Универзална спортска сала, Куманово / Димитров, Гелевски, 1980г.
04.03.2024 • ХХ век / II половина
Локација: ул. Октомвриска револуција, Куманово
Автори: Трајко Димитров, Живко Гелевски
Проектна организација: Македонијапроект – Скопје
Година на проектирање: 1976
Изведба: Козјак, Куманово
Година на изведба: 1980
Проект за реконструкција: ГЕИНГ ДОО Скопје
Реконструкција: 2021-2023г.
Извор: Каталог на БИМАС I / 1981 година; www.build.mk
Насловна фотографија: www.porta3.mk
Универзалната сала во Куманово е модернистички пример од типологијата на објекти за спорт и рекреација. Во периодот меѓу 70те и 80те години низ Македонија се градат повеќе спортски сали и базени со прагматични форми и унифицирана материјалност на фасадите и крововите. Ова ѝ дава на салата во Куманово футуристички изглед што го забележуваме и во други примери од опусот на архитектите Димитров и Гелевски.
Историски фотографии / извор: Каталог на БИМАС I / 1981 година
Објектот е изработен од систем на решеткасти носачи кои создаваат внатрешен волумен за спортски терен и трибини со капацитет до 4000 посетители. Оваа мрежа од решетки е видлива и во внатрешноста каде служи и како основа за поставување на сите потребни инсталации и светла.
Основа и пресеци од оригиналниот проект / извор: Каталог на БИМАС I / 1981 година
Архитектонскиот дизајн става акцент на комуникациите кои јасно се читаат и во план и во изглед. Едноставната квадратна форма на салата е продолжена со шест краци кои ги водат посетителите преку големи монументални скали до првото ниво и трибините. На приземјето се поставени и низа секундарни влезови за самите спортисти и вработени.
Надворешен изглед на влезовите пред реновацијата / извор: www.kumanovskimuabeti.mk
Специфично е дека објектот нема многу прозорски отвори, но на сите четири агли има големи надворешни тераси.
„Објектот се одликува со употреба на материјал како одраз и израз на потребите и можностите, со отфрлање на секакви елементи кои би асоцирале архитектонска декорација“.
Извадок од Каталог на БИМАС I / 1981 година.
3Д Визуелизација од спортската сала во Куманово / извор: рендери и видео од Иван Николовски, достапни на www.kumanovoplan.gov.mk
Фасадната обработка го покрива кровот и првото ниво со истиот материјал. Оригинално тоа беа панели од бакар и азбест, кои имаа каркатеристична темно сива/кафена боја. Но, во реконструкцијата, тие беа заменети со бели панели кои значително го променија и освежија надворешниот изглед на објектот.
Проектот за Универзалната спотска сала во Куманово е добитник на „Главната награда на I биенале на македонската архитектура“ за висок квалитет во проектирањето и реализацијата на архитектонско дело остварено во временскиот период од 1979 до 1980г.
Спортската сала во нејзиниот современ контекст, состојба пред реновацијата во 2021 / извор: www.kumanovskimuabeti.mk
Спортската сала во нејзиниот современ контекст, состојба по реновацијата на кровот / извор: www.kumanovonews.mk
Универзалната сала е сместена во спортско рекреативната зона покрај р. Кумановка, и денес е опкружена со други терени, тревници и високо зеленило. Во ваков контекст нејзината геометриска и футуристична архитектура прави таа да отсконкува како своевиден споменик на спортот.
Денес покрај за својата оригинална намена, објектот е место и каде се одржуваат низа културни и општествени настани.
Спортската сала во нејзиниот современ контекст, состојба по реновацијата на кровот / извор: www.commons.wikimedia.org
Автор на статија: Ноеми Чаусидис
бимас 1981 / Живко Гелевски / Куманово / Спорт и рекреација / Спортска сала / Спортско-рекреативен центар / Трајко Димитров