на проект:  2022

Автори: Лазар Стојаноски, Наташа Стојаноска

Соработници: Димитар Цветковски, Христијан Ивковски

Проектантско биро: 3SArchitects, Скопје

Инвеститор: Приватен

Локација: ул. “Александар Мартулков” бр. 7, О. Ѓорче Петров, Скопје

Површина: 290 m2

 

Објектот се наоѓа во урбанистички реон со А1 намена кој датира од 80тите години на ХХ век, кога е изградена населбата со типски двокуќи за семејно домување со катност П и П+1. Во текот на 90тите години на минатиот век направена е доградба на југозападната страна со катност П+1 со што е оформена втора станбена единица. На барање на Инвеститорот изготвен е проект за надградба и реконструкција на постоечкиот објект како би се добила трета станбена единица. При проектирањето на објектот особено внимание е посветено на спојувањето на станбените единици во една складна целина. Избраните материјали ги задоволуваат современите норми за енергетска ефикасност и употреба на природни материјали на сите позиции кои го дозволуваат тоа.

 

 

Фасадата јасно и недвосмислено ги изразува засебните функционални делови. Употребени се квалитетни материјали – термичка изолација од тврдо пресована камена волна, на приземјето се комбинирани два контрастни материјали природно импрегнирано дрво и фасадна плочка, а катот е завршно обработен со фасаден абриб.

 

 

 

 

Фасадната столарија е комбинација од дрво и алуминиум врамена со метални рамки на кои се монтирани жардињери за ниско зеленило. Влезовите се поставени на истите позиции, но поради засебноста на станбените единици, вториот влез на доградбата од 90тите години е потенциран со метална пергола.

 

 

При проектирањето на објектот особено внимание е посветено на вклопување со урбаната форма и фасадното обликување според современите архитектонски текови и современ проектантски израз.