Стан на поткровје / Дончева

Година на проектирање: 2022

Година на изведба: 2022-2023

Автор: Маја Дончева, д.и.а.

Автор на фотографии: Бујото

Локација: Влае, Скопје

Површина: 60м2

 

Становите на поткровје секогаш нѐ воодушевуваат и инспирираат, а за нас архитектите се посебно предизвикувачки за уредување.

Станува збор за комплетно реновирање на стан со поставување на нова електрична инсталација, гипскартонски работи, вадење на постоечкиот и поставување на нов под.

Со површина од 60м2 и поглед кон Вардар, овој стан во Влае со отворен план има сè што е потребно за удобен живот. Ентериерот се одликува со чисти линии и практичност која беше единствена насока од клиентите кои ни оставија целосна слобода во изразувањето.

Ниските точки, закосените тавани и “чудните” агли не ги гледавме како ограничување – туку сосема спротивно, ги искористивме како адути кои го прават овој простор да биде посебен.

 

3D визуелизација на дневен простор

 

Се потрудивме сите детали да бидат различни, впечатливи сами по себе, но заедно да формираат една стилски компактна целина. Главен акцент ставивме на кујната, која со дизајн и боја отскокнува од остатокот кој е смирен и едноставен. Во проектот, бојата на кујната беше предвидена во пастелна сина нијанса, која во тек на реализација беше одлучено да го добие овој похрабар тон.

 

 

Од практични причини, во кујната поставивме плочки, а во дневната масивен паркет. Преодот од еден тип во друг тип на под стана еден интересен детал во целиот ентериер, бидејќи нема граница каде завршува едниот, а каде почнува другиот и во еден момент паркетот навлегува во плочките и обратно.

 

 

За мебелот кој е изработен по мерка од страна на Бујото, користени се висококвалитетни материјали како фурнир и ламинам, а готовиот мебел е од италијански производители меѓу кои се и полубарските столици од италијанскиот бренд Calligaris кои му даваат ретро шмек на целиот простор.

 

3D визуелизација на дневен простор

 

Во дневната соба покрај тв комодата е поставен елемент од стакло и челик во кој се поставени природни цвеќиња, со што е формиран уште еден впечатлив детал во целиот простор. Посебно внимание е посветено и на осветлувањето, застапени се различни видови на расвета, плафонско, но и ѕидно осветлување со шини кои се вградени во ѕидните облоги.

 

3D визуелизација на дневен простор и кујна

 

На дел од ѕидовите е поставена ѕидна облога, на дел ѕидна декоративна техника со бетон ефект, додека во ходникот еден ѕид е обработен со ѕидна декоративна техника во цигла портокалова боја.

 

 

Ходникот е целосно искористен за вградени плакари, поради недоволен простор за складирање во станот, искористувајќи ги “вдлабнатините” кои ги формираат носечките столбови.

Бидејќи спалната е со помала квадратура, а косините таму се најизразени, се потрудивме секој празен простор максимално да биде искористен за складирање со мебел изработен по мерка. Плакарите се комплетно прилагодени на геометријата на просторот и идеално вклопени во ентериерот.

 

3D визуелизација на спална соба

 

Во нашите проекти никогаш не ги занемаруваме тоалетите – па така и овде, тоалетот е со многу интересен дизјн. Во туш кабината се поставени хексагон плочки со терацо дизајн и порткалова боја која заедно со ѕидот во ходникот создаваат една приказна.

 

3D визуелизација на тоалет

 

Природната светлина игра голема улога во овој поткровен простор, па кога сончевите зраци паѓаат создаваат посебна уникатна и топла атмосфера потенцирајќи ги боите и изборот на материјали кои се надополнуваат едни со други.