Прво продолжение на активностите во рамки на настанот „Регулирање на градењето во градски јадра прогласени за споменички целини“

На 22 јули 2022 година, во Битола, градоначалникот на Општина Битола и Претседателот на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, заедно со претставници на Општината, Комората и Националниот комитет на Меѓународниот совет за споменици и локалитети одржаа работен состанок. Состанокот претставува логично продолжение на активностите во насока на унапредување на регулативата што го регулира градењето во старите градски јадра.

 

 

Како резултат на настанот „Регулирање на градењето во градски јадра прогласени за споменички целини“, кој се одржа во Офицерскиот дом во Битола во декември 2021 година, Комората и ИКОМОС Македонија изготвија Извештај (преземи го Извештајот) во кој се предложени мерки и активности за унапредување на состојбите во областа, со особен акцент на состојбите во Старото градско јадро на Битола, а истите се конципирани во три целини: предлог мерки и активности на краток рок, предлог мерки и активности на среден рок и предлог мерки и активности на долг рок.

 

 

На состанокот беа детално презентирани предлог мерките и активностите од минатогодишниот настан, кои ја засегаат Општина Битола и се комплементарни со ингеренциите на општинската администрација. Градоначалникот и претставниците на Општина Битола изразија подготвеност и се заложија за имплементирање на истите, додека од друга страна Комората на овластени архитекти и овластени инженери, како центар на инженерскиот интелектуален капацитет на државата, и ИКОМОС Македонија, како советодавно тело на УНЕСКО, го ставија на располагање целиот свој потенцијал, кон остварување на заедничките цели на трите чинители.

 

 

Присутните на состанокот развија дискусија од која се донесоа заклучоци и се оформи акционен план врз основа на кој заеднички ќе дејствуваат во иднина.

Информацијата е верно пренесена од изворот >>> КОАИ